Книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала; разговори со Влада Урошевиќ“ од Владимир Јанковски утревечер ќе биде промовирана во кафе-книжарницата „Буква“.
Промоторка на изданието ќе биде писателката и книжевната критичарка Оливера Ќорвезироска, а на промоцијата ќе се обратат и Влада Урошевиќ и Владимир Јанковски.
Како што соопшти Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ е книга во која преку прашањата што Јанковски му ги поставува, Урошевиќ нуди еден вид авторефлексија за сопственото творештво, за некои аспекти од сопствениот живот, за феномените од македонската литература и, воопшто, култура.
Урошевиќ ги дава своите перспективи за широк спектар културолошки појави, од францускиот надреализам, фантастиката во литературата и сликарството, источните филозофии и култури, односот меѓу книжевната критика, историја и помнењето во литературата, преклопувањата и дијалозите меѓу навидум оддалечените култури, влијанието на имагинарното во секојдневниот живот, значењето на археологијата во обликувањето на свеста за нашата цивилизација итн.
– Бидејќи ова пред сè е книга за еден живот и за еден животен пат, сите споменати културолошки аспекти на еден посебен начин се „прекршени“ преку личноста и делото на Урошевиќ, преку неговата гледна точка и животен пат, наведува издавачот.
Според Оливера Ќорвезироска, „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ претставува „вистинска посластица“, особено за познавачите на творештвото на Урошевиќ.
Во неа на единствен начин, барем во домашната книжевност, се поврзани стварноста и фикцијата, животот и книгите на Урошевиќ; таа е засведочена панорама, прелет над македонската книжевност последните повеќе од шест децении, но и еден вид широк, раскошен портрет на Урошевиќ како еден од нашите најзначајни автори.
Оливера Ќорвезироска (Куманово, 1965) е писателка и критичарка. Основно и средно образование завршила во родниот град Куманово, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи.
Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство.
Нејзините книги се преведени на англиски, француски, унгарски, албански, турски, чешки, српски, словенечки, бугарски, полски и руски јазик.
Повеќекратен добитник е на значајни награди за расказ во земјава, а за „Сплетени раскази“ во 2003 година ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“.
Меѓу најзначајните книги на Ќорвезироска спаѓаат: „(С)плетени раскази“, „Аб’т“, „На полпат: (критика или молк), „Престапни години“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, Кифличката Мирна“, „Мојот брат од тринаесеттиот кат“, „Отвораат ли сништата работа“, „Заклученото тело на Лу“, „Страдањата на младиот лектор“.
Влада Урошевиќ (Скопје, 1934), поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач.
Поминал значаен дел од животот како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, држејќи курсеви по историја на европските литератури од XIX и XX век.
Објавил единаесет збирки поезија, седум збирки раскази, седум романи, три книги записи и патописи, повеќе книги во кои се собрани критиките и есеите во кои зборува, главно, за македонските писатели.
Објавил две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Автор на поголем број антологии.
Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, италијански, полски, руски, словенечки, српски, француски, хрватски и шпански.
Во 2023 година, по наградите „Роман на годината“ и „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, прогласен е од Македонската асоцијација на издавачи за „Автор на годината“.
Владимир Јанковски (Скопје, 1977) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Има објавено седум книги: „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ (2023), „Скриени желби, немирни патувања“ (2020), „Невидливи љубови“ (2015), „Вечно сегашно време“ (2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, 2008) и „Огледало за загатката; разговори за Влада Урошевиќ“ (2003).
За романот „Скриени желби, немирни патувања“ ја добил наградата „Роман на годината“ на „Фондацијата Славко Јаневски“, а за „Невидливи љубови“ наградата „Рациново признание“.
Активно се занимава со книжевен превод. мд/аа/Фото: Издавачка куќа „Антолог“ од Скопје.