„Работи за кои не зборуваме“ – за старт на Деновите за борба против родово базирано насилство
Претставата „Работи за кои не зборуваме“ во режија на Нела Витошевиќ, ќе биде одиграна во сабота, (25 ноември), во 20 часот, на Малата сцена на Македонскиот народен театар, по повод Меѓународните 16 дена активизам за борба против родово базираното насилство.
Станува збор за авторски проект на екипата базиран на лични монолози, анонимни сведоштва и документарен материјал, премиерно одигран во 2021 година.
Драматург е Викторија Рангелова-Петровска, сценограф е Васил Христов, а костимограф Роза Трајчевска-Ристоска. Користена е музика од Крсте Роџевски. Улогите ги толкуваат: Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски, Исмет Шабановиќ.
„Работи за кои не зборуваме“ е театарска претстава која преку интимни и емотивни приказни, сака да им даде глас на општествените проблемите за кои не се зборува. Преку низата вистинити приказни, во кои секој може лесно да се пронајде, претставата отвара прашања за патријахалното уредување во регионот но и пошироко.
Низ повеќе сцени инспирирани од лични монолози на актерите, анонимни искуства на лица добиени преку распишан повик, како и документарен медиумски материјал, претстава ги подвлекува/става акцент на проблемите поврзани со депресијата, траумите од детство, дискриминацијата, злоставувањето и насилството, религијата, агресијата и нетолеранцијата како и разни психолошки проблеми и однесувања со кои поединецот секојдневно се соочува. На траги-комичен начин претставата прави критика на балканското патријахално миље, но истовремено провоцира и разговор за промена во општеството. Публиката ќе биде вовлечена во свет на лични сеќавања кои се испреплетуваат со човечки болки, трауми, стравови и среќни моменти од животите на разни луѓе. Интимноста, искреноста и и вистинистоста на сведоштвата, се главно ткиво на оваа документарна претстава.
Драмскиот текст на оваа претстава е симбиоза на екипното создавање помеѓу членовите на екипата и сите анонимни учесници.
Претставата е во продукција на „Вондерленд театар“ и копродукција со МНТ.