Фејми Даут – првиот Македонец на островот Смит на Антарктикот – снима документарен филм

Ледените пештери се фасцинантни, нешто што посебно ми остави впечаток и доживеав преубаво искуство. Место каде што ја почуствував историјата на планетата. Да бидеш помеѓу глечери кои се стари околу 10 милиони години. Го гледаш и доживуваш пред себе еволутивниот процес на земјината топка, раскажува кинематограферот Фејми Даут, кој беше дел од познатата четворка зад успешниот документарец „Медена земја“.
Тој е изминативе месеци беше во нова професионална авантура, снимајќи документарен филм за исклучителен истражувач и визионер, кој работи на истражувања на Антарктикот.
Во ова интервју, раскажува за оваа нова професионална авантура. Со „Лице в лице“ сподели и негови фотографии, кои ги објавуваме во рамките на оваа содржина.
Скролам низ социјалните мрежи. Вниманието ми го привлекуваат прекрасни фотографии од огромни санти мраз. Фотки од пингвини, фоки и други животни, кои не знам ни како се викаат. Македонско знаме развеано некаде мнооогу далеку. Табличка Скопје, 13.660 км… Нешто важно и интересно се случило.
Гуглам, па отворам Тајм.мк, нема инфо. Последното инфо за Македонци на Антарктик е она за успехот на алпинистката Илина Арсова и нејзиното освојување на „Седум врвови“, вклучително и Винсон на јужниот пол, во 2019-та година.
Како бе, македонското знаме развеано на поларното тло, а нема инфо?!
Ајде инбокс кај Феко да провериме…
Погледнувам низ прозорецот, партали снег го покриваат скопскиот асфалт. Снежно и студено утро во Скопје.
Од другата страна на светот, во исто време, директорот на фотографија Фејми Даут ми праќа селфи со ледници кои се стари милиони години. Одговорил на прашањата за интервју во „Лице в лице“. Ех, што ти е Интернетот, баш го прави светот глобално село.
Даут, за пријателите познат како Феко го знаеме и како дел од тимот на наградуваниот документарен филм „Медена земја“, и низа други остварувања. Тој изминатиов период беше на Антарктикот, најјужниот и најмалку населен континент.

Првиот Македонец којшто стапнал на островот Смит на Антарктикот, којшто го посетуваат само алпинисти и истражувачи. Како еден директор на фотографија се најде таму?
Морам да признаам дека чуството е прекрасно, уникатно, дури неопишиво. Се чуствувам баш како некој освојувач на непознати пространства… Самото пристигање на островот Смит беше доста возбудливо, не само за мене, туку и за целата експедиција. Островот е тешко пристапен за голем број експедиции. Како што дознав од екипажот, досега само три или четири алпинистички експедиции имаат стапнато на Смит. Ова беше историски подвиг и за Бугарскиот Антарктички Институт, бидејќи се првата експедиција која има извршено научни истпитувања/истражувања и кадешто успешно земаа примероци од самото тло како и примероци од снежните површини за научни истражувања.

Пингвини, фоки, санти лед… Веројатно тишина… што уште има таму?
Дефинитивно мир 🙂
Не би рекол дека има тишина. Тука и најтивките денови се ветровити и опкружени со звуците кои доаѓаат од одронувањето на глечерите и нивно слевање во морето. Тоа се громогласни звуци кои се слушаат на километри далеку од базата. Тие паднати глечери формираат таканаречени ледени супи на површината на морето. Имавме прилика неколку пати да пловиме покрај нив.
Покрај пингвините, чести жители беа и морските леопарди, кои со љубопитен поглед нè следеа а на моменти и позираа. Китовите беа тие кои најмногу ни одземаа внимание. На неколку наврати бевме во непосредна близина и успевавме со помош на дрон да направиме доста убави кадри со нив.
Ледените пештери беа исто фасцинантни, нешто што посебно ми остави впечаток и доживеав преубаво искуство. Место каде што ја почуствував историјата на планетата. Да бидеш помеѓу глечери кои се стари околу 10 милиони години. Го гледаш и доживуваш пред себе еволутивниот процес на земјината топка.


Повеќе години по „Медена земја“, повторно се покажуваш како амбасадор на Македонија. Како дојде до соработката со Бугарската експедиција?
Јас сум дел од оваа експедиција благодарејќи на една успешна соработка со продуцентката на овој проект Елени Декидис. Со неа претходно заедно соработувавме на македонскиот долгометражен игран филм „Бизнисот на задоволството“, кој го работеше режисерот Гоце Цветановски. Уште пред две години, се појави и интересот, да се сними документарен филм за професорот Христо Пимпирев. Тој е основач и најодговорниот човек за тоа да се постави бугарска научно-истражувачка база на Антарктик, уште пред повеќе од 30 години. Пимпирев е човек со голема визија и мечта за освојување нови пространства. Во 1988 година, за првпат, заедно со Шпанската Антарктичка експедиција доаѓаат на островот Ливингстон каде што почнуваат со првите научни истражувања а подоцна и поставување на нивните научно истражувачки бази на истиот остров.
Може да се каже дека работам на документерен филм за одбележување на неговата кариера и влијание за време на изминатите 30 години поминати овде на јужниот пол. За самото реализирање, моравме да почекаме за финансиска поддршка од Бугарскиот национален фонд, скоро две години. Сепак се работи за комплексен проект, бидејќи моравме да се придржуваме до одредени протоколи и рокови.

Како е таму далеку? Каква беше вашата подготовка за оваа авантура?
Самото патување до тука беше доста напорно, но и возбудливо. Поминати преку 18.000 км. Имавме пет лета од Софија (Рим, Буенос Аирес, Сантијаго, Пунта Аренас) до островот Кинг Џорџ и потоа уште 10 часа пловење со брод до островот Ливингстон.
Антарктик е буквално една посебна планета. Како да не се наоѓа на земјината топка. Временските услови, снежните покривки, ледените парчиња (ледена супа е терминот кој го користат) кои пловат на површината на морето, глечерите, пингвините, морските леопарди и китовите кои пливаат во морето, сето тоа изгледа магично.
Сакаш секој момент да трае уште повеќе и да снимаш што е можно повеќе.
Тоа што е доста интересно на овој континент, мислиш дека околината изгледа иста, но секој изминат час или половина час, сликата е сосем различна. Можеш слободно да кажеш дека си бил на друго место, а сепак си на истото место. Затоа е доста интересна за следење и опсервирање. Како снимател и фотограф, не можам да се изнагледам на природата околу мене. Имавме денови каде беше отежнато движењето поради силниот ветер од 70-100 км/ч.
Пред самото доаѓање на островот Ливингстон, имавме речиси една недела за подготовки во Софија. Членовите од екпедицијата ни дадоа доста добри и прецизни инструкции за тоа што во суштина би нè очекувало на базата. Многумина од нив повеќе пати доаѓале на островот и имаат доста големо искуство.
Една од најважните работи при самото пристигање на островот, беше безбедноста за секој член на екипажот. При самото пристигнување на островот Кинг Џорџ, моравме да се облечеме во специјални „Викинг“ водоотпорни костими за да може да се пренесеме од копно кон бродот и обратно.

До кога си на Антарктикот?
Овде сум уште само еден ден. Мисијата веќе е при крај и поголем дел од експедицијата се враќа назад кон Бугарија. Ни претстои долг и напорен пат. До наредната дестинација во Комодоро Ривадавиа во Аргентина, околу 5-6 дена ќе пловиме на бродот „Св.Кирил и Методиј“. Потоа со авион назад до Софија. Во првите два дена се најавуваат големи циклони. Според информациите кои капетанот на бродот ни ги пренесе, се очекуваат бранови од 3-4 м и самото пловење со бродот ќе биде доста отежнато и под посебен режим на движење низ бродот. Се надевам дека ќе го надминеме лесно и без некаква сериозна морска болест. Тоа што ми претстои после Антарктик е долг и спокоен одмор дома со најблиските. Поради професионални ангажмани, речиси пет месеци одсуствувам од дома.

Што да очекуваме следно од филмската камера на Фејми Даут?
Во најава за снимање се уште неколку краткометражни филмови во Македонија и во Бугарија. Во тек се два долгометражнни документерни филмови во македонска продукција, кои ги работам веќе подолго време, но за нив повеќе детали ќе откријам кога ќе дојде вистинското време.
Фотографии: Фејми Даут