Доза вести

Пријави се за учество на првиот пловен маркет на Охридското Езеро

Време на читање: < 1 минута

Креативна заедница од регионот на Охрид и Струга отвораат можност за соработка преку учество на првиот пловен маркет на Охридското Езеро. Тие повикуваат занаетчии, артизани, дизајнери, луѓе кои произведуваат храна и други креативци кои имаат да понудат производ изработен со љубов. Настанот ќе се одржи на 16-ти јули 2025 година.

– Добредојдени се апликации од локални креатори (регионот на Струга, Охрид), но не ги исклучуваме и оние кои би дошле и од подалеку. Пловниот маркет го мозгаме и реализираме заедно со Спортски клуб „Соларис“, експертите за баланс и авантура на вода и Europe House Struga – новата надеж за Струшката школа и со партнерите во проектот Lakescape – креативна платформа за регенерација на големите европски езера – велат организаторите.

Појаснуваат дека ќе изберат до 10 излагачи од пријавените, за кои ќе се обезбедат: пловни објекти, логистика за превоз на купувачи и посетители на маркетот и за купопродажба на вода, понатаму, активности на вода, промоција и креатива за настанот како и освежување.

Во позадината на иницијативата е проектот Lakescape – креативна платформа која ги истражува релациите помеѓу водата, дизајнот и луѓето.
Lаkescape ги поврзува креаторите од Големите Европски езера Ванерн (Шведска), Балатон (Унгарија) и Охридското Езеро, за да истражуваат и ги потенцираат можностите за коегзистирање помеѓу луѓето и водата, на одржлив начин.

– Преку прототипизирање и тестирање на пловечки маркети и преку поддршка на дизајнери да создадат одржливи колекции и производи – пријателски кон езерскиот живот, сакаме да истражуваме нови културни можности и прекугранични соработки кои придонесуваат кон регенерација на езерските екосистеми и крајезерските заедници – велат организаторите на локалната иницијатива, Здружение Иницијатива за независен културен активизам ИНКА, Струга.

Повеќе за проектот може да се информирате на веб страната lakescape.eu.

Пријавите за пловниот маркет се на овој линк.

Напишете коментар