Средба во Стар Истевник: Живот и работа на село – Да или не?
Животот на село може да биде привлечно решение за многумина. Овој концепт на живеење и работа во руралните области нуди и предности, но и значајни предизвици.
Ова е причината за средбата во организација на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, и Центарот за одржливи практики „Природна перспектива“, која ќе се случи на 27 јуни во Стар Истевник, Делчево.
Работилницата има за цел да ги истражи искуствата на луѓето кои веќе живеат во рурални области, како и на оние кои размислуваат за преселба во село.
Руралните средини често се поврзуваат со мир и природна убавина, како и со чувство на заедништво што ретко се наоѓа во урбаните средини. Сепак, и покрај овие предности, руралните области често се соочуваат со предизвици како економско опаѓање, иселување на младите и маргинализација. Овие проблеми, заедно со недостатокот на основни услуги и инфраструктура, можат да ги направат руралните области помалку атрактивни за живот и работа.
Платформата „Лице в лице“ има за цел да ги разбере клучните фактори кои ги привлекуваат луѓето во руралните области и да ги идентификува предизвиците што треба да се решаваат, особено за помладата популација. Преку прашалник и директна комуникација со жителите на руралните области, „Лице в лице“ ќе собере важни информации кои ќе помогнат во креирањето на содржини и иницијативи за подобрување на условите за живот и работа во овие заедници.
Вашите искуства, планови и очекувања од животот во село ќе помогнат да се направат руралните средини попривлечни и одржливи за сегашните и идните жители. Заинтересираните може да го пополнат прашалникот на линкот.
Фото: Ирина Крстевска