Васил Зафирчев во униформата на „Лице в лице“
Топол, дружељубив, срдечен, љубезен, насмеан и искрен – токму таков е актерот Васил Зафирчев, кој со поддршката дадена од срце, ја расположи продавачката на „Лице в лице“, Рамајана Реџепи. Зафирчев денеска го продаваше списанието „Лице в лице“ заедно со неа, нудејќи им го на граѓаните на Скопје кои ги пресретнаа во едночасовната прошетка низ центарот на градот. Рамајана е една од ретките продавачи на списанието која во пандемијава излегува на продажба низ градот. Нејзината мотивација опаѓа поради намалена продажба на списанието. Но, пандемијата не е причина, оние кои можат, знаат и сакаат, да направат нешто поразлично, и да ги поддржат оние на кои им се најпотребни.
– Задоволство ми беше времето поминато со Рамајана. Таа е прекрасна девојка. Силна и решителна, верувам дека ќе успее во животот – рече Зафирчев, кој изминатиов период се вклучи во поддршка на кампањата „Посреќна 2021! ЗА СИТЕ“. Зафирчев е и на насловницата на новиот, 43-ти број на „Лице в лице“, со ликот на Марио од ситкомот „Преспав“, чиј тим, заедно со него ја поддржуваат кампањата која има цел да поттикне граѓаните да се зачленат на дигиталната платформа на „Лице в лице“, преку која се креирани решенија за поддршка на оваа иницијатива. Повеќе за тоа, читајте на овој линк.
И покрај празничното украсување на градот, Скопје не го живее предпразничното расположение. На главниот плоштад, има повеќе Дедо мразовци, отколку деца кои би се фотографирале со нив. Луѓето таму продаваат кој што стигнал, очигледно е дека сите се борат да го поминат денот. Те запираат за да ти направат силуета од хартија, да „мушнат“ пакетче кое е „само 100 денари“, нудат лижавче, балонче, кадифено куче што лае и се превртува. Ретко кој купува, повеќето се шлаат, секако, со маските под носот. Скопје е тажно како ниедна Нова година претходно.
– Секој ден излегувам да продавам, сакам да заработам. Но, тешко е. Васил го имам видено на телевизија, многу ми беше смешен. Многу му благодарам, ми го разубаве денот – вели Рамајана, која по дружењето со Васил, рече дека ќе помине низ Дебар Маало, „дур ја држи насмевката која ѝ ја предизвика Васил“. Преку оваа активност беше и промовирано новото, 43. издание на уличното списание за одржлив развој, кое ја носи темата „Иднината на правата на човекот“.