Светот има свои херои, нашиот е Марко Пејчиновски
Изминатиот викенд Охрид го одбележаа бројни спортски настани.
Охридскиот великан Марко Пејчиновски маестрално го заврши својот последен и воедно најголем пливачки подвиг ова лето, препливувајќи ја релацијата Охрид – Струга -Cв. Наум – Охрид ( 64 км) со што успешно го заврши зацртаниот соло маратон од 10 препливувања со вкупна должина од 250 км.
Светот има свои херои, нашиот е Марко. Охридското чудо од дете на крајот од својот неверојатен подвиг изјави:
– Некогаш неостварен сон, сега реализирана цел!
Тој своето последно препливување го започна на 27 август, пред 12 часот, за на 28 август , на празникот Голема Богородица, во 9.30 часот, после неуморно пливање од 21 час 41мин и 48 секунди да пристигне на градското пристаниште каде беше пречекан од стотици граѓани, како од Охрид, така и од земјава и странство, кои го дочекаа со громогласен аплауз и овации “Марко ти си нашиот херој!”.
Легендата е испишана, како во колективната свест на охриѓани и Македонија, така и во официјалните списи на светската пливачката федерација како единствен човек кој го реализирал овој неверојатен подвиг.
-Се чувствувам супер, но, и уморно. Колку и нешто да изгледа тешко во животот не значи дека е невозможно, не смеете да се откажувате! -изјави Пејчиновски.
Овој период, во Охрид се одржаа и други спортски случувања.
На 28 август, во организација на атлетскиот клуб “Охрид Трчат“, во соработка со Триатлон Федерацијата на Македонија, за прв пат во Охрид и Македонија воопшто се одржа спортскиот настан ,,Акватлон“ како мултиспортска дисциплина од трчање и пливање, на која учество зедоа 130 учесници од земјава. Целта на одржувањето на Акватлонот е афирмација на Охрид како спортски центар, на спортот и здравите навики воопшто.
Иван Цветкоски , еден од најактивните спортски работници од Охрид ќе истакне дека интенцијата е Акватлонот да прерасне во традиционален ,,Ohrid Wather Festival”.
-Оваа година сите учесници се од Македонија, а веќе од следната година настанот планираме да биде афирмиран и надвор од државата , со што Охрид ќе се афирмира во светски спортски центар- Изјави Цветкоски.
На 27 август во Охрид на градскиот кеј пред Хотел ,,Ривиера” се одржа и првиот Меморијален турнир вo бокс во чест на легендарниот боксерски тренер Алексо Огненовски. Организатор на турнирот е Боксерскиот клуб ,,Алексо Огеновски”, а покровител беше Општина Охрид. Во разговор, организаторите изјавија:
-Овој турнир беше прв меѓународен турнир и се надеваме дека ќе прерасне во традиција која ќе биде дел од многуте спортски активности кои ќе се обележје на градот Охрид– изјави Сашо Лескароски, дел од организиациониот одбор на турнирот.
На настанот учество зедоа боксери од повеќе земји меѓу кои Шведска, со 10 боксери, Албанија и Македонија со по 7 боксери, а беа реализирани вкупно 12 борби.
Настанот беше проследен со бројни позитивни коментари како од учесниците, така и од љубителите на овој спорт.
-Со вакви спортски настани сме чекор поблиску да ги отвориме вратите кон поголеми можности за промоција на спортот, создавајќи свои амбасадори кои ќе ја промовираат нашата Македонија насекаде низ светот – изјави Владимир Цекиќ, дел од организациониот тим на турнирот.
Матеа Стоев
Фото: Марко Пејчиновски