Пресврт: тешко е да се почне од нула, но, не и невозможно
Со желба да ја видат домашната вонинституционална театарска продукција како самоодржлива средина, група на млади театарски уметници ја формираа новата театарска група „Пресврт“. Велат дека „Пресврт“ е заедница на театарџии која овозможува простор за слободно творештво на театарска продукција преку експериментирање, истражување и едукација.
Периодов тие работат на нивниот прв проект, претставата „Иднината е приватна“. Таа е во режија на Милош Б. Андоновски, а во главните улоги играат Наталија Теодосиева, Дени Стојанов, Ангела Стојановска, Дарко Ристовски и Нина Елзесер. Костимографијата е на Ирина Тошева, а сценографијата на Наташа Вчкова.
Премиерата беше закажана за 23. април во Младинскиот културен центар во Скопје, меѓутоа, со оглед на вонредната состојба и препораките за превенција од новиот коронавирус, екипата ќе го презакаже датумот. На својот Фејсбук профил објавија: „Ситуацијата е тешка, но решивме да не креваме бело знаме, туку да се обидеме да ве охрабриме и вас, но и нашите колеги да се радуваме за иднината која доаѓа! И покрај тоа што премиерата ќе се презакаже ние продолжуваме со работа без откажување!“
Пробите ги оддржуваат онлајн, работејќи преку различни платформи, а на 27. март закажаа Oтворена проба за 10 луѓе кои се заинтересирани да се запознаат со процесот за претставата. Со ова, симболично го одбележаa Светскиот ден на театарот.
За својата прва претстава „Иднината е приватна“, Пресврт пристапува истражувачки и од продукциски аспект: Веќе месец дена трае нивната „crowdfunding“ кампања, преку онлајн платформата GoGetFunding. За секоја донација се добива билет за една од изведбите на претставата „Иднината е приватна“ кои ќе се случат по стабилизирање на состојбата со коронавирусот.
Одговори на прашањата дали може да се заобиколат институциите и можни ли се алтернативни начини за финансирање на проект од сферата на независната продукција – немаме, но затоа ве повикуваме да нè поддржите и да учествувате со нас во креирањето на оваа наша прва претстава.
„Дали човековата приватност ќе исчезне под влијанието на социјалните мрежи или ќе може да се сочува? Кој е нашиот идентитет во сајбер просторот, а кој кога сме сами дома или со блиските? Дали во иднината ќе постојат влади или приватните корпорации ќе го преземат општественото раководење?“, се дел од прашањата кои претставата ги обработува.
„Решивме дека за нашата прва претстава ќе ги скокнеме институциите, затоа што сакаме да ја видиме вонинституционалната театарска продукција во нашата држава како самоодржлива средина“, вели екипата на „Пресврт“ во своето видео за кампањата.
А на прашањето, што значи поддршката на јавноста за нив, тие велат:
„Значи постоење на можност за промена на статусот кој независната македонска продукција го има, како и свртување на вниманието кон условите во кои голем дел од театарските работници творат. Значи дека сте општествено одговорни и препознавате група на млади луѓе кои едноставно, сакаат да работат. Значи колегијалност и солидарност, доколку поддршката дојде од колегите ширум театрите. Значи мотивација зашто е тешко да се почне од нула, но не и невозможно“.