Доза вести

Вечерва се отвора Саемот на книга, фокусот е на младите

Време на читање: < 1 минута
- банер -


Над 60 издавачки куќи од земјава, како и од Турција, Србија, Косово и Албанија ќе се претстават на годинашното 34-то издание на Саемот на книга што се одржува во арената „Борис Трајковски“ од денеска до 9 мај. Фокусот годинава е ставен на детската литература односно на привлекување на најмладите читатели.

На Саемот оваа година ќе се реализираат средби со автори, но и голем дел на промоции и попусти. Сите значајни издавачки куќи ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година.

Освен редовниот термин на одржување, годинава се враќаат и групните посети за учениците од средните и основните училишта. За време на Саемот ќе бидат организирани и работилници и промоции на нови изданија за деца.

По повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, на Саемот ќе се одржи промотивен настан насловен „Македонски книжевни класици – Подарок за поколенијата!”, на кој ќе биде даден осврт на најзначајните творци на македонската книжевност Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Оливера Николова, Ѓорѓи Абаџиев, Димитар Солев.

- банер -

Во седумте саемски денови ќе се одржат повеќе од 30 промоции на нови изданија и автори во Промотивниот центар, а ќе има гостувања и на странски автори.

Ќе бидат доделени и наградите на Македонска Асоцијација на издавачи (МАИ).

Значајно претставување оваа година ќе има Република Турција преку своето Министерство за култура и туризам, а во соработка со Турскиот Културен Центар „Јунус Емре”. Во рамките на нивниот штанд се најавени многу активности со уметници и автори од оваа земја.

Електронските билети за Саемот можат да се купат преку веб страницата „www.karti.com.mk“, а влезници можат да се купат и на билетарата на арена „Борис Трајковски“.

Напишете коментар