Доза вести

Владимир Јанковски е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2020 година

„Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски е романот кој оваа година ја освои наградата „Роман на годината“, книжевната награда која ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ под генерално покровителство на Комерцијална банка АД. Романот на Јанковски е објавен од издавачката куќа „Антолог“.

„Литературата и раскажувањето приказни ни се потребни, бидејки прикажуваат дека животот е полн со нијанси, не е црно-бел, туку полн со различни перспективи. Треба сите да се потрудиме литературата и уметноста да допрат до нашите сограѓани, бидејки така создаваме посложена перспектива за животот што не опкружува. Затоа приказните и литературата се многу битни“, изјави лауератот Јанковски при доделувањето на наградата.

За наградата оваа година конкурираа 41 роман, а во најтесниот круг се натпреваруваа романите „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски („Или – или“), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски („Антолог“), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски („Антолог“) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).

Жири-комисијата во состав на претседателката Оливера Николова, Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и претставничката на фондацијата Катерина Богоева, го соопштија лауреатот денес на прес-конференцијата во кафе-книжарницата „Буква“.

Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 22-ри пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Напишете коментар