ЗЕНици, Лице в лице интервју

Интервју со Ирина Крстевска: Емоцијата е присутна во секое мое дело

Време на читање: 2 минути

Во подготовка сме на новиот, 57-ми број на списанието „Лице в лице“. Сметаме дека ќе е интересно да раскажеме и за тоа како доаѓаме до идеите и како го креираме визуелниот идентитет на списанието. Затоа, го пренесуваме разговорот со фотографката Ирина Крстевска која низ фото-објектив ја доловува визуелната приказна на „Лице в лице“.
Ирина е дел од екипата Зеници, подмладокот на „Лице в лице“. Можете и вие да бидете дел од таа екипа! (клик тука за повеќе)
Се читкаме 😉

Ти си дел од тимот што стои зад визуелниот идентитет на последните две изданија на списанието „Лице в лице“, а моментално работиш и на третото. Каков пристап имаш кога креираш фотографска приказна за едно вакво списание со социјална порака?

Кога се работи на едно вакво списание, првата идеја е дека фотографијата треба да допре до сите и да пренесе одредена порака. Искрено кажано, тоа не е ниту лесно ниту едноставно, бидејќи тоа што го пренесува фотографијата мора да биде и јасно и гласно. Крајното дело е сепак резултат на заеднички труд на направената фотографија и пишаниот збор, што значи дека целокупната слика е сепак резултат на тимска работа.

Освен соработката со „Лице в лице“, твоето портфолио вклучува и фотографирање на фестивали, културни настани и наградувани серии. Како се прелеваат овие различни светови во твојата работа?

Сите овие, на прв поглед различни светови, имаат една многу значајна заедничка работа која ги спојува а тоа е емоцијата. Емоцијата е присутна во секое мое дело. И токму ловењето на моментите во кои се гледа таа емоција која буди спомени на некое убаво време е и целта на моето фотографирање без разлика каде е.

Фотографијата зборува без зборови. Како балансираш уметнички израз и општествен ангажман во твоите кадри?

Фотографијата претставува универзален јазик, без разлика дали е во сферата на уметноста или во општествената сфера. Преку фотографијата и во двата ангажмана се обидувам да ја внесам уметноста, односно креативниот кадар. Единствената разлика е во тоа што во уметничката фотографија ја имам комплетната слобода сама да креирам порака кон публиката, додека во општествениот дел се обидувам фотографскиот приказ да биде преку уникатен кадар кој на поинаков начин ќе го долови настанот.

Од што црпиш инспирација кога фотографираш – дали се тоа луѓето, просторот, емоциите…? И дали би можела да ни споделиш која е, според тебе, најдобрата фотографија што досега си ја направила – онаа што најмногу те опишува како авторка?

Инспирација има секаде. Тоа може да биде личност, предмет, убаво подготвено јадење, моментална емоција, некакво патување, или пак спој на некои други уметности. Но тоа што најмногу настојувам да го има во моите дела е секако уникатноста. Ако морам да издвојам нешто што најмногу би ме опишало, тоа е портретот. Во него може да се види сè. Но можам да кажам дека сите мои фотографии сум јас и сите тие го покажуваат моето растење во креативниот свет. Која фотографија е најдобра, сепак ќе оставам на публиката да каже.

Повеќе фотографии од Ирина ќе најдете на нејзиниот профил на „Инстаграм“


Напишете коментар