Кога се изморив од лажни ветувања, од различни институции, и кога веќе изгубив надеж, сепак, се појави можност. Најдобрата одлука која некогаш сум ја донела беше да го напуштам насилникот и да се приклучам на програмата социјално менторство, затоа што, колку и да сме храбри за некои одлуки, сепак, ако не сме соодветно поддржани при процесот на работна интеграција, немаме избор, освен да се вратиме назад кај насилникот.
Се викам Марија и имам 36 години. Не знам како да го почнам ова за кое што сакам да пишувам и зборувам јавно, сѐ со цел, да освестам многу други жени кои минуваат низ истото. Некои свесно, а некои сосема несвесно, но, ќе се обидам.
Јас сум мајка на 3 малолетни деца, од кои едното е со аутистичен спектар и бев жртва на семејно насилство! Многу беше тешко за мене како мајка да прифатам дека моето дете се однесува малку почудно од останатите. Исто така, беше тешко за мене да прифатам и дека мојот сопруг се однесува кон мене почудно од останатите мажи, но, кога се соочив со реалноста и кога ѝ погледнав на вистината во очи, не онаква какво што јас ја посакував, туку онаква каква што навистина е, тогаш и почнав да работам за да ги променам нештата.
Но, да почнам од почетокот.
Не знаев што боли повеќе – шамарот или понижувањето
Бевме семејство воспитувано во патријархален дух, но, истовремено и многу хармонично. Ручекот секогаш го јадевме заедно, игравме друштвени игри. Моите родители внимаваа секогаш да ни пренесат доволно љубов. Беа многу посветени, а нивниот приод подоцна и ме поттикна да направам разлика дека дефинитивно нешто со мојот брак и со мојот живот – не е во ред.
Со што го заслужив мојот сопруг? На почетокот, ова прашање си го поставував заради неговата посветеност и внимателност, а откако го добивме нашето прво дете, толку се промени, што повторно си го поставував истото прашање. Овој пат – во негативна смисла.
Најпрво почна психолошкото насилство. Секојднево навредување и убедување дека не вредам ништо, дека не знам ништо, дека не изгледам никако… Затоа што знаев што ме чека, не сакав да се разбудам наутро. Буквално сѐ му пречеше. Иако се обидував да не погрешам ништо, сепак повторно ќе најдеше нешто и ќе ме нападнеше со зборови.
Ако му одговорев тогаш знаев дека цел ден ќе се караме. Пробував кога тој ќе ме навредува јас да ја свртам главата и да се правам дека не слушам. Не знам колку беше ова паметна одлука, затоа што тоа што ја вртев главата, за него беше како да го вртам образот, да ме удри на другиот.
Така почна и физичкото насилство. Кога прв пат ме удри бев во шок, не можев да верувам дека и тоа го доживеав. Се сеќавам дека не знаев што ме болеше повеќе, шамарот или понижувањето што го почувствував во тој момент.
Сѐ почести беа навредите и сѐ почести беа ударите. Тоа што се промени е што повеќе не добивав букети за извини, туку зборови дека сама си го заслужив ќотекот и ако планирам да плачам да одам во тоалет, затоа што тој дома „не сака негативна енергија“. Не знаев, а и не можев во тие моменти да споделам со ниедна од пријателките. Се срамев дека тоа баш мене најде да ми се случи и се срамев од моментот кога ќе помислев дека на другарките нема да им се верува што сѐ сум спремна јас да прифатам. Тогаш одлучив дека треба да родам уште едно дете и бев сигурна дека тоа ќе го промени неговото однесување и донесе поголема хармонија во домот. Секако дека се лажев. Со бременоста само се одложува решението на вистинскиот проблем и влегувате во нов! Уште едно дете кое ќе расте во насилна средина и уште едно дете кое со свои очи ќе гледа како мајка му е тепана и секојдневно ќе слуша како мајка му е навредувана. Јас таа грешка, односно одлуката да родам дете за да го спасам бракот, ја повторив уште два пати. Родив уште две деца откако почна насилството. Не сакав да ме гледаат таква потчинета и жалам за сите трауми што им ги приреди татко им понижувајќи ме мене, но тие ми беа и силата за најдобрата одлука што некогаш ја донесов во животот – да го напуштам!
Почнував нова борба – да преживеам!
Неколу пати така натепана со модринки на лицето, рацете и нозете, се враќав кај моите родители. На почеток ги лажев дека сум паднала на работа и дека од тоа ми се повредите, но, тие и тогаш, верував, дека ја знаат вистината. Финансиски не беа во можност никако да ми помогнат, затоа што и тие живееа во еднособен стан со многу скромни пензии.
Децата брзо растеа, годините летаа и мислам дека додека да трепнам навршивме седум години брак и заеднички живот кој на никого не му го посакувам. Единствено добро што ми се случи – беа моите 3 деца!
Насилството не престануваше, веќе не можев да ја предвидам ниту динамиката, ниту што ќе го предизвика така да се однесува, ниту колку суров може да биде. Сѐ си има свои граници и дојдов до момент во животот кога повеќе не можев да истрпам ни ден во таа куќа. Живеев со една кнедла во грлото од голтање навреди, со модринки по телото кои веќе не можев ни да смислувам „фини“ приказни од што ми се!
И тогаш се случи нешто навистина чудно, кое ни ден денес не можам да го разберам. Јас станав онаква каква што ме навредувше! Тогаш сфатив дека до толку насилството влијаело на мене, што јас ја сменив сликата за себе си! Тоа беше моментот кога одлучив дека треба да го оставам! Не знаев каде ќе одам и со што ке заминам, ама знаев дека се е подобро од ова што го имам! Тогаш го земав телефонот и решив да се јавам негде, го отклучив и се скаменив: Па јас немам ни каде да се јавам. Немам ниту една пријателка. Кога видов дека немам каде да се јавам, ми се случи уште еден шамар, и овој можеби и највеќе ме болеше. Насилството не го пријавував никаде, можеби најмногу поттикната од туѓите искуства каде најчесто слушав дека немаат никаква разврска.
Ги земав децата, спакував основни најпотребни работи за нив и ја затворив вратата позади која ги поминував најголемите ужаси! За одлуката не се покајав никогаш, но во тие моменти не бев свесна дека јас всушност почнувам нова борба: ДА ПРЕЖИВЕАМ. Да се разбереме, не е лесно нигде, ама многу е потешко тука. Со мојата скромна плата и со 3 деца, од кои едното со аутизам, не беше тешко – беше незамисливо.
Имаше денови кога легнував во страв дека не знам утре што ќе им дадам на децата да јадат, дека не знам како ќе стигнам да ги завршам сите обврски, но, опцијата да се вратам назад, едноставно повеќе не беше во игра! Еден ден кога ми беше најтешко најголемиот син дојде и од нигде никаде ми рече:
„Мамо да знаеш дека ти не си таква каква што тато ти викаше дека си! Ти си најдобрата и најубава мајка на светот! Јас никогаш нема да се однесувам така со ниедна жена. Го сакам и тато, ама подобро што си заминавме, не можев веќе ни да слушам ни да гледам низ што поминуваш!“.
Ме трогнаа тие заборови, ќе останат засекогаш со мене!
Со социјалното менторство – започнав нова приказна
Работите полека се средуваа во однос на моето ментално здравје и на расположението и прифаќањето на ситуацијата од страна на децата. Проблемот кој никако не се решаваше беа финансиите. Некогаш сакав денот да трае повеќе, затоа што не стигнував да завршам ништо, но во исто време бев гладна, па сакав и да си легнам порано за да го „залажам“ стомакот. Таткото на моите деца не беше свесен дека од што сака да ме казни мене и да ме убеди дека не можам да продолжам сама, всушност ги казнуваше своите деца.
Во меѓувреме, судски се разведовме, и му беше одредена алиментација. Кога плаќаше, кога не плаќаше, а сметките и долговите не ме прашуваа дали ми префрли месецов за да се раздолжам, туку тие едноставно си доаѓаа. Огромен е финансискиот товар кој во тој момент го трпите и почнав да мислам дека навистина не можам сама. Често мислев дали со тоа што јас повеќе не можам да го трпам насилството, трпат децава за еден поубав живот?!
Пребарувајќи други работи на интернет, видов дека има повик за приклучување на жени жртви на семејно насилство кон некоја програма која се вика Социјално менторство за работна интеграција. Ги прочитав условите, целите и залагањата на програмата и не се двоумев да се пријавам. Во тој момент не бев свесна дека повторно ќе ми се промени животот, но, овој пат на подобро!
На почетокот бев скептична. Дали ќе имам време, па и дали навистина програмава не е само уште едно ветување во низа и ред други работи. Но, одамна немав направено ништо за себе, па реков тоа е тоа, бесплатно е, ќе се обидам.
Со социјалната менторка навистина темелно работевме на откривање на моите капацитети и квалитети, и всушност, за многу кратко време, увидов дека можам да го материјализирам и моето долгогодишно хоби. Програмата имаше предвидено средства за обуки кои ние ќе процениме дека ни се потребни и кои подоцна можат да генерираат и приход. Но, првата и најголема цел на програмата е наоѓање соодветно работно место и задржување на истото. За кратко, работата со менторката не беше обврска, туку уживање, истовремено беше и уважување на себе си, затоа што конечно правам нешто добро за себе!
Колку и да не верува, се случи и работното место. И тоа според моите знаења, но, и потреби и можности. Работа во една смена, како административен работник во државна институција.
Не можев да верувам. Почнав да плачам, ама тоа што беше добро во оваа ситуација, прв пат после подолго време – плачев од среќа!
Добив и образовен асистент кој ќе работи со моето дете со аутизам, додека сум на работа.
Брзо се вклопував во новата работна средина, и работата и беше вистинско уживање. Со социјалната менторка не застанавме тука. Ми беше овозможено да посетам и обука за шминкање, што беше моја желба за хоби одамна.
Направивме заеднички план да се регистрирам во Комора на занаетчии и со парите кои ќе ги заработувам од шминкањето, работа која можам да ја работам после работа и за викенд, кога реално и јас имам слободно време и тогаш е најбарана, со собраните средства да направим фонд кој ќе го искористам за упис на факултет и полагање на испити.
И да, успеав и во тоа. Курсот го завршив и успешно се запишав на факултет. За викенди има многу девојки кои дознале дека шминкам и со радост ги користат моите услуги, а за мене тоа се финансии, за, се надевам многу положени испити во иднина.
Животот ми се промени. Не можев ни во најидеалните соништа да замислам дека ќе стигнам до ова после насилството што го преживував. Се надевам, и искрено верувам, дека многу жени ќе имаат прилика да бидат вака поддржани. Кога се изморив од лажни ветувања, од различни институции, и кога веќе изгубив надеж, сепак, се појави можност. Најдобрата одлука која некогаш сум ја донела беше да го напуштам насилникот и да се приклучам на програмата социјално менторство, затоа што, колку и да сме храбри за некои одлуки, сепак, ако не сме соодветно поддржани при процесот на работна интеграција, немаме избор, освен да се вратиме назад кај насилникот.
Јас никогаш не сум била поблиску до децата, а сѐ подалеку од потребата и желбата некогаш да се вратам назад кај насилникот.
(Идентитетот на жената жртва е познат на редакцијата на „Лице в лице“, а во ова сведоштво името е измислено. Тестемонијалот е дел од активностите при подготвка на сторијата „Системски (не) одговор кон семејното насилство“ која наскоро ќе биде објавена на веб страницата на „Лице в лице“).
Image by Freepik
Актуелното издание на „Лице в лице“ се фокусира на економското зајакнување на жените и на предизвиците при решавањето на родово базираното и семејното насилство. Достапно е кај продавачите на списанието како и во онлајн продавничката која е достапна со клик на сликата подолу.