Блог, Блог на странец, ЗЕНици

Сонцето свети и тука, ама свети поинаку

Време на читање: 6 минути

Текст и фотографии: Симона Паунова

Денес скоро и да не постои македонски дом без делумна или целосна празнина. Една од празнините им припаѓа на оние кои заминале во туѓина, секој со својата приказна и мотиви. Некои за егзистенција, некои за поразновиден или поквалитетен живот, за дообразување или да обезбедат иднина со поголеми можности за личен или професионален развој. 

Јас пораснав во еден таков дом, исполнет со празнина, а сега сум дел од неа.

Возбудата да го споделам моето искуство нагло се стопи во вртлог од сеќавања, размисли и емоции. Од моментот кога со мојот партнер решивме да ѝ дадеме шанса на Данска до неговата преселба поминаа неполни три месеци. Првата година ни помина во чести патувања, запознавање со данското општество и свикнување на новата динамика на живеење. Идејата да живеам тука полека ми прирасна при срце и веќе можев да си замислам живот на релација долга скоро 2000 километри. Кога јас бев подготвена за големата промена, се случи нешто непредвидено и уште поголемо – ковид пандемијата, и мојата преселба и барањето нова работа се оддолжи за уште една година. 

Од пандемијата и периодот на неизвесност во сеќавање ќе ми остане потпишаната „изјава за љубов”, која беше пропратен дел од потребната документација за влез во Данска, кога правилата беа строго регулирани и ограничени само за најблиското семејство. Тогаш се отвори фејсбук група и се покрена иницијатива да се дозволи влез на луѓе кои не се во формален брак со дански резиденти. Предлогот беше проследен до собранието и усвоен. За нас, ова беше силен пример зошто Данците имаат доверба во институциите и колку се почитува принципот на рамноправност и еднакви можности за сите. 

Данското општество нуди висок животен стандард, но носи и одредени предизвици за странците. Дел од нив се сложениот даночен и административен систем, социјалниот живот, совладување на јазикот и временските услови.

Моето гратче во зима

Не може секој да се навикне на климата, особено ако станува збор за луѓе од сончеви земји. Преку годината има многу ветровити и врнежливи денови, а во зима сивилото ти виси над глава, како да се поклопиле денот и ноќта, а сонцето скоро и да го нема. Со исклучок на првата зима која помина плачливо и депресивно, набрзо се аклиматизирав на тукашната клима и сега потешко ги поднесувам високите температури. Временските неповолности повеќе не ги користам како изговор за да не излезам од дома и облекувам водоотпорна облека. Студот ми годи, ми дава будност и не сакам да сум наоблечена. Во зимските месеци влегувам во период на хибернација, го успорувам темпото на живеење и секојдневно практикувам хиге со пиење чај, палење свеќи и читање книги. Хиге е добро познат концепт за удопство и создавање пријатен амбиент, кој се практикува преку целата година, но особено е застапен во студените месеци. Од друга страна пак, летните денови се многу долги и пријатни, и максимално се ужива во нив, со сонце кое заоѓа дури во десет часот навечер. 

Копенхаген во лето

Данскиот е совладлив но тежок јазик, и не може да послужи надвор од земјите на данското кралство. Важно е добро да се совлада неговиот изговор, за кого се вели дека звучи како да имаш компир во устата. Висок процент од данското население течно говори англиски. За нив комуникацијата на “скршен дански” е тешко разбирлива и затоа претпочитаат да преминат на англиски. Како софтверски инженер доволен ми е англискиот, но, за мене е многу значајно да го негувам чувството на припадност, да бидам интегрирана во општеството и во иднина да имам поголеми работни можности. Затоа го учам данскиот, и самостојно и во училиште, со умерено темпо, колку што ми дозволуваат можностите.

Во постојано опкружување со англискиот и данскиот јазик, мојот внатрешен глас честопати се бунтува и бара посилна поврзаност со мајчиниот јазик. На секое мое враќање или гости од Македонија се полнеа полиците со книги од македонски автори и преводи. Мојата математика беше едноставна – наместо да купам една книга на англиски, ќе купам две-три на македонски. Пак истите пари ќе ги потрошам, но за возврат ќе бидам книжевно побогата и поисполнета. Сеприсутен беше и творечкиот порив, кој постепено се интензивираше и привлекуваше инспирација од сите страни, создаваше нови или копаше низ подзаборавени писанија. 

Читачко катче во библиотека и една од книгите што ја прочитав со читателскиот клуб

Читањето на македонски беше малку самотно и немаше со кого да споделувам импресии. Кога го пронајдов профилот на Марија, „Мама ми чита“ на „Инстаграм“ и нејзиниот читателски клуб, внатрешниот глас вресна од радост. Сега имам друшки со кои секој месец читаме по една книга и на крајот од месецот организираме по една онлајн и една средба во живо на кои ги споделуваме впечатоците. Одбираме наслови кои не го добиле заслуженото внимание, и разговорите ни помагаат долго, долго да ги паметиме нивните приказни.

Ако ги купам сите книги што сакам да ги прочитам тогаш ќе банкротирам. Но, за моја среќа ми стојат на располагање сите библиотеки во Данска кои ги има во скоро сите населени места и се многу добро снабдени. 

Библиотека црниот дијамант и универзитетската библиотека

Во библиотеките книгите се уредно организирани, има делови за седење, за игра, за читачки активности или користење Интернет, места за учење и јадење. Место каде сам или во друштво можеш да поминеш многу време. Членството е бесплатно и неограничено а регистрација во системот се прави со данскиот матичен број. Се плаќаат казни за задоцнето враќање. Книгите можат да се задржат до еден месец, и може да се продолжат ако не се резервирани од друг. Иако има библиотекари, позајмувањето и враќањето е по принцип на самопослужување и нема ограничување колку книги можеш да позајмиш (колку ти собира во торба).

Пристапот до знаење и информации е основна потреба за сите граѓани и со помош на библиотеките се гради едно силно и едуцирано општество.

Данските библиотеки, јавниот превоз и патната инфраструктура, дигитализацијата на јавните институции, како и чистата средина се само дел од работите кои го олеснуваат моето секојдневие.

Моето опкружување во Данска

По шест месеци во Копенхаген со мојот партнер одлучивме да се преселиме посеверно, во мало гратче, со многу убаво опкружување. Живееме спокојно и повлечено, опколени со зеленило, шуми и езерца. Во паркот со јаболкници ни доаѓаат верверици, срни, лисици и разни птици кои ги набљудувам од работното биро. Понекогаш чувам и шетам кучиња на пријатели и соседи, и делам градина со пријателка во која садам по нешто. На тој начин пресликувам дел од животот што го имам на село, во Карбинци. Данска ми нуди многу, но не можам да најдам замена за она што ми недостига од Македонија. Сонцето свети и тука, ама свети поинаку. Неменливи се и зајдисонцата, и планинските релјефи и пејзажи. 

Плодови од мојата мала данска градина

Но, најмногу од сè ми недостига да сум присутна покрај целото семејство, и во добро и во лошо, и во пиењето кафе, и во неправењето ништо, да растеме и старееме едни покрај други. Затоа им се радувам на пролетните и есенските месеци кога се враќам во родниот дом и барем привремено ја пополнувам и емотивната и физичката празнина.

Зајдисонце во Данска
Зајдисонце во Плачковица
Зајдисонце во Карбинци

(Авторката е софтверска инженерка и живее во Данска)

Напишете коментар