Сергеј Андреевски со изложба „Азбука“ посветена на Блаже Конески
Со изложбата „АЗБУКА“ на ликовниот уметник Сергеј Андреевски вечерва на Широк Сокак во Битола се затвора 17. издание на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“.
-Изложбата ја посветувам на нашиот великан Конески. Блаже Конески е и А и Ш во нашето современо живеење. Тој ги постави темелите на современата македонска азбука. Беше близок и со моите родители. И татко ми Петре, и мајка ми Светлана Христова – Јоциќ соработуваа со него, бидејќи и двајцата го љубеа зборот и јазикот наш македонски, но и Блаже човекот, вели Сергеј Андреевски, автор на изложбата.
Истакнува дека целта на изложбата е да поттикне будење кај јавноста за значењето на македонската кирилична азбука и македонскиот јазик, особено во период кога секојдневно е оспоруван.
-Ова ќе биде мојата поддршка за славење на името и делото на научникот, творецот и создателот на нашето современо писмо Блаже Конески, во годината кога се одбележува 100-годишнината од неговото раѓање. Изложбата е циклус од 31 слика – секоја буква има своја приказна, свој свет, вели Андреевски.
Изложбата ќе се одржи на отворено, а сликите ќе бидат изложени во излозите низ целиот битолски Широк Сокак.
Оваа година, Меѓународната колонија „Де Ниро“ беше домаќин на ликовни уметници од Германија, С. Арабија, Црна Гора, Србија, Грција, а покрај главната програма, дел од колонијата беа и меморијалната изложба на Миливоје Новаковиќ – Кањош, изложбата на Панде Петровски, поетско музичкиот перформанс на Пијан Славеј и Славчо Јовев.