Самостојна изложба на Филип Велковски
Денеска од 18 часот во просториите на Културно социјалниот простор „Центар-Јадро” во Скопје, ќе биде отворена самостојната изложба на уметникот Филип Велковски, насловена „Идиоми”.
Велковски се претставува преку циклус слики, кои, како што пишува историчарот на уметност, Владимир Јанчевски, даваат фокус на бојата, на пресекот помеѓу текстурата, и скриените текстуални и визуелни пораки, кои се откриваат под површината низ изгребаните и излупени слоеви на густите наноси боја
„Сликите на тој начин формираат палимпсестна структура, која е метафоричен приказ на комплексното функционирање на човековиот ум, на аморфноста и флуидноста на мислите во некоја претпоставена фаза пред кристализирање на идеите… Гледачот е соочен со еден вид отворено дело: просторот што авторот го замислува како реконструкција на „ќелија на умствени мапи”, ги поврзува поединечните слики заедно со насочената светлина и суптилниот звук, во една симбиотичка целина”, пишува, меѓу другото, Јанчевски за изложбата на Велковски.
По „Лиминални фигури” во 2017-тата, ова е втора самостојна изложба на Велковски. Од 2012 година, Велковски работи со уметничкиот колектив КУЛА (платформа за вкрстени уметнички тенденции и инвентивни иницијативи на културната агенда на град Скопје. Покрај неговата уметничка пракса, Филип работи и како кустос на мултимедијалниот уметнички фестивал „Под земја полесно се дише ” во Скопје
*Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.