Доза вести

Та не сме саде ние и не сме саде тука!

СЦЕНА ОД ДРАМСКИ ТЕКСТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ, „ОГНЕНИ ЈАЗИЦИ“.
СЦЕНАТА НЕ Е ДЕЛ ОД ПРЕТСТАВАТА ВО РЕЖИЈА НА СЛОБОДАН УНКОВСКИ, КОЈА ПРАИЗВЕДБАТА ЈА ИМАШЕ НА ПОЧЕТОКОТ НА НОЕМВРИ 2013 ГОДИНА ВО ДРАМСКИОТ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ, НО, ЕКСКЛУЗИВНО, НАШИОТ ДРАМСКИ АВТОР ТОГАШ ЈА СПОДЕЛИ СО ЧИТАТЕЛИТЕ НА „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“, ОБЈАВЕНА ВО ОСМОТО ИЗДАНИЕ НА УЛИЧНОТО СПИСАНИЕ. ЈА РЕОБЈАВУВАМЕ ВО ЧЕСТ НА 70-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО НА НАШИОТ ДРАМСКИ АВТОР. „ОГНЕНИ ЈАЗИЦИ“ Е ПИЕСА ЗА СЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ, БРАЌАТА КИРИЛ И МЕТОДИЈ, КОЈА ГО ДРАМАТИЗРА ПРАШАЊЕТО ЗА ПРЕВОДОТ И ТОА КОЛКУ Е ТОЈ МОЖЕН И ВЕРОДОСТОЕН, НО, ИСТАТА ОТВОРА И МНОГУ ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ДЕНЕШНАТА СОСТОЈБА НА ДУХОТ, ПРЕКУ АСОЦИЈАЦИИ НА МНОГУ ДЕНЕШНИ, АКТУЕЛНИ ТЕМИ.

СЦЕНА 16: СТУДИО ЗА ПРЕВОД

ШТАНД НА САЕМОТ НА КНИГИ ВО ФРАНКФУРТ. ВИСОКА ТРКАЛЕЗНА МАСИЧКА.  ДО НЕА ЧЕКААТ ПРОЗАИСТОТ (БОГДАН), ПОЕТОТ (ВАНГЕЛ) И ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ (СТОЈКО). НОСАТ КОСТУМИ И ВРАТОВРСКИ, КАКО ЧИНОВНИЦИ. ВО РАЦЕТЕ ИМААТ ЧАНТИ ПОЛНИ СО РАКОПИСИ. ПОГЛЕДНУВААТ НА ЧАСОВНИКОТ. ПАУЗА. ВЛЕГУВААТ МАГИСТЕРОТ ПО ПРЕВОД (ВИХИНГ), ОБЛЕЧЕН ВО СВЕТЛО ЛИСТЕР ОДЕЛО. ПУШИ ПУРА. НЕГОВАТА ПОМОШНИЧКА (ДОРА) НОСИ ЕЛЕГАНТЕН КОСТУМ И ШТИКЛИ.

ПРОЗАИСТОТ:

Фала ви што дојдовте.

ПОЕТОТ:

Што одвоивте време и покрај сета презафатеност.

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

Знаеме дека кај вас се чека на ред.

ПОМОШНИЧКАТА ВАДИ ТРИ ЧАШИ ЗА ШАМПАНСКО. ВАДИ ШИШЕ ШАМПАНСКО. МУ ГО ПОДАВА НА МАГИСТЕРОТ. МАГИСТЕРОТ ГО ОТВАРА. ИМ ТУРА НА ПИСАТЕЛИТЕ. ПУШИ ПУРА.

ПРОЗАИСТОТ:

Вашата фирма е надалеку прочуена по преводи.

ПОЕТОТ:

Преводни услуги.

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

Кирилица на латиница.

ПРОЗАИСТОТ:

Судски и технички преводи. Симултан превод.

ПОЕТОТ:

Консекутивен. Интерпретација.

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

Адаптација. Нахсинхронизација.

ПРОЗАИСТОТ:

Ние сме луѓе од перо, книжевници.  Јас сум прозаист.

ПОЕТОТ:

Поет.

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

Драмски писател.

ПРОЗАИСТОТ:

Ние сме литерати. Дејци, следбеници на Кирило Методиевската традиција.

ПОЕТОТ:

Пишуваме на мал јазик. А што стои меѓу нас и Нобеловата награда?

ДРАМСКИ ПИСАТЕЛ:

Проблемот на превод. Литературен превод – мајка на сите преводи!

ПРОЗАИСТОТ:

Па гледаме располагате со најсовремена технологија. Давате полна гаранција.

ПОЕТОТ:

Мост до странските издавачи, меѓународен пазар.

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

Доста ни е да сме аналогни. Ред е и ние да станеме дигитални.

ПРОЗАИСТОТ:

Ќе префрлиме колку треба од Министерството за култура.

ПОЕТОТ:

Но да не излезе, како што имало случаи, да платиме тираж од две илјади примероци, а да ни отпечатите десет.

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

Во  смисла да не преведете жедни преку вода. (НЕПРИЈАТНА ПАУЗА.) Чувме  дека правите бесплатни преводни проби, на случајни текстуални примери.

ПОМОШНИЧКАТА МУ ДАВА НА МАГИСТЕРОТ МАЛ ЕЛЕКТРОНСКИ УРЕД, КАКО СПРАВА ЗА ПЛАЌАЊЕ СО КАРТИЧКА. ТОЈ СПРЕМНО ЧЕКА ДА НАПРАВИ ПРОБА.

ПРОЗАИСТОТ:

Иже јеси на небеси.

МАГИСТЕРОТ:

(ОТЧУКУВА ВО СПРАВАТА. МУ ЈА ПОДАВА НА ПРОЗАИСТОТ)

ПРОЗАИСТОТ:

(ЧИТА) Ти кој си на онлајн скајнет.

ПОЕТОТ:

Хлеб наш насухниј да`д нам днес.

МАГИСТЕРОТ:

(ОТЧУКУВА ВО СПРАВАТА. МУ ЈА ПОДАВА НА ПОЕТОТ.)

ПОЕТОТ

(ЧИТА) Дај ни прогрес во нашиот бенефит.

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

Но избави нас од лукаваго.

МАГИСТЕРОТ:

(ОТЧУКУВА ВО СПРАВАТА, МУ ЈА ПОДАВА НА ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ.)

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

(ЧИТА) И ургирај во делот на девијациите.

МАГИСТЕРОТ ПРИТИСКА КОПЧЕ.  ОД СПРАВАТА ИЗЛЕГУВААТ ИСПИСИ НА ПРЕВОДОТ. ИМ ГИ ДАВА НА ПИСАТЕЛИТЕ. ИЗЛЕГУВА.

ПРОЗАИСТОТ:

Професионалец човек. 

ПОЕТОТ:

Го чекаат и други мали јазици.

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

Та не сме саде ние и не сме саде тука!

ПОМОШНИЧКАТА ИМ ДАВА НА ПИСАТЕЛИТЕ ДА ПОТПИШАТ НЕКАКОВ ДОКУМЕНТ. ГИ СОБИРА ДОКУМЕНТИТЕ, БРЗО ЗАМИНУВА. ПИСАТЕЛИТЕ  ГЛЕДААТ ВО ИСПИСОТ НА ПРЕВОДОТ.

ПРОЗАИСТОТ:

Ете кај бил проблемот.

ПОЕТОТ:

Преводот е одличен. Не чинел оригиналот.

ДРАМСКИОТ ПИСАТЕЛ:

Оригиналот не му бил верен на преводот.

СИТЕ ТРОЈЦА:

(ГИ КРЕВААТ ЧАШИТЕ.) Дефинитивно!

Back to list

Напишете коментар