Интерактивни приказни, Министерство за храна

„Саранда“ во Жеровјане, место каде различностите се мешаат, токму како и вкусовите на сладоледот

Насловна фотографија од слаткарницата „Саранда“ во Жеровјане

Во малото тетовско село, слаткарницата „Саранда“ не е само место за десерт, туку простор каде различности се мешаат и се создава социјална кохезија. Тука разговорот не започнува со прашањето кој вкус ти е омилен, туку, кого можам да запознаам.

Пишуваат: Артан Ибиши и Стина Ибиши
Камера и монтажа: Артан Ибиши
Фотографии: Ардит Ибиши

Руралните средини честопати ги гледаме низ призма на стереотипи. Но, во тетовското село Жеровјане постои едно поинакво место кое се спротиставува на ваквиот светоглед. Слаткарницата „Саранда“ е омилена точка за летно разладување на многумина жители на Полог и пошироко. Тоа е и простор каде што различностите се мешаат.
Исто како и вкусовите на сладоледот.

Домашниот сладолед, подготвен по стар рецепт, одамна ја надмина улогата на летен десерт.

„Саранда“ е место каде што заедницата „се меша“ исто како и вкусовите: млади, стари, мажи, жени, жители на Жеровјане, но и гости од цела држава. Слаткарницата стана културна точка каде луѓето се поврзуваат преку гастрономијата. Јазиците на кои нарачуваме омилен вкус на сладолед се различни.  Но, тука, освен што разговорот започнува со прашањето „кој вкус ти е омилен“, се прашуваме и „кого можам да запознаам?“

Пред да пристигнат гостите од различни градови и заедници, „Саранда“ веќе ја носи својата суштина: да биде простор каде луѓето се поврзуваат, а различностите природно се спојуваат, како вкусовите сладолед што допрва ќе се послужуваат.

Сместена во срцето на селото, под крошната на расцветано дрво, „Саранда“ изгледа како природно продолжение на заедницата. Тука масите не се само место за кратка пауза, туку за разговори, средби и нови познанства. Во оваа едноставна, тивка сцена со сонце, сладолед и домаќини, се создава простор каде различностите се чувствуваат природно и прифатено.

– Речиси секој ден доаѓаат луѓе кои претходно не се познаваат и седнуваат на иста маса. Сладоледот станува причина тие да се запознаат, да се дружат и да разговараат на различни теми – вели младиот претприемач Фисник Ајредини, кој е дел од сопствениците на местото.

Посетителите од други градови знаат да кажат дека атмосферата и вкусот се толку посебни што не можат да го избегнат преиспитувањето на сопствените стереотипи. Таму го сретнавме Кире Милевски, кој дошол од Куманово за да го проба сладоледот:

– Од неколку пријатели слушнав пофалби дека во Жеровјане има многу убав сладолед. Одејќи на пат кон Охрид, свратив за да пробам дали е тоа вистина. Морам да признаам , локалот е одличен, со убава атмосфера – вели Милевски.

Традицијата, стариот рецепт, квалитетните локални состојки и дружбите се основата за популарноста на „Саранда“. Сопственикот Флорим Ајредини, кој се грижи за состојките објаснува:

– Сите состојки се био. Важно ни е и што млекото и другите состојки ги набавуваме од локални фармери. Затоа, квалитетот и вкусот се препознатливи за повеќе различни генерации кои ни велат дека имаме посебно убав и квалитетен сладолед – вели Флорим.

Овој локален простор покажува дека ваквите мали места може да се претворат во центри на социјална кохезија, меѓуетничко разбирање и пријателство. Таму, на дело, гледаме како, традицијата, наместо да раздвојува, станува алатка за градење доверба во заедницата.

Жеровјане не е само географија. Тоа е место и на култура, претприемништво и заедништво.

Погледнете го видеото и кажете ни дали ви се јаде сладолед, ваков посебен, кој гради мостови.

дисклејмер и логоа РДН-Гласови на инклузија-Жеровјане-одбојка-веб
дисклејмер и логоа РДН-Гласови на инклузија-Жеровјане-одбојка-веб

Напишете коментар