Доза вести

Светски ден на волонтерството 2025: Саем, панел и награди за најистакнатите волонтери во Битола

МКЦ Битола ден на волонтерство

По повод Светскиот ден на волонтерството, на 5 декември 2025 година, во Младинскиот Центар Битола, ќе се одржи целодневен настан посветен на промоција на волонтерството и активното учество во заедницата. Настанот ќе трае од 10 до 16 часот и е отворен за сите заинтересирани граѓани, особено за младите.

Настанот ќе опфати саем на волонтерство, каде присутните ќе можат да се запознаат со локални организации, институции и иницијативи кои нудат можности за волонтирање во области како екологија, спорт, култура, образование, младинско учество, хуманитарни активности и социјална инклузија.

Панел-дискусијата на настанот ќе ги истакне значењето на волонтерството, неговата улога во личниот развој на младите и влијанието врз заедницата. Панелистите ќе споделат инспиративни искуства, успешни приказни и практични совети за активно вклучување во волонтерски иницијативи.

Предвидена е и свечена церемонија за доделување награди за волонтерски достигнувања за 2025 година. Признанија ќе им бидат врачени на најистакнатите волонтери и организации од страна на Локалниот совет за волонтерство, кој има важна улога во вреднување на нивниот придонес и посветеност.

Организаторите ја повикуваат јавноста да присуствува и да ја поддржи волонтерската култура во Битола, прославувајќи ги успешните приказни и инспиративните акции на локалните волонтери.

Напишете коментар