Собранието на Република Северна Македонија од денес и официјално стана пријател на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, кое го продаваат ранливи лица, а целта е нивно економско и социјално зајакнување низ процесот на работна интеграција и претприемништво.
Оваа одлука беше донесена на јавна расправа на 15-та седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на РМ, и тоа токму во рамки на Неделата на уличен печат, која се одвива низ целиот свет, (од 03.02-09.02.2020), a целта е да се одбележи и слави работата на продавачите на уличен печат, и нивната одлука да излезат од кругот на сиромаштија.
Со денешната седница претседаваше членот на Комисијата, пратеникот Трајчо Димков.
Јавната расправа е на иницијатива на пратеникот Самка Ибраимоски. Во своето излагање пратеникот тој го сподели искуството од февруари 2019 година кога заедно со пратеничката Маја Морачанин во улога на улични продавачи го продавале списанието „Лице в лице“ во центарот на Скопје заедно со уличните продавачи.
Маја Раванска, уредничка на списанието „Лице в лице“ потсети дека Собранието на РСМ, трета година по ред се приклучуваа на одбележувањето на Меѓународната недела на уличен печат, што е домаќини на оваа средба и на тој начин го гради пријателството, кое е неизоставен дел од материјалот потребен за одржливо и инклузивно општество. Таа ја истакна важноста на овие микро – претприемачи, зајакнати луѓе кои ја зграпчиле можноста која им ја нуди работната интеграција – излез од кругот на социјалната исклученост, сиромаштијата, нееднаквостите во кои се нашле поради низа нефункционалности на системот.
Емилија Тодоровска, координатор на продaжба и работна интеграција во име на целиот тим изрази благодарност за можноста да се обратат пред пратениците и пред јавноста. Таа истакна дека кога едно лице продава, значи дека работи и чесно заработува, но и многу повеќе. Ги менува старите начини на однесување и старите навики ги заменува со нови. Од ранливо лице преку секојдневен раст се трансформира во личност која го гради полето во кое сака да делува, додаде таа и порача да бидеме партнери и поддржувачи на лично и економско јакнење на ранливите сограѓани во општеството преку работа и вреднување на човекот како индивидуа која може да создава.
Списанието „Лице в лице“ излегува еднаш на два месеци, на 64 страници во боја. Содржината на магазинот, во најголем дел, ја создава тим на волонтери, како и поддржувачи на мисијата на списанието. „Лице в лице“ е член и на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов, во која членуваат 35 земји, во светот се издаваат 120 списанија, а нив ги продаваат околу 9000 продавачи, кои со продажбата заработуваат за надминување на животните предизвици, како сиркомаштијата, социјалната исклученост, бездомништвото и невработеноста.
„Лице в лице“ е активистичко списание, кое излегува во Македонија од септември 2012 година, кое го продаваат околу 40 наши сограѓани и на тој начин се промовира моделот на социјално претприемништво.
Фото: Борче Поповски