Блог

Работата на институциите не е да констатираат смрт! Секое игнорирање на пријавите е соучесништво во насилството

Време на читање: < 1 минута

Вчера во Велес, уште една млада жена, на само 31 година, беше убиена од поранешниот партнер кој повеќепати претходно бил пријавуван во полиција. Убиена е таа, нејзиниот татко, а насилникот си го одзеде животот.

Истата таа приказна ја слушам постојано – жените пријавуваат, алармираат, бараат заштита, а институциите остануваат глуви и неми. Реагираат дури кога е доцна, кога трагедијата е веќе факт.

Работата на институциите не е да констатираат смрт! Работата им е да обезбедат живот! Достоинствен, квалитетен и без страв. Секое игнорирање на пријавите е соучесништво во насилството.

Сите жртви со кои сум работела ја носат истата болка и истата приказна. Истите молби за помош, наспроти институционална тишина. Оваа негрижа не е случајна. А цената ја плаќаат жените жртви на насилство и нивните семејства. Сликата е црна, со чест на исклучоци.
Наместо да се радуваме на позитивните исклучоци, време е конечно да ги санкционираме негативните практики, да има одговорност за оние што не реагираат.

Дополнителен проблем е односот на стручните лица кои, наместо да сфатат сериозно, знаат да ѝ кажат на жртвата:

Ма не се секирај, само те заплашува, ништо не е тоа, уживај си.


Таквиот однос убива. Таквото омаловажување и негирање е уште една причина што многу жени остануваат збунети и незаштитени.

Доста е институциите да се појавуваат само на крај, кога ќе бројат жртви. Време е да почнат да спасуваат животи и тоа веднаш, со примена на законите и протоколите што веќе постојат.

Фотографија: Фрипик/ Freepik.com

Авторката е социјална менторка во „Паблик“, која работи со жртви на семејно насилство и родово-базирано насилство.

Напишете коментар