Стартуваат подготовките за „Ноќ да блеснеш“ во Струга
Ирида Морисо со нејзиниот сопруг Андрју, раководители на организацијата “Life Centre – Struga”, и група волонтери веќе ги започнаа подготовките за препознатливиот настан во Струга – „Night to shine“/„Ноќ да блеснеш“ кој претставува матурска вечер посветена на лицата со посебни потреби.
Вечерта се одбележува секоја година во февруари, петокот пред Денот на вљубените, и претставува и покана до заедницата која ги почитува и поддржува лицата со посебни потреби и нивните семејства. Настанот се враќа во Струга по две години, поради ограничувањата на пандемијата.
– Подготовките се започнати. Се смета дека Night to Shine 2023 повторно ќе биде грандиозен настан со околу 300 присутни, каде што ќе се слават над 100 кралеви и кралици (личности со различни способности). Се надеваме дека состојбата со Ковид ќе се нормализира и ќе можеме да одржиме незаборавна магична вечер, вели Ирида.
Лицата со посебни потреби се специјални гости на вечерта, или, како Ирида и Андрју ги нарекуват, кралеви и кралици на вечерта, која вклучува црвен тепих и многу танцување. Волонтерите даваат сѐ од себе оваа вечер да биде незаборавна. Оваа година на магичната вечер ќе бидат додадени и успешни приказни од лица со посебни потреби, кои ќе бидат инспирација за „кралевите и кралиците на вечерта“ но, и за целото општество.
-Планираме да споделиме неколку успешни приказни. Имаме многу пријатели со различни способности кои денес имаат влијание, постигнале многу во животот и сакаме нивните приказни да бидат инспирација и поттик за сите нас, вели Ирида.
„Night to Shine“ нуди и вечера за родителите додека тие уживаат да ги гледаат своите деца среќни.
-Родителите се среќни колку што нивните деца се среќни за овој настан. Тие имаат можност да бидат во друштво на други родители и да уживаат во вечерта бидејќи и тие се родители херои и заслужуваат признание и разбирање за нивната неуморна работа. Некои родители ми кажаа дека „Night to Shine“ бил настанот кога ги виделе своите деца најсреќни досега. Тоа што самите родители беа дел од оваа радост го направи овој настан уште поспецијален“, споделува Ирида.
Таа повикува на максимална поддршка од страна на заедницата кон луѓето со попречености.
– Луѓето со различни способности се многу посебни, тоа се луѓе кои даваат многу љубов и доколку ја имаат вистинската поддршка можат да постигнат многу во животот. Секој има таленти и способности и сите мора да бидеме кооперативни да создаваме можности за поединци со различни способности, секој ден во годината, а не само еднаш годишно за “Night to Shine”. За ова nи треба помош од сите. Не ги потценувајте луѓето со различни способности, туку бидете нивни најдобри пријатели и дајте им можност да ги развијат своите вештини и таленти, порача Ирида.
Настанот „Ноќ да блеснеш“, се одржува четири години во Струга, а учесници има од различни градови во Македонија, како Охрид, Дебар, Ресен, Битола, Кичево, како и од градови од Албанија.
Шефкије Аласани Дика
Линк до фотографии