„Сестри“ на Дина Дума е македонски кандидат за Оскар
„Сестри“ на режисерката Дина Дума ќе биде македонски претставник за наградата Оскар за најдобар странски филм за 2022 година, одлучи Комисијата при Друштвото на филските работници во Македонија.
Во конкуренција за кандидатурата беше и филмот: „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи.
Комисијата беше во состав: Дејан Димески – кинематографер и претседател на Комисијата, Роберт Јанкуловски – фотограф и кинематографер, Петар Богоевски – дизајнер на светло, Несрин Таир – актерка, Снежана Поњевиќ – Муча – сценографка, Александар Пејовски – композитор и Дритон Вејсели – актер, прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука.
Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука објави дека 94-та церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи во недела, 27 март 2022 година, во Лос Анџелес.
„Сестри“ во август имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде освои Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот.
Филмот е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување, а македонската фестивалска премиера беше на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Во „Сестри“ во главните улоги се Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Во продукција на „Лист продукција“, продуцентка е Марија Димитрова, сценариото е на Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, шминката е на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев-Новоградска.