Ден на млади на Школка – промоција на улогата на младите во општественото делување
Утревечер, 11 август, во Градскиот парк – Школка, со почеток во 19 часот, ќе се одржи настан за одбележување на Меѓународниот ден на младите, во организација на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Скопје и Младински образовен форум – МОФ во партнерство со Агенцијата за млади и спорт – АМС, Програмата за развој на Обединети нации – УНДП, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.
Настанот е посветен на младите луѓе и има за цел да ги поттикне младите да се вклучат во различни активности наменети за нив, да ги поттикне креативно да се изразуваат и делуваат и да учествуваат во процесите на донесување одлуки. Овој настан претставува одлична можност за промоција на улогата на младите во општественото делување.
Програмата на настанот ги вклучува следните активности:
● Отворање на настанот со настап од Алдин Мурати – млад музичар;
● Поздравни обраќања:
○ Моника Сандри, Привремен вршител на работите Постојан координатор на ОН
○ Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт;
● Презентирање на процесот на подготвување на Националната стратегија за млади 2023-2027 година;
● Церемонија за доделување на награди за Младинско учество – Агенција за Млади и Спорт (АМС) и Национален Младински Совет на Македонија (НМСМ).
● Посета на промотивните штандови на организациите/институциите и
● Концерт во изведба на „Гола Планина Колектив“ и “Roma Rock School”.
На настанот ќе бидат присутни и продавачи на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, кои на граѓаните ќе им го понудат актуелното издание посветено на темата: потреба од создавање инклузивен пазар на трудот.