Со тишина во Куршумли ан – се отвори 11. издание на МакеДокс
Фестивалското гнездо Куршумли ан нема да биде ставено во функција за филмските проекции од програмата на 11. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Отворањето на фестивалот, сепак, се случи во Куршумли ан со вообичаениот поздрав со високо кренат кромид во рацете на екипата на „Македокс“.
– Куршумли ан е објект во кој тишината најгласно зборува. Кога ќе влеземе низ неговата порта ние се среќаваме со безброј приказни. Секое камче, арка или агол на објектот безгласно раскажува векови историја. Зборува за случки, приказни, емоции, доживувања. Раскажува една цела деценија приказни на „Македокс“. Но многу зборува и за третманот на културата во државата. Затоа сметавме дека е многу важно отворањето на фестивалот да се случи токму тука – во нашиот дом, кој оваа година ќе го оставиме во тишина – рече Дарко Набаков, кој раководи со реализацијата на 11. Македокс.
Бројот 11 означува нов почеток, но и порта која води кон друга метафизичка димензија. Тоа е број што означува и носење суд или одлука.
– Единаесетото издание на фестивалот е нов и невиден предизвик за сите нас. Покрај сите предизвици, донесовме одлука фестивал да има, фестивал што го посветуваме на публиката и на сите нас, кои веќе долг период живееме без култура во нашето секојдневие. Годинава микроскопски навлегуваме во најситните клетки на кромидот во обид да го видиме она што не може да се види со голо око. Но и да го чуеме наједноставното и најтешкото. Инспирирани од насловот на стихозбирката на Ацо Шопов одлучивме со мото „Слеј се со тишината“ да го посветиме фестивалот на поезијата во филмот, на дизајнот на звук – рече Набаков.
Одржувањето на фестивалот немаше да биде можно без поддршката на Младинскиот културен центар и Кинотеката на РСМ. Фестивалот немаше да се случи без упорната лудост на дел од екипата на „Македокс“, кои, покрај сѐ, одлучија да се впуштат во авантурата за реализација на 11. Македокс.
На отворањето во Куршумли ан на 18 август присуствуваа поддржувачи, партнери и соработници на фестивалот, како и новинари и пријатели на „Македокс“.
Годинава фестивалот ќе се одржи во хибридно издание. Филмската програма почнува на 19 август со проекции во Парк МКЦ и во Кинотеката на РСМ. Истовремено филмовите ќе може да се гледаат и он-лајн, со претходна регистрација на платформата.
На програмата во Парк МКЦ во 21 часот се „Спиењето на Макс Рихтер“ на Натали Џонс и краткиот документарец „Премин“ на Отавио Алмеида, додека во летното кино на Кинотеката во 20.30 часот почнува проекцијата на краткиот „Бинокл“ на Мила Жлутенко и долгометражнот документарец „Зборувај за да те видам“ на Маја Стојниќ.
Фестивалот е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија.
Медиумски покровители на Македокс 2020 се: МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Плус Инфо, СДК.мк, МКД.мк, Офф.нет, Окно, Е-магазин, Плагиј.ат, Его, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Музичко радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Гледај.мк, Лице в лице, Види Вака и ПопАп.
Билети за проекциите во он-лајн продажба може да се набават преку мрежата mktickets.mk.
Проекциите и настаните на отворен простор се организираат согласно протоколите за заштита од коронавирусот ковид-19:
– задолжително носење заштитна маска за време на целиот настан
– мерење температура при влезот во фестивалските простори
– одржување на растојание од 1,5-2 метри
– дезинфекција на рацете пред и по одржувањето на проекциите.