Блог

Овој предлог нема да зголеми наталитет – туку ќе ги зголеми жртвите

Време на читање: < 1 минута

По денешниот контроверзен предлог на премиерот Христијан Мицкоски, кој во рамки на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија“ зборуваше за воведување данок за граѓаните кои не се во брак и немаат деца, јавноста бурно реагираше. Една од најпрецизните и највпечатливи реакции дојде од нашата социјална менторка, Магдалена Чадиноска Кузманоски, која работи со жртви на семејно насилство.

Во својот статус на социјалните мрежи, таа укажа дека ваквиот предлог, не само што нема да резултира со зголемен наталитет, туку ќе доведе до зголемување на присилни бракови, несакани бремености и семејно насилство. Притоа, ги посочи и поразителните податоци од теренот: во последните пет години бројот на пријави за семејно насилство е зголемен за над 30%, а финансиската зависност е главна причина што многу жени остануваат во насилни бракови.

Овој предлог нема да создаде нови семејства – ќе создаде нови жртви- потенцира Чадиноска Кузманоски, повикувајќи на фокус кон креирање услови за достоинствен живот, поддршка за родителство и економска стабилност, наместо политики базирани на притисок и казна.

Нејзината порака се издвојува како глас на искуство, повикувајќи на социјални политики засновани на реалноста, а не на еднострани, репресивни мерки. Според неа, вистинската демографска стратегија не е оданочување на личниот избор, туку инвестиција во средина каде што луѓето доброволно ќе изберат да создаваат семејства – од љубов, а не од страв.

Напишете коментар