Со шпил карти против дигиталното родово базирано насилство

Мрежа „Стела“ го најавува Колаж клубот, креативен настан посветен на справување со дигиталното родово базирано насилство преку уметност и заедничко делување. Настанот ќе се одржи во денеска, во кафе-книжарницата „Илика“ во Скопје, со почеток од 18 часот.
– Со задоволство го започнуваме септември со креативност, разговор и заедничко дејствување. Колаж клубот е наменет за сите кои сакаат преку имагинација да придонесат во борбата против насилството или пак бараат простор каде креативноста е неограничена – велат од „Стела“.
Во текот на настанот, учесниците ќе создадат уникатен шпил карти преку колаж, при што секоја карта ќе носи порака, мисла или одговор на штетните реалности од дигиталното насилство. Ова заедничко дело ќе биде алатка за подигање на свеста и зајакнување на солидарноста.
– Преку креативен активизам сакаме да ја покренеме свеста за опасностите и предизвиците од дигиталното родово базирано насилство. Нашиот Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор ќе им помогне на учесниците да препознаат такви ситуации и да најдат начини за делување кон безбеден дигитален простор за сите – додаваат од „Стела“.
За учество е потребна регистрација преку овој линк.
Дизајн на постер: Теано Кардула