Магазин

Прво ме тепаа таткото и сопругот, потоа системот

ВО ОВАА ЗЕМЈА, КОГА СТЕ ЖРТВА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО МОЖЕ САМО ДА ВИ ЈА ПРЕВРЗАТ РАНАТА. НА ЛЕКУВАЊЕ НА ПРИЧИНИТЕ, ЗАБОРАВЕТЕ, ВЕЛИ МИЛЕНА, ЖРТВА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, МАЈКА НА 20-ГОДИШЕН СИН И НА 18-ГОДИШНА ЌЕРКА СО ПРЕЧКИ ВО РАЗВОЈОТ

Милена е 40-годишна жена, ситна по конституција, разговорлива, насмеана… со ништо не остава прв впечаток дека поминала низ густо животно премрежје, освен, можеби, со линиите околу очите… Додека ја раскажува својата приказна, бројот на прстени околу нив расте.

„Раѓаш инвалиди“, „Не можам да го допрам, не па да го бањам“…
Човекот што во нејзиниот живот бил асоцијација за најголема младешка љубов, еден ден, по раѓањето на нивното прво заедничко дете, станал нејзина најголема закана.  Нејзината сторија за семејното насилство што го трпела – ја наежува кожата, а филмски режисер во неа би видел „добар филм“. Особено, затоа што во овој животен „филм“ се разоткрива и вистинското лице на системот, со сите негови шуплини, дехуманизираност, аномалии.

– Сега сум уште позагрижена во животот, отколку пред 20 години, кога почна серијата силни удари. И физички и психички. Тогаш ме тепаше еден човек, оттогаш наваму ме тепа целиот систем. Опкружувањето. Се чувствувам исплашена, за децата, за нивната иднина, за себе… – раскажува Милена.

Без поддршка од најблиските

Во оваа земја, кога сте жртва на семејно насилство може само да ви ја преврзат раната. На лекување на причините, заборавете, вели оваа млада жена, мајка на 20-годишен син и на 18-годишна ќерка со пречки во развојот.
Нејзиното прво дете се раѓа со еден бубрег, што било и иницијална причина за појава на гнев и на насилство кај нејзиниот сопруг. Тогаш почнале и првите проблеми. Како што напредувал синот, навредите и насилството стивнувале. Но, само како затишје пред нова бура.
Раѓањето на второто дете довело до раѓање нов бран гнев и агресија кај нејзиниот партнер.
– Девојчето ми се роди со изгорена кожа на лицето, како некоја реакција од плодовата вода. Никој не можеше точно да ми каже од што е. Сопругот не сакаше да ја земеме од болница, викаше „Чудовиште ли ќе носиме дома? Зошто не им рече да го умрат бебето?“  Станавме куче и маче. Завршив в болница и со синот. Неразвиениот бубрег, во меѓувреме, почнал да му скапува. Го опериравме, а тој и за тоа време не престануваше со закани. Кога се вратив дома, по 2,5 месеци, го најдов со друга жена. Нова борба во низата… Зачестија викањата, тепањата, заканите, кои завршуваа со „Оди си“ – раскажува Милена.

За жал,  во овие тешки моменти за неа и за нејзините деца, отсуствува поддршката и од најблиските, од првото семејство, нејзините родители, бабата и дедото на двете внучиња.
– Помош побарав и од пријатели, ама некои од нив ми рекоа „Што си барала, тоа си нашла“. Моите не ме сакаа да се вратам дома со децата. Поддршка од никаде. Трпев уште шест месеци, ама насилството доведуваше до онесвестување, викање брза помош. Откако излегов од болница, не личев на човек. Не знаев веќе ниту каде да појдам, ниту на кого да му се обратам. Иако секаде беше пријавено, сите останаа глуви  – раскажува Милена низ солзи.

Општество полно со стигматизации

Шелтер-центар во Скопје. Тоа е нејзината следна дестинација. Од тука излегува на виделина и сета неорганизираност на системот да ја заштити жртвата на семејно насилство.
– Не постоеше никаков однос на заштита, иако веќе беа информирани од полицијата од градот од каде што пристигнав. Ме примија со ароганција и со забелешка дека ќе имам еден оброк во денот, а за другите два, за децата и за себе, ќе треба да се снаоѓам. Се поведе постапката за развод, и тоа брзо се заврши. Таткото не сакаше веќе да си ги види сопствените деца, ниту, пак, да плаќа алиментација за нив, изречена од судот, 500 денари за дете. Не е важно. Сакав само децата да останат со мене. За делење на заедничкиот имот веќе не стануваше ни збор. Сѐ се урна – објаснува Милена.
Една година откако се развела, од шелтерот ја советувале да го напушти затоа што веќе не ја демне никаква опасност. Тоа што немала работа, покрив над глава и била со две мали деца, останале факти во сенка. И покрај тоа што таму имало и жени што ги школувале своите деца, останале и по седум-осум години, аршинот, всушност, не бил ист за сите. Дел од нив биле испратени и во Холандија, каде што животот им добил сосема поинаква димензија.
– Нашето општество е полно со стигматизации. Ако живеете во помало место, нема многу надеж за нов живот. Жените-жртви што заминаа во Холандија добија свој дом, можност за доедукација, работа, психосоцијална помош за нив и за нивните деца. Ова беше апстракција за вратите низ кои јас влегував и излегував. Бев принудена сама  да си барам некаков излез, додека сѐ уште бев смртно преплашена од можни закани – вели таа.
По ваквите инсистирања, Милена заминува. Се вработува во бурекчилница, каде што работи за 100 евра. Не стигнуваат ниту за кирија, ниту за сметки. Прави „сојуз“ со уште една жена за да си бидат поддршка една на друга. Но, ваквиот сојуз не носи секогаш бенефити, некогаш е извор на проблеми.
– Најдовме стан под кирија, едната работеше за тоа, другата за сметки. Работевме на смени, за да можеме наизменично да си ги чуваме децата. Жената била жртва на синџир со бели робје. Понекогаш овие жени во тоа повторно гледаат излез од  ситуацијата во која се нашле. Ги земав децата и го напуштив станот. Спиев четири-пет дена во бурекчилница, па потоа најдовме нова соба под кирија, која немаше бања. Немав основни услови за хигиена, перев кај газдите – се присетува Милена.

Социјалните станови се за деца од дом, моите се „улични“

Нејзина следна дестинација се бараките во Општинскиот суд во Бутел. Дупки во ѕидот, скапани дрвени клупи, глувци на сите страни, импровизирано греење… „Ама, ако, си велев, тука нема кој да нѐ избрка“, раскажува таа.
Во текот на сета оваа голгота, Милена постојано оди во центарот за социјална работа надевајќи се дека некој не само што ќе се заинтересира за нејзината ситуација, туку дека ќе почне и да дејствува зашто на стресните ситуации им немало крај. Ваквите очекувања резултирале само со едногодишна социјална помош од 1.800 денари. Тешко и мачно, ама, вели, сепак, верувала дека и урнатините во бараките можат да донесат мир кога никој не те брка, не те напаѓа, не те навредува или повредува. Заедно со своите деца, во распаднатите камења почнала да го гради својот „дом“, кој се потпирал на надеж, упорност, волја за поинакво утро.
– Останавме цели осум години. Почнав да работам во еден сервис за продажба на апарати за чистење. Предност беше што не плаќавме кирија за таа соба, па можевме да си дозволиме и храна, нешто облека и споените дрвени клупи, прекриени со јорган да ги замениме со еден кревет. Дури и со 12.000 денари, задоцнето платена алиментација, купивме телевизор. На среќата ѝ немаше крај. Бевме во дупка, ама, сепак, поблиску до радоста… како да почнавме да личиме на семејство. Еден ден од Бит-пазар на двете деца им купив и малечки велосипеди и со нив стигнавме до Бутел. Тоа беше искуство што за миг ни донесе насмевки на лицата – раскажува Милена.
Ама овие години не минуваат без проблеми, особено во средина каде што предрасудите се високо на пиедестал. Кога разведена жена бара работа, вели таа, секогаш е во нова ранлива состојба поради етикетите или понудите што ги добива и одбива.
За жал, во овој период повторно надоаѓа темен облак во животот на семејството на Милена.
Зима, февруари, бараките се уриваат… сета покуќнина и моментни радости се прекриени со прав. Надежта е поново затрупана. Системот како излез им го нуди „Чичино Село“, а не социјален стан од тие што се градат на местото од бараката каде што поминале добар дел од својот живот.
– Го видовме „Чичино Село“ и разочарани се вративме назад. „Таква ти била судбината“, ми велеа од центарот за социјална работа кога одев и прашував за социјален стан. Како да се некои гатачи. Следи на телевизија, ќе биде објавено, ми „дообјаснуваа“. Упорно ме информираа дека тие станови се за деца од дом… Се прашував како гледаат на моите. Моите деца беа улични. Растеа на улица, никогаш не видоа што значи хармонија, не добија психо-социјална помош. Знаеја само за трауми. Се чувствувам одговорна за нивната состојба, но и немоќна да променам нешто… – вели Милена.

Во кругот на насилството

Несреќите не застануваат тука. Милена на случаен преглед од работа добива дијагноза дека има канцер. Неопходна е терапија, која ја врзува за кревет и ја оддалечува од работата, во која покажала одлични резултати, напредок, и преку која за првпат се почувствувала достоинствено и посигурно.
– Се направив 40 килограми. Не смеев да се вратам на работа. Заштедите што ги планирав за некакво можно учество за стан се потрошија на лекување. Сѐ отиде во вода. Повторно почна период на преселби и на неизвесност. Сѐ што имавме заработено и купено од покуќнина, сѐ ни беше задржувано од газдите за да го покријат износот на киријата, и покрај тоа што вредноста беше помала од тоа што ни го присвојуваа. Растеше бројот на извршители, на проблеми, на нерешени предизвици… – се присетува таа.
Почнува период кога престојува повремено кај познајници, чисти по куќи, но физичкиот дел од работата сѐ повеќе ѝ претставува проблем. Во целата ситуација единствена поддршка чувствува дека доаѓа од Црвениот крст.
Донација во храна, плаќање кирија, овозможување работен ангажман, психолошка помош за децата… се првите конкретни чекори на заштита, кои таа ги чувствува, а за кои, сепак, знае дека не може да траат засекогаш. И дека тука е неопходен системски протокол за заштита на жртвите на насилство. Зашто, насилството генерира насилство, а за да се излезе од кругот, неопходно е синергиско дејствување на многу општествени актери, кои во случајот на Милена сериозно потфрлиле.
– Израснав во семејство со насилство. Татко ми беше алкохоличар. Се случуваше да преспијам надвор како дете, додека наутро не се отрезни и не ме пушти повторно дома. Мајка ми беше безгласна буква. Нејзината крв по ѕидот зборуваше многу. Побегнав од таков дом. Често пријавуваме со сестрата и со братот и в полиција, и кај блиските роднини, ама некако, сѐ стивнуваше по едно кафе. Повторно никому не му беше важно што се случува меѓу тие наши ѕидови… Дури и јадев ќотек што некаде сум се пожалила. Потоа, со насилство се соочив во мојот нов дом, а денес, низ истото, поминува и мојата ќерка. Имавме ситуација кога пријавивме дека е нападната од нејзиниот сопруг пред едногодишното дете, а полицијата констатираше дека немала физичка повреда и дека ако следен пат се пожали на малтретирање, па макар и психичко, ќе плати казна од 800 евра. Неверојатно, ама овој систем го негува насилството, тоа е кошмар. Односот кон мојата ќерка е резултат на стигматизирањето о што постои кај нас кон разведените и кон жртвите на семејно насилство. Во оваа држава насилниците се кријат, а жртвата е повеќекратно жртва – гласна е Милена.
Земени кредити, блокирани сметки, претрпени манипулации и лажни ветувања, непостојана работа, секојдневна неизвесност… Еден куп пречки кон достоинствен живот, а сѐ помалку поддршка…
И покрај сѐ, оваа млада жена силно верува дека, сепак, еден ден, во блиска иднина, комплексноста на нејзиниот живот ќе биде забележана од сите тие што замижале и потфрлиле токму тогаш кога требало да ја заштитат како жртва на семејно насилство, во сите сегменти од живеењето, и дека ќе ѝ обезбедат покрив над глава и квалитетна интеграција во општеството. Кое, пак, е толку квалитетно, колку што се грижи за своите граѓани во ранлива состојба.

Манипулација со вербата дека сонот за дом е остварлив

Состојбата жртва на семејно насилство повлекува многу други состојби на „жртва“.
Ранливоста на Милена била добар плен за манипулаторите и за лажните „снабдувачи“ со станови. Нејзината силна верба, пак, дека, сепак, некој може да ѝ помогне да има свој дом, ја носи во лавиринт, кој скапо ќе ја чини, и парично, ама и емотивно.
Изневерена, со скршени очекувања, се потсетува на ситуацијата од пред четири години, кога „загрижена, емпатична жена“, која, наводно, работела во една од амбасадите кај нас, се понудила да ѝ помогне  да добие социјален стан во Бутел. Сите потфати, вели таа, изгледале неверојатно убедливо, и немало многу простор за сомнеж.
– Ми ги побара сите можни документи, изводи од децата, од училиште, од разводот, од престојот во шелтер-центарот… Сето тоа ме чинеше многу пари, време и напор, ама се убедував дека треба да направам сѐ што е потребно за да стигнеме до целта, покрив над глава. Ми закажуваше средби пред Министерството за труд и социјална политика, во Општина Центар, Министерство за транспорт и врски, сѐ со цел сѐ да изгледа верно и автентично. И така и беше, ама секогаш кога требаше и јас да влезам некаде, постоеја изговори од типот „Јас ќе влезам, ти почекај ме, оти знаеш како оди тоа, со врски, со пријатели…“, раскажува Милена.
Следното скалило била тарифата. Прво ѝ било наплатено преку „наводни уплатници за стан“, а потоа и за адвокатски трошоци. Вториве биле адресирани до жената каде што Милена одржувала хигиена и преку која, всушност, дошло до ова познанство.
– „Завршена е работата“, „Наскоро ќе добиеш клучеви на рака“… почна да звучи (не)стварно. Жената дури се појави и во Црвениот крст и настапуваше со неверојатна сигурност. Ѝ верував,  а сега се срамам поради својата наивност. Но, нејзиниот однос беше многу добро осмислен. Дојде да ми даде поддршка и за децата, во облека, во храна… Мислев дека искрено помага. По еден и пол месец, жената-добротворка – исчезна. Земја ја проголта. Се иселила и од местото каде што знаевме дека живее, едноставно – како никогаш да не постоела. Се појавија потоа и други измамени граѓани, ама за други „ставки“, како лиценца за обезбедување за 100 евра и слично… – се потсетува.
Пријавувањето в полиција не дало резултати. Случајот останал нерешен. Сонот распаднат.
– Беше премногу болно искуство. На моменти се прашувавме дали, можеби, оваа жена веќе си обезбедила стан преку целата документација што ѝ ја оставивме на располагање. Децата беа разочарани. Тие имаа споделено со другарчињата дека наскоро ќе имаат дом… – раскажува Милена.


(Идентитетот на жртвата ѝ е познат на редакцијата)

Текстот  е објавен во 35. број на „Лице в лице“, март, 2019 година)

Напишете коментар