Промоција на новата книга на Ана Јовковска
Издавачки центар „Три“ на 5 февруари (среда) ќе ја промовира новата книга „Сакам, значи постојам“ на познатата новинарка и активистка Ана Јовковска. Промоцијата ќе се одржи во арт-локалот „ЛИ“, со почеток од 19 часот.
„Сакам, значи постојам“ е натопена во љубов, животни искуства, болка, слобода и радост. Обликувана како отворен разговор во и надвор од себеси, Ана тргнува од Декартовата максима „Мислам, значи постојам“, која како жена и мајка, ја трансформира од мислам во чувствувам и сакам. САКАМ во себе содржи цел еден друг свет на МОЖАМ! Тоа e оној внатрешен импулс на проактивност за подоброто внатрешно ЈАС, подобар живот, подобар свет… Kачена на својот велосипед, на тркалото на животот, Ана го бара ѕвончето со кое ќе свирне за ПРОМЕНА! Некогаш тивко, некогаш гласно, но секогаш со верба дека овој комплициран свет може да се спаси со ДОБРИНА и ЉУБОВ!“, стои во рецензијата за книгата на професорката Ана Мартиноска.
Книгата ќе ја претстави писателот и професор Александар Прокопиев, а настанот е замислен како мултимедијална синтеза од разговор, музика и дружење.
„Сакам, значи постојам“ е третa книга на Ана Јовковска. Досега ги има објавено „Пулсот на времето“ (2015) и „Ехо на слободата“ (2018). Активна е на социјалните мрежи, а пишува и колумни за списанието „Портрет“.