Вештачката интелигенција – сојузник на учениците, непријател на наставниците?
Недоволната информираност за примената на ВИ е причина за појава на скептицизам и негативен став кон неа. Ако наставниците не добијат доволно обука и ресурси за успешно користење на ВИ, може да развијат одредени фрустрации и негативни ставови. Исто така, ако наставникот има конзервативен стил на настава и е навикнат на традиционалните методи на работа, ќе смета дека примената на ВИ во наставата го нарушува нормалното функционирање во училишната средина
Маја Митевска-Поцева
Примената на вештачката интелигенција (ВИ) во последните години има значаен потенцијал да го промени начинот на кој учиме и предаваме знаење. Додека традиционалното образование се заснова на универзални стандарди и наставни планови, ВИ овозможува приспособливост и промена во образовниот процес. Со помош на ВИ учениците можат да учат во свое темпо и да се фокусираат на области во кои имаат најголем интерес и потенцијал.
Со ВИ наставниците ја губат контролата во училишната средина?
ВИ придонесува и кон развојот на нови образовни платформи и алатки. Виртуелната реалност, присутна во некои образовни системи, овозможува интерактивно и искуствено учење со реални сценарија, што ги подобрува креативноста и иновациите на учениците. Исто така, овозможува подобрување на учењето преку персонализиран и индивидуализиран пристап. Технологиите на ВИ можат да анализираат податоци за секој ученик и да ги идентификуваат неговите силни и слаби страни, интереси и стил на учење. Според овие анализи, системите на ВИ можат да создадат персонализирани учебни планови и да предложат приспособена учебна содржина, што го зголемува ефикасното учење и го мотивира ученикот.
Дополнително, ВИ овозможува поддршка на наставниците во нивната работа. Со автоматизирани алатки за оценување, ВИ може брзо да анализира и оцени голем број тестови и задачи, што ослободува време наставниците подобро да се поврзат со учениците и да ги приспособат учебните методи според нивните потреби.
Врз основа на добиени резултати од истражување на учениците заклучуваме дека мал дел од нив знаат што се подразбира под поимот вештачка интелигенција (како термин), но околу 50 проценти од нив имаа слушнато за ChatGPT, а дел од нив веќе го имале користено. На прашањето дали сметаат дека користењето на вештачката интелигенција е корисно за нив, повеќе од 65 проценти се согласија дека би им била од корист, и тоа најголем дел го избраа подрачјето на образованието (за подготовка на состави за писмени работи, одговарање прашања за домашна работа и сл.).
Наставниците, пак, се запознаени со ВИ, но сметаат дека нејзината примена би била штетна за самите ученици. Самата примената на вештачката интелигенција од страна на учениците би ги довела до стадиум да не размислуваат и да применуваат готов производ. Со примената на ВИ, наставниците до одредена мера ја губат контролата во училишната средина. Исто така, имаат чувство дека не се доволно едуцирани за да можат да ги насочат учениците да ја применуваат ВИ и да можат критички да размислуваат. Недоволната информираност за примената на ВИ е причина за појава на скептицизам и негативен став кон неа. Ако наставниците не добијат доволно обука и ресурси за успешно користење на ВИ, може да развијат одредени фрустрации и негативни ставови. Ако наставникот има конзервативен стил на настава и е навикнат на традиционалните методи на работа, ќе смета дека примената на ВИ во наставата го нарушува вообичаеното функционирање во училишната средина.
ВИ овозможува персонализирани учебни планови
Влијанието на вештачката интелигенција (ВИ) во образованието донесува значајни промени преку кои се овозможува да се трансформира и да се промени начинот на кој се предава, учи и комуницира во училиштата.
ВИ може да ги анализира и разбере стиловите на учење и потребите на секој ученик, што овозможува персонализирани учебни планови. Ова помага во приспособување на материјалите и методите според потребите на секој ученик зголемувајќи ги нивниот успех и мотивација.
Овој систем ги нагласува потребите на секој ученик истакнувајќи специфични теми во кои учениците се слаби и повторувајќи ги предметите што не ги совладале. Вештачката интелигенција може да го персонализира образовниот систем со тоа што ќе овозможи приспособување на материјалите за учење според нивото на знаење на секој ученик. Ќе подготвува персонализирани текстови за секој ученик, како и дополнителни ресурси за ученици што сакаат подлабоко да навлезат во одредена тема и ќе обезбедува помош со приспособени материјали за темите што не се добро совладани.
Ова ќе создаде околина во која наставниците ќе понудат поддршка и помош само кога им е потребна на учениците.
Персонализацијата е еден од најистакнатите образовни трендови. Персонализираното учење е образовен пристап, кој се фокусира на индивидуалните потреби, интереси и стил на учење на секој ученик. Оваа методологија се базира на идејата дека учениците не се исти и дека секој ученик има различно темпо на учење и разбирање, како и различни претстави за наставните теми. Вештачката интелигенција може да се приспособи на нивото на експертиза на секој ученик, брзината на учење и посакуваните цели за да се осигури дека ќе го извлече максимумот од учењето. Понатаму, системите со вештачка интелигенција можат да ја испитаат претходната образовна историја на учениците, да откријат недостиг и да препорачаат курсеви посоодветни за учење.Флексибилното учење се однесува на образовен модел што овозможува учениците да имаат повеќе контрола врз времето, темпото и местото на учење. Овој модел се фокусира на персонализирано учење и се приспособува според потребите и преференциите на учениците. Со флексибилното учење учениците можат да учат од дома, од кафуле, на работа или од кое било друго место каде што постои интернет, да учат од разновидни образовни материјали, што доведува до подобрување на комуникацијата.
ВИ може да ги стимулира учениците да размислуваат критички
Системи на ВИ може автоматски да оценуваат задачи и тестови обезбедувајќи моментна информација за учениците. Ова може да им помогне во брзото разбирање на своите грешки и подобрување на своите карактеристики во учењето. Исто така, ВИ може да се користи за развивање интерактивни образовни алатки, виртуелни асистенти и симулации што ќе ги зголемат ангажманот и поврзаноста на учениците во учењето.
ВИ може да ги стимулира учениците да размислуваат критички и да решаваат комплексни проблеми преку претставување на предизвиците и задачите што ги поттикнуваат да ги користат своето критичко мислење и креативност. Исто така, системите на ВИ може да следат новости и трендови во образованието, што овозможува постојано ажурирање на учебните програми и методите. Ова помага во приспособување на образованието кон современите потреби и области.
Традиционално, учениците добиваат решенија за своите проблеми само кога ќе се сретнат со своите наставници или професори и имаат шанса да им поставуваат прашања во училницата. За среќа, овој проблем го решаваат со помош на ВИ, која им е достапна за помош на учениците во секое време од денот.
Помош во секое време за учење е ресурс или систем што овозможува учениците да добиваат поддршка и информации за учење во секое време, независно од деновите и часовите. Оваа концепција на постојана достапност на образовни ресурси и помош е овозможена благодарение на современите технологии, особено на интернет и со вештачката интелигенција.
Негативни страни на вештачката интелигенција
Иако примената на вештачката интелигенција (ВИ) во образованието има многу предности, сепак има и негативни страни. Како една од најчестоспомнуваните негативни страни на примената на ВИ е недостигот од човечка поврзаност. Внесувањето на ВИ во наставата може да доведе до намалување на поврзаноста лице в лице со наставниците и соучениците. Сето ова може да има негативно влијание на социјализацијата, развојот на личните односи и на разбирањето кај учениците.
Воведувањето на ВИ во образованието може да доведе до автоматизација на одредени задачи и работи, како што се оценувањето и подготовката на материјали, што може да резултира со губење работни места за наставниците, посебно во административниот дел, а, исто така, може да има негативни страни од точка на гледиште на вработување во иднина. Технолошката автоматизација може да има влијанија врз бројот на работни места, што може да се одрази на идните перспективи за учениците.
Учениците можат да станат зависни од технологијата и од алатките на ВИ, што може да ја намали нивната способност за развој на одредени критички вештини, како критичко мислење и решавање проблеми.
Наставниците може да почувствуваат дека губат контрола врз образовниот процес кога се вклучува ВИ во оценувањето, учењето и планирањето. Особено ако не разбираат добро како функционира ВИ, може да се создаде штета на односот меѓу наставникот и образовниот процес.
ВИ може да се среќава со непредвидливи ситуации и да прави грешки, посебно во ситуации што бараат разбирање на комплексните човечки аспекти. Ова може да води до грешки во анализата и во советот што го дава ВИ. Ако учениците станат зависни од ВИ за решавање задачи или предвидување одговори, може да го загубат сопственото критичко мислење и креативни вештини. Ова може да го ограничи развојот на самостојност и иницијатива.
Собирањето и анализата на голем број податоци може да создаде ризик од злоупотреба или несакани дејства што може да создаде ризик за приватноста на учениците и наставниците.За да можеме правилно да ја применуваме ВИ, потребно е да ги согледаме сите предности и предизвици. Таа не треба да биде замена за наставните методи туку да биде дополнување на традиционалните наставни методи со цел да се обезбеди квалитетна настава за учениците. На тој начин ќе се обезбеди квалитетна настава за учениците и ќе се подобрат учењето и постигнувањата на секој ученик. Како што ВИ сè повеќе се вклучува во воспитно-образовниот процес во училиштата, таа создава флексибилна средина за учење, со што овозможува пристап до образование надвор од какво било физичко ограничување.
(Авторката е наставничка во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип)
photo: Freepik