Блог

Време е стравот да смени страна

Поради тешката регулација на онлајн сферата и создавањето дипфејк содржина со помош на вештачката интелигенција, се продлабочува и стравот кај жените.  Сега не само што се вртиме да видиме дали некој нè следи додека си одиме дома, туку стравуваме и од пораките што ќе ни стигнат на телефоните и од содржината што ќе ја прочитаме на социјалните мрежи…
Крајно време е чувството на страв да смени страна – да почне да преовладува кај насилниците, наместо кон жртвите.

Авторка: Марта Стевковска
Илустрации и дизајни: Теано Кардула за Мрежа „Стела“

Неодамна прочитав анонимна објава во група каде девојка бара помош за тоа како да постапи доколку некој маж споделил или направил со помош на вештачка интелигенција експлицитно видео со злоупотреба на нејзина фотографија и податоци. Објавата беше набрзо избришана. Tоа не го брише стравот на таа девојка, што можеше да се почувствува во нејзините зборови. Не се брише ниту вознемирувачката информација дека, можеби некаде во дигиталниот простор навистина се шири такво видео од неа.

Ова дополнително го потврдува фактот – ние, жените живееме во постојан страв. Страв од насилство, страв од напади, страв од злоупотреба, страв од силување, страв од дискриминација, страв од неправда и недоверба, страв за сопствената безбедност. Тој страв не е резервиран и не опстојува само во реалниот физички свет, туку го чувствуваме и кога гледаме во екранот. Бројката на случаи на злоупотреба на фотографии и видеа споделени во групи на мажи или на социјалните мрежи расте вртоглаво. Само изминатиов период имаше неколку случаи (Велес, Битола, Тетово) на малолетничко сексуално насилство во градовите низ нашата земја. Сè уште живееме и во сенка на „Јавна соба“, групата на Телеграм каде беа споделувани интимни фотографии и видеа од над 14.000 жени и девојки.

Сведоци сме дека родово-базираното насилство добива нови димензии во дигиталниот простор. Сајбер сексуалното вознемирување, сајбер демнење, неовластеното споделување на интимни фотографии и видеа (порнографија без согласност – одмазничка порнографија), клевета во онлајн просторот, тролање… Ова се само некои од начините на кои насилството може да се манифестира онлајн. Овие форми на насилство може да бидат помалку видливи, но често имаат долготрајни психолошки последици по жртвите, со оглед на тоа што дигиталниот простор овозможува насилството да се споделува глобално. Иако начинот на извршување се разликува, сличноста меѓу родово-базираното насилство во физичкиот и во дигиталниот простор е тоа што и двете се поттикнати од истите системски родови нееднаквости ( информации од Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор).

Дополнителен предизвик за жените при пријавување на дигитално насилство е несензитивноста на полициските службеници кои често двојно ја виктимизираат жената/девојката која решила да пријави.  По пријавувањето, почнува и институционалниот лавиринит и толкувањето на случаите од страна на јавните обвинители и судиите. Често овие случаи се третираат како „злоупотреба на лични податоци“, што воопшто не ги опфаќа експлицитно сексуалните содржини. А токму тие, фотографии и видеа споделени без дозвола, се најчестиот облик на дигитално родово-базирано насилство.

Дигиталното родово-базирано насилство, и воопшто насилството, останува глобален и системски проблем кој само се продлабочува поради тешката регулација на онлајн сферата и создавањето дипфејк содржина со помош на вештачката интелигенција. Затоа и стравот кај жените расте со секој изминат ден.  Сега не само што се вртиме да видиме дали нè следи некој додека си одиме дома, туку стравуваме и од пораките што ќе ни стигнат на телефоните и од содржината што ќе ја прочитаме на социјалните мрежи. А вината не е наша! Вината е кај насилниците кои прават кривични дела, а притоа не чувствуваат одговорност, ниту се казнети. Вината е и во непостапувањето на институциите кои само го продлабочуваат проблемот и насилството, наместо да реагираат соодветно и да вложуваат во едукација, системска поддршка и решенија.

Сепак, како што рече Жизел Пелико (Французинката која беше жртва на масовно силување од страна на над 70 мажи) дека „срамот мора да смени страна“, сметам дека крајно време е и чувството на страв да смени страна, односно да почне да преовладува кај насилниците. Со сè погласните јавни изјави и здружувања против насилство, пријавувањето на насилниците и барањата за менување на законските регулативи, жените полека ќе почнат да се ослободуваат од стравот и срамот. На овој начин ќе се смени и наративот. Насилниците се тие кои навистина треба да се плашат од последици доколку извршат насилство и да им биде срам за кривичното дело кое го направиле. 

За ова ни треба и меѓусебна солидарност, поддршка и охрабрување на женските гласови да бидат присутни во секоја сфера, но и мажите да се едуцираат, да препознаваат разни форми на насилство,  да пријавуваат, реагираат јавно и конечно да се свртат против насилството. Медиумите, пак имаат обврска да почнат да употребуваат родово сензитивен јазик и да ги нарекуваат кривичните дела по вистинското име, барајќи одговорност од насилниците и од институциите, но и да ги бришат сексистичките и мизогини коментари што ја обвинуваат жртвата и прават сензација од насилство.

Проблемот со насилството бара сеопфатен, повеќесекторски пристап и решенија, бидејќи не е приватен проблем, ниту исклучок, туку социјален, родов и системски проблем што се лизга низ прсти и навлегува во сите пори на општеството.

Авторката е специјалистка за комуникации во Мрежа „Стела“ и активистка за родова еднаквост

Напишете коментар