Уметноста и архитектурата ме прават многу среќна
РАЗГОВОР СО АМРА САДИКОВИЌ, СРЕДНОШКОЛКА КОЈА ЈА ПОНЕСЕ ПРВАТА НАГРАДА НА ПОВИКОТ ЗА ВИЗУЕЛНИ ДЕЛА НА ТЕМА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА И ОРГАНОДОНОРСТВО
Анета Ристеска
„No one can do everything, but everyone can do something“, („Никој не може да направи сè, но секој може да направи нешто“).
Ова е слоганот на победничкото дизјанерско дело на Амра Садиковиќ што ја понесе првата награда на Повикот за средношколци за визуелни дела на тема: трансплантација и органодонорство.
„Чест ми е што бев дел од овој конкурс и што можам да поттикнам свест за оваа табу тема, како многу важна. Инспирацијата ми беше трудот и пожртвуваноста на медицинсскиот персонал, и сакав да покажам дека секој има шанса да даде, донесе, направи нешто добро во овој свет“, порача Амра на доделувањето на наградите на крајот од изминатиот месец, во Ист гејт, како дел проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од Европската унија, во кој краен корисник е Министерството за здравство.
Наградата беше ваучер од „Нептун“ за уред кој ќе овозможи и нови креативни потфати во иднина.
Амра, што ве мотивираше да учествувате на овој Повик за визуелни дела за трансплантација и донирање органи?
Најмногу ме мотивираше тоа што сакав да ја подигнам свеста за оваа тема, и да придонесам нешто добро во овој свет.
Можете ли да го опишете концептот или идејата за вашето уметничко дело?
Како се одлучивте за уметничките елементи и техники што ги користевте?
Идејата за уметничкото дело се појави на средбата што беше одржана во „Јуроп хаус“ во Скопје. Кога го видов трудот на докторките кои беа таму, знаев дека тоа сакам да го прикажам и во делото. За цртежот користев акварелни бои. Не ми беше тешко да ја зиберам техниката, затоа што многу сакам да користам акварел. Тие бои на цртежот му даваат некакво лесно чувство, па делото изгледа чисто и отворено.
Дали наидовте на некои предизвици при креирањето, и ако да, како ги надминавте?
Најголем предизвик ми беше тоа што пробав да избегнам вулгарност, но, кога црташ органи, тоа не е толку лесно. Сепак, многу луѓе би се чувствувале незгодно кога би го погледнале тоа, па поради тоа се одлучив органите да ги поедноставам што е можно повеќе.
Што очекувате гледачите да почувствуваат кога ќе го видат вашето уметничко дело?
Очекувам сите што ќе го видат делото да се потсетат на своите детски денови. Детето на цртежот е намерно поставено таму. Памтам дека кога бев мала една од најголемите среќи ми беа балоните, тие ми беа најубавиот подарок што можев да го добијам. Сакав гледачите повторно да ги почувствуваат тие денови, и да видат дека подарокот на животот, (органодарувањето) може да донесе чувство на среќа, да усреќи некого, како што балоните им даваат голема среќа на децата.
Што мислите, како вашата генерација ги доживува прашањата за донирање органи и
трансплантација, и дали тоа влијаеше на вашиот пристап кон овој потфат?
Со тоа што нашата генерација има голем пристап кон инфомрациите на интернет, мислам дека секој од нас наишол на нешто за органдонорството и трансплантацијата, и дека тоа не ни е нова тема. Но, сепак, мислам дека на интернет има и лажни инфомрации, и при тоа треба да бидеме многу внимателни, и да се едуцираме што е можно повеќе.
Каков е вашиот став за процесите на трансплантацијата и органодонорство, и, воопшто, на вашето опкружување? Имавте ли некакви предзнаења за темата пред да се приклучите кон Повикот, или истражувавте?
Темата ја разговаравме и со моите најблиски, и сите скоро делевме ист став, со оглед на тоа дека имавме случај на органодонорство во фамилијата. Сите знаеме колку голема жртва и подарок е тоа.
Како би ја дефинирале улогата на уметноста во подигнувањето на свеста за важни општествени прашања?
Мислам дека улогата на уметноста има огромно значење во подигнувањето на свеста. Таа може да поттикне многу различни емоции, чувства кај некоја личност.
Какво е чувството да си го препознаете вашето уметничко дело на овој начин? Награда, изложба… Каде се гледате себе си во иднина? Дали дизајнот, уметноста се дел од вашите планови?
Многу бев возбудена кога дознав дека моето дело ќе биде изложено, а уште посреќна кога дознав дека имам освоено награда. Најпрво споделив со сестра ми, која беше покрај мене кога дознав. И тоа прво место, кое, навистина, не го очекував.
Моментално учам архитектура. Уметноста и архитектурата ме прават многу среќна. Јас во тоа уживам.
Се надевам дека и во иднина ќе продолжам во овој дух.