Магазин

Стресот на пауза, одиме на планина!

Планинарењето се врзува со спречување на негативните и опсесивни мисли, насочување кон природата и бегство од дигиталниот свет и подобрување на мозочните капацитети.


Цела недела сум во трка со времето. Станувам рано, ги правам сите утрински ритуали, брзам на работа и пред 9 часот стигнувам во канцеларија. Го начекувам секојдневниот мој хаотичен универзум: мејлови, телефонски повици, рокови, еден тон активности. Јас сакам работата и максимално се вложувам во неа, (па затоа и неретко се случува да се исцрпам). Завршува официјалниот работен ден. Најчесто не одам дома, градот пулсира, врие од настани. Една активност, па друга, по некој тренинг, пиво со блиските.  Помина денот. Доаѓам дома, си велам не го запоставувај личниот раст и развој. Читам. Кога не читам средувам домашни обврски или ќе ми текне на некоја незавршена работа, па го отворам лап топот. Ги средувам работите: за мојата „официјална работа“, за планинарскиот клуб, за брат ми Цако, за… Доцна е. Морам да спијам. И следниот ден истата песна. И така (најчесто) пет дена во неделата. И конечно петок. Веќе однапред испланирана дестинација. Подготовка на храната, опремата, сѐ што ми е потребно за наредните ден-два. И константното соочување со прашањата и коментарите: „Дали си нормална?, Кај ќе одиш сега на планина?, Цела недела си турбо, направи пауза, лежи дома и неправи ништо….“ А, јас во себе си велам… зборувајте, ако. Секој има право на мислење, ама не знаете дека лекот е таму горе. Балансот и ослободувањето од стресот се наоѓаат на планините.

Осамнува денот, (реално, не секогаш е ден кога се будам ), а јас сум веќе подготвена да се впуштам во нова авантура, нови видици, нови предели и нови изодени километри.

А, зошто планина и планинарење?

Во светот постојат најразлични студии и истражувања кои ја објаснуваат поврзаноста помеѓу планинарењето/пешачењето во природа и подобрувањето на физичкото и ментално здравје на луѓето. Едно такво истражување е спроведено на универзитетот во Стирлинг, Шкотска во 2010 година. Во оваа студија главен акцент е ставен на три точки каде планинарските спортови и физичките активности може да го подобрат човековото ментално и психолошко здравје: 1. Подобрување на расположението на луѓето и намалување на краткорочната, дури и долгорочната анксиозност. Физичките активности, исто така влијаат на перцепцијата која луѓето ја имаат за својот надворешен изглед, а со ова се зголемува нивото на самодоверба кај сите кои ги практикуваат овие спортови/ активности. 2. Лечењето на клиничка депресија и можноста овие активности да се користат како психотерапија, посебно на долг рок.  3. Помош при справување со фобии, панични напади и слично. 

Оваа тематика, исто така, не е нова и за нашата држава. Во Македонија, (за што јас многу се радувам), планинарењето зема сѐ поголем замав. Затоа и во нашиот он – лајн етер можете да најдете многу написи кои се однесуваат на овој тип на активности и менталното здравје на луѓето. Во овој контекст планинарењето се врзува со  спречување на негативните и опсесивни мисли, насочување кон природата и бегство од дигиталниот свет и подобрување на мозочните капацитети.  Читајќи различни написи, (додека се подготвував да го напишам текстот), стигнав до една посебно полезна реченица која се однесува на она што веќе го истакнав погоре: „Стресот нема да исчезне па затоа е важно да научиме како да се справиме со него.“ Е, па ајде.

Ете ме мене, ранецот на грб, стапчињата во рака итам накај превозот кој ќе не однесе на посакуваната дестинација. Мојот мал хаос останува во градот кој сѐ уште спие. Почнуваат шегите и смеењето. Се чувствувам убаво. Пешачиме. На планините наоѓам многу истомисленици, одиме и разговараме за сѐ и сешто. Некогаш пак, си пешачам сама, си размислувам. Ова е времето кое го имам за себе. Често носам многу решенија за различни животни предизвици, проблеми и ситуации за кои инаку не би ми ни текнало.  Многу можеш да научиш од планините и луѓето на планините. Не само што учиш, туку планината ти го менува и духот и телото. Мене ме прави посмирена… „зенувам“ кога сум горе. Ме прави поиздржлива, силна, и се разбира, полна со позитивна енергија.  Застанувам. Го вдишувам пејсажот: бои, форми, мириси… За ова вреди да се живее.  Го вадам телефонот само да за направам некоја фотка. Спомени – за кога повторно ќе влезам во мојот мал хаотичен универзум да се присетам на сите позитивни чувства и моментите на душевен спокој кој ме чекаат на наредниот искачен врв. Спомени – кои често ги објавувам и на социјалните мрежи за да им покажам на луѓето колку убавина и мир може да има во само една (навидум) вообичаена прошетка. Но, знам дека луѓето од една обична фотографија, никогаш нема да разберат зошто после цела напорна недела јас сум на нова планина и нова авантура.  Затоа,  ајде направете пауза, вдишете длабоко и сите на планина.

(Авторката е член на Планинарскиот клуб „Љуботен“ и Алпинистичкиот клуб „Матка“ – Скопје)

Напишете коментар