Доза вести

Природните потенцијали се стожерот на руралниот развој

Време на читање: 5 минути
ВО СТРУШКОТО СЕЛО ГЛОБОЧИЦА – ПРОМOВИРАНО НОВОТО ИЗДАНИЕ НА „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“
- банер -

Најновото издание издание на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, посветено на тема: потенцијалите на руралниот развој, својата промоција ја доживеа во недопрената убавина на струшкото село Глобочица, кое е синтеза на приказни кои го запираат здивот за некогашниот начин на живеење, и, во исто време, на раѓањето нов живот, поттикнат од солидарната и иницијативна природа на мештаните.

Во друштво на гости, љубопитни за слоевите и потенцијалите на местото кое ја дели месноста Малесија од Дримкол, за патувањето низ густите дабови крошни до црквата Св.Антонија, за сеќавањата, кои, нештедејќи се, ги раскажуваат мештаните, за зелената боја на езерото во кое се „бањаат“ среќните дрвја, додека на вжештениот сплав кај присутните се раѓа чувство како да се во оаза каква што посакуваме да се негува насекаде во иднина…,виделина виде и најновото издание на „Лице в лице“, кое одлучи преку своите страници да укаже токму на капацитетите што како земја ги имаме, а на кои им е неопходно малку поуверливо препознавање од наша страна, и секако, поголема нега и грижа.
– Ја реоткриваме, се одушевуваме на својата земја и заклучуваме дека сме затрупале и сме направиле невидлива една огромна планина од можности и сме запустиле многубројни предели полни со потенцијал во кои реално и нема услови за живот зашто не ни биле приоритет, а не сме ја препознавале ниту потребата од нив. Низ овој број на „Лице в лице“, нашите соработници го отворат сезамот со ризницата можности скриени длабоко на планините, езерата, реките, селата, водопадите… Разговаравме одблиску со луѓето што живеат од фармерство и од рурален туризам, со луѓе што го оставиле „нормалното“ и влегле во нешто сосема друго. Со луѓе што се фокусирале на најдоброто од Македонија, го најавува најновото издание, Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, и главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“.

Од „Genuine experience“, платформа за автентични туристички искуства, кои беа гости на овој неформален настан, велат дека туризмот може да биде идеална алатка за развој на неразвиените рурални подрачја во Македонија, но, истовремено, ако не се применат принципите на одржливост, може да биде погубен за малите, автентични, заборавени селца со малку жители.

– На пример, ако едно убаво село се поврзе со асфалтен пат до „цивилизацијата“, и тоа од една страна би изгледало како економски неопходна активност, од друга страна неминовно ќе донесе секакви луѓе од кои многумина нема да го ценат автентичното и ќе го уништат, загадат, разорат. Во едно мало селце, не може и не треба да има стандарден ресторан во кој собира 100 луѓе на пример. Треба да се нуди домашна храна во домовите на локалците за мали групи, а не за цел автобус. Ние нудиме модел на туризам кој ќе помогне на локалното население, притоа не уништувајќи го токму тоа поради кое некое мало место е автентично и вредно за посета, велиЈасминка Поповска, една од основачките на платформата.

- банер -

На промотивното дружење во Глобочица, до каде се стигнува само со кајче, се приклучија пријатели и поддржувачи на „Лице в лице“, придружени од струшкиот продавач Игорче Шајноски, еден од најуспешните продавачи на списанието.. Сите тие ја почувствуваа гостопримливоста на мештаните, кои, на традиционален начин, подготвија бројни вкусни специјалитети.

За Тина Тодороска Петроска, активистка и дел од струшката организација ИНКА, Глобочица е место кое има многу што да ни каже, но, и место кое нѐ кани на тихување, на некажување.
 – Шумата е тивка, езерото е тивко.  Овде брзината не функционира. Единствено трпеливото успорување ќе ти ја раскаже приказната. Домаќините се тивки, ненаметливи, и тие раскажуваат преку тишината. Те оставаат да почувствуваш, да видиш сам…  Само ќе ги видиш од време на време, дека беспрекорно се тука за тебе. Тој ден ти го посветуваат, се отвораат, ама со душата, како заедница, како комуна која е заедно во сѐ! Сум видела јас селска гозба, гостољубиви домаќинства, но, да те пречека цело село заедно како едно, е тоа не сум видела. Те носат во срцето на селото, како што го донеле селото, заедно, 40-тина луѓе, без чии клучеви е невозможно да бидеш „лицевлице“ со Глобочица, вели таа.

Меѓу гостите беше и писателот Милош Димковски, познат под псевдонимот, Евгениј Хоуп, кој со голема пасија ги раскажува сите свои авантуристички патувања. Патешествието за Глобочица, ќе можете да го читате наскоро на веб страницата на „Лице в лице“, www.licevlice.mk, a во најновото издание на списанието, овој патувач и автор, се наоѓа и на една од кавер страниците, каде порачува: „Читам „Лице в лице“, затоа што сакам да се запознаам со другоста што постои во светот“.

Инаку, 41. издание на „Лице в лице“, носи и теми кои нѐ запознаваат со хероите на Шара, кои го враќаат животот во планините, потоа стории кои зборуваат за тоа колку пандемијата ги промени шемите на производство и консумација, но, и приказни кои ни претставуваат млади луѓе кои одлучиле да го заменат урбаниот хаос со руралното спокојство, но, и да се занимаваат со земјоделство, затоа што се свесни дека патот до одржливост, води низ иницијативи кои ја будат свеста за нашата улога во градењето квалитетна и здрава иднина.

На насловната страница се наоѓа наша планинарка и активистка, Марија Ѓурчиновска, фотографирана при достигнувањето на Титов врв, а целиот дизајн на списанието е дело на Зоран Инадески.

Списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, освен во директна продажба, достапно е и онлајн преку веб продавничката,  https://lvl.vebstrana.com/, (каде може да се купи печатено и електронско издание, актуелен број или годишна претплата).
Овој број, во рамки на кампањата „Читај Лице в лице“, секоја среда со почеток во 18 часот, читателите ќе може да го најдат и на „Бродот на среќата“ во центарот на Скопје, каде ќе имаат можност да се дружат со продавач на „Лице в лице“.

Фото: Томислав Георгиев
Повеќе – на линкот
________________________

„Лице в лице“ е списание за одржлив развој, кое излегува во Македонија од септември 2012 година, и го промовира моделот на социјално претприемништво.
 
Продавачи на списанието кое што ги поттикнува компаниите на општествена одговорност, а преку темите што ги пласира се грижи за подобрата иднина на маргинализираните групи, како и за јавниот простор и животната средина, се претставници од најранливите слоеви во општеството, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) оди за продавачот, а половина за печатење и за активности кои го подобруваат животот на маргинализираните групи.

Промовирајќи го моделот на социјално претприемаштво, списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите категории граѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – социјална вклученост, социјална политика, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на интерес на списанието.

Напишете коментар