„Силјан“ на Тамара Котевска донесе македонски триумф на Венецијанското биенале

Во срцето на Венеција, Македонија испиша ново златно поглавје на светската филмска сцена. „Силјан“, новиот документарен филм на режисерката Тамара Котевска, го освои првото место во официјалната натпреварувачка програма „Out of Competition“. На Филмскиот фестивал во Венеција, филмот ја доби и престижната „Cinema and Arts Award“, позната и како „Наградата на Музата“, дел од официјалната натпреварувачка програма. Во конкуренција од 20 филмови за ова признание, „Силјан“ го освои првото место и беше прогласен за најинспиративен филм на Мостра, соопштија денеска од тимот на филот.
Лична приказна, универзална порака
– Ова е мојот најважен филм досега, затоа што во секоја смисла беше најголемиот предизвик за мене и како режисерка и како продуцентка на документарци. Го започнав во време кога филмската индустрија во мојата земја беше во длабока криза, и токму затоа решив да тргнам сама, не сакав да стојам во место. Филм започнат со толку лична инволвираност и страст, за само две години прерасна во она што е денес. „Силјан“ е моја лична приказна, поврзана со моите корени и мојата култура, и затоа можев толку искрено да ја преточам во овој храбар и артистички филм – изјави Котевска за време на доделувањето на наградата.
Филмот ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Од таа средба започнува магична врска што станува метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.
– Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто – додава Котевска.
Визуелна поезија и меѓународна продукција
„Силјан“ е создаден од импресивен меѓународен тим: Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop и продуцентката Anna Hashmi. Камерата на Jean Dakar, монтажата на Мартин Иванов и музиката на Joe Wilson Davies и Hun Oukpark од студиото на Hans Zimmer создаваат повеќеслоен звук што станува невидлив лик во филмот.

Критиката го пречека филмот со воодушевување. Официјалниот критичар на Филмскиот фестивал во Венеција вели дека приказната за „Силјан“ ја има истата извонредна и ненаметната универзалност како „Медена земја“, но со многу подлабок уметнички израз. „Холивуд рипортер“ оценува дека филмот е „апсолутен шармер, трогателен поглед на врската меѓу човек и птица, со сите нејзини мистерии, топлина и практични предизвици.“ „Ај фор филм“ го споредува со филм на Дизни: „човекот, митот и современиот свет се испреплетени заедно во најновиот заводлив документарец на Котевска.“ „Торонто стар“ го издвои „Силјан“ меѓу 50-те филмови што мора да се гледаат годинава, оценувајќи дека „Котевска се издигнува уште повисоко со овој прекрасно снимен документарец.“ „Индивајр“ го нарече „Триумф. Болно прекрасен. Одличен документарец кој е и заносно поетско дело…“
