Страниците на „Лице в лице“ достапни и онлајн
Списанието за одржлив развој „Лице в лице“, како одговор на кризата што ја предизвика пандемијата, искреира веб продавница, преку која заедницата на истоимената платформа може да ги поддржи продавачите на единственото улично списание во земјава- чија мисија е економско и социјално зајакнување на ранливите групи.
Продавачите од градовите каде што се продава списанието (Скопје, Струга, Неготино, Битола, Куманово, Тетово), поради Корона кризата, беа принудени да ја сменат својата динамика на продажба, што, пак, сериозно, се одразува на нивната егзистенција и инклузија.
Од таа причина тимот на Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“, издавач на „Лице в лице“, искреира неколку модели на продажба кои се во согласност тековните услови за работа, во период на пандемија.
Адаптирањата во продажбата, пред сѐ, се направени со цел да се одговори на потребите на продавачите на „Лице в лице“, кои се наоѓаат во ризичните здравствени групи.
– Сведочиме дека кризните ситуации спојуваат. Tие се лакмус за манифестација на нашата отвореност и грижа за другиот. Дел од продавачите на „Лице в лице“ се на своите работни места, во согласност со препораките, но, дел од нив, оние кои припаѓаат на ризичните групи (лицата со хронични болести и лицата со попреченост) не можат да им се придружат на своите колеги во продажбата на улица. Затоа, нашиот повик до јавноста е да ни се приклучи во акциите кои ќе значат онлајн купување од продавачите, и имаат за цел да овозможат секој од нас да биде активен учесник во промените – велат од тимот на „Лице в лице“.
Онлајн продавницата на „Лице в лице“, нуди можност читателите да купат актуелно издание или пак да направат годишна претплата, и за печатено и за електронско издание, по избор.
Императивот на „Лице в лице“ е интеграција преку процес на работа, и затоа, моделот на онлајн продажба, вклучува и одреден ангажман на самите продавачи, на кои, секако им недостигаат и вообичаените околности за работа, размена на директна енергија, насмевки и поддршка од самите читатели.
Убедени дека списанието им е потребно на нашите читатели, во интеграција со поддршката за продавачите, „Лице в лице“ стартуваше и акција насловена „Од кого купив Лице в лице“?“.
Тоа значи дека публиката својата поддршка може да ја изрази преку купување печатено издание на „Лице в лице” од е-продавницата, со персонализиран купон.
Во полето КУПОН треба да се внесе код KupivOd (името на продавачот), а тој списанието ќе го испрати по пошта, или доколку се работи за организација или компанија, ќе ги достави списанијата до самите простории.
Во моментов, поддршка може да стигне до продавачките од Порака Неготино, (Волково), (KupivOdMariche, KupivOdAnabela, KupivOdGorde, KupivOdKate и KupivOdPepi), како и до продавачите Кико (KupivOdKiko) и од Игорче од „Порака Нова“ од Струга (IgorPoraka).
Со секое купено печатено издание од продавачките од „Порака Неготино”, читателот ќе добие и подарок:рамки и цртежи од нивните креативни работилници или рачно изработени маски за заштита од вирусот .
Кристијан Марковски е еден од продавачите на „Лице в лице“ кој претставува супер пример за тоа како технологијата се користи за добро, за работа.
– Преку е-продавничката на „Лице в лице“ имам можност да работам, да продавам и да заработувам, но, и многу лесно да следам каде и кога е потребно да го испратам списанието- вели тој.
Инаку, продавачите на уличен печат ширум светот се во иста ситуација. Одговорот на секое улично списание е различен, според околностите и можностите. Но, предизвиците се исти, глобални. Повеќето од нив стартуваат повици за донации, социјални фондови, повик на поинтензивна претплата, а потоа делење и на шопинг ваучери до продавачите, соработка со книжарници и достава заедно со книги, онлајн изданија и претплата, креирање на двоброј на своите изданија.
И „Лице в лице“ е отворена платформа за соработка со различни ентитети, кои на свој начин може да се вклучат во мисијата: економско и социјално зајакнување на ранливите групи.
Поканата за соработка е отворена и за компании, со што би ја манифестирале својата одговорна страна да станат активни чинители во развојот на социјалната економија во земјава, но, и да придонесат во создавањето одржливи решенија во развојот на инклузивниот пазар на труд. Компаниите имаат можност да направат откуп на печатени или електронски изданија на „Лице в лице“ за своите вработени или соработници, но, може да остварат и подлабоко партнерство со „Лице в лице“, кое ќе се темели на принципите на грижа за вистинските вредности, како емпатија, одговорност, солидарност.
На ваков начин „Лице в лице“ нуди можност да се зајакне колективниот дух кај вработените, да ги поддржи ранливите групи сограѓани, и во исто време да ги комуницира своите општествено одговорни практики.
За секое прашање, може да пишат на мејлот: [email protected].
_____
„Лице в лице“ е списание за одржлив развој, кое излегува во Македонија од септември 2012 година, и го промовира моделот на социјално претприемништво.
Продавачи на списанието кое што ги поттикнува компаниите на општествена одговорност, а преку темите што ги пласира се грижи за подобрата иднина на маргинализираните групи, како и за јавниот простор и животната средина, се претставници од најранливите слоеви во општеството, кои се обучуваат за продажба од страна на тим на платформата „Лице в лице“. Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) оди за продавачот, а половина за печатење и за активности кои го подобруваат животот на маргинализираните групи.
Промовирајќи го моделот на социјално претприемаштво, списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите категории граѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – социјална вклученост, социјална политика, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на интерес на списанието.