Режисерката Дина Дума на гости кај сениорите, вечерва затворање на 11. „Џифони Македонија“
Единаесеттото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ ќе биде затворено вечерва во 19.30 часот во киното „Милениум“ во Скопје. Традиционално, учесниците на фестивалот низ танц, музика, филм, анимации, стрип, фотографии ќе споделат со публиката што научиле во изминатите пет на фестивалот, за време на сите работилници, разговори, дискусии. Ќе бидат прогласени и победничките филмови во сите категории
На последниот фестивалски ден, кадетите ќе го проследат босанскиот филм „Екскурзија“ во режија на Уна Гуњак. Кај сениорите, односно средношколците од трета и четврта година, денеска ќе биде прикажан македонскиот филм „Сестри“ на режисерката Дина Дума. Веднаш по проекцијата, Дума ќе биде гостинка кај џифонци. По проекциите и на последните филмови, средношколците ќе гласаат за најдобар игран филм на фестивалот, а ќе го проследат и последниот блок кратки и анимирани филмови за кои исто така ќе гласаат.
На вчерашниот ден кадетите имаа можност да го запознаат режисерот Олег Асадулин од Русија, со кого разговараа за филмот „Таму и назад“, додека пак актерката Миона Илов Милов разговараше со кадетите по проекцијата на српскиот филм „Мрак“.
На втората панелна дискусија од проектот ЕПИК се разговараше за иновативни едукативни модели кои преку аудивизуелни содржини им пренесуваат вредности на младите. Меѓу другите своето искуство на темата го раскажаа претставници на неколку организации – Finish school од Косово, ARS kino од Софија, а претставници на Филмскиот Фестивал Џифони од Италија ги илустрираа проектите Sedici Modi di dire ciao и School experience.
Тие ги споделија своите искуства за тоа како работат со младите и кои им се иновативни едукативни модели преку кои најдобро допираат до децата.
-Ние доаѓаме овде веќе седум години и ова ни е најдобро искуство. Нашата организација се занимава со промоција на филмот меѓу младите и на места каде што нема многу услови за киноприкажување. Се обидуваме да го доближиме филмот до што повеќе деца. Тоа е провокативно за нив и многу се среќни – вели Стефани Величкова од ARS kino од Софија.
Енес Лекичи, професор по историја и глобални процеси во приватното Finish school во Приштина, посочи дека нивна мисија не е само да ги учат децата за филмската уметност, туку да влијаат и да помогнат како да се создадат добри луѓе и граѓани на светот. Тие имаат околу 200 ученици.
„Џифони“ не е само филмски фестивал, тоа е веќе традиција, што нуди голем број настани, средби, многу можности за нови искуства буквално за сите – од 2 до 99 години – рече Марио Чезаро од „Џифони Експириенс“.
-Често нè прашуваат што правиме за децата, но ние не работиме само со деца, во основа имаме програма за сите возрасти. Покрај фестивалот што се одржува во јули, специјалните проекти на „Џифони Експириенс“ се одвиваат во текот на целата година во соработка со училиштата, а некои од нив се особено посветени на младите од краиштата во Италија каде нема богата понуда на културни активности. Одзивот е извонреден, а како резултат на долгогодишните заложби на основачот на „Џифони“ за вклучување на аудиовизуелните медиуми во редовната настава, Министерството за култура на Италија веќе четврта година по ред издвојува значајни средства од буџетот за спроведување на овие активности во образовниот систем – посочи Чезаро.
Џифонци покажаа посебен интерес за разговорот со младата режисерка Леона Јариќ, по проекцијата на нејзиниот документарен филм „Животот на една даска“, што е снимен во Нови Сад, како резултат на работилница за документарен филм. Тоа е прв документарец за Јариќ, која досега има снимано кратки играни филмови. Таа сподели дека иако нема образование за филмска режија, правењето филмови ја прави најсреќна. Јариќ ги покани џифонци да ги следат повиците за новите кратки филмови што планира да ги снима и дека секогаш се добредојдени да ѝ се придружат во создавањето на филмовите.
За крај на претпоследаниот ден на фестивалот, публиката ја проследи докудрамата „Учениците од Умберто Примо“, грчко-италијанска копродукција во режија на Алесандра Мајолети. Филмот зборува за нераскажаните приказни на девет еврејски ученици што учеле во италијанското училиште „Умберто Примо“ во Солун за време на нацистичката окупација и е базиран на архивски материјал откриен во 2003 година од италијански професор и сведочења на преживеаните протагонисти.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи.