Усвоени иницијативите за заштита на Шар Планина и Осоговските Планини
Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека на Седницата на Влада одржана на 5 мај биле усвоени иницијативите за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските Планини.
Владата одлучила да ги прифати предлозите на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата национален парк и прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје во категоријата V – заштитен предел.
Согласно законската процедура за прогласување заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, и по усогласувањето на мислењата и забелешките ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации, соопштуваат од МЖСПП.
Македонско еколошко друштво и Пријателите на Шара ја поздравуваат одлуката на Владата донесена на 49-та Седница за прифатливост на иницијативата за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – Национален парк, како што е истакнато, тргнувајќи од јасна политичка волја и определба да се стават под заштита природните убавини и реткости.
„Како организации што повеќе од две декади работат и делуваат на Шар Планина сметаме дека ова е историски напредок на процесот којшто официјално на институционално ниво беше започнат во далечната 1997 година, кога беше изготвен предлог Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк“, велат од таму.
МЕД ја истражува биолошката разновидност на Шар Планина од 1998 година па до денес. Како организација биле вклучени во изготвување на повеќе клучни документи за природните вредности на Шар Планина како и за прекугранична заштита на ова значајно подрачје.
„Со прогласувањето на НП Шар Планина ќе се формира едно од најголемите прекугранични заштитени подрачја во Европа со што ќе се приближиме до остварување на државните стратешки определби за зачувување на нашето природно наследство. Тоа ќе придонесе за поефикасна заштита на биолошката разновидност и природата, а ќе се отворат можности за одржлив социо-економски развој на подрачјето и локалните заедници“, додаваат од МЕД.