Стоп за прекршување на работничките права во текстилната индустрија: „Прекини ја нишката за прекувремена работа“
„Прекини ја нишката за прекувремена работа“ e еден дел од краткиот филм „Прекини ја нишката“ составен од три видео приказни за кршење на работничките права прикажани преку бруталната реалност со која се соочуваат текстилните работнички.
Првата приказна од краткиот филм својата премиера ја имаше на медиумот Види Вака. Ова видео има за цел да испрати силна порака за прекршување на работничките права во текстилната индустрија, каде на повеќе од 70% од текстилните работнички не им се исплаќа прекувремената работа.
„Иако краткиот филм „Прекини ја нишката“ и оваа прва приказна од тој филм го прикажува кршењето на работничките права во текстилната индустрија наша цел е да создадеме јавен и општествен притисок со кој ќе почнеме да извојуваме победи за почитување и унапредување на работничките права не само во текстилната, туку во која било индустрија во Македонија“, вели Горан Игиќ управител и продуцент во Види Вака раскажувачкото студио.
Во овој дел од краткиот филм глумат статисти, текстилни работнички и актерките Нина Елзесер во улогата на работничката Сања и Катарина Илиевска Силјановска во улогата на шефицата.
Режисер, сценарист и монтажер на филмот е режисерот Ѓорче Ставрески, а директор на фотографија Ѓорѓи Клинчаров, додека извршна продуцентка е Ивана Шекутковска. Краткиот филм е во продукција на Види Вака раскажувачкото студио и е дел од програмата „образование низ забава“ како и дел од одговорноста на Види Вака како медиум не само да информира, туку и да едуцира.
Од Види Вака најавуваат дека ќе продолжат да инвестираат во концептот на едукација низ забава, како еден од најефикасните методи на правење и градење позитивни промени во општеството.