„Заедници инклузивни за млади“ ќе го подобрува младинското влијание во општеството
Во Europe House – Скопје денеска беше означен почетокот на проектот „Заедници инклузивни за млади“ финансиран од Европската Унија, кој има за цел да го подобри локалното владеење преку зголемена инклузивност на локалните процеси и младинското влијание во општеството.
На прес-конференцијата беа презентирани активностите и можностите што ги нуди проектот, а кои се во насока на тоа да ги ангажираат младинските граѓански организации во поддршка на своите локални заедници, да ги искористат постојните механизми за учество во локалните политики и процесите на донесување одлуки кои се однесуваат на нивните потреби и потребите на нивните конституенти.
Мариана Ангелова, генерален секретар на Националниот младински совет на Македонија истакна дека идејата за имплементација на еден ваков 30-месечен проект произлегува од потребата за подобрување и продлабочување на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, како основа за создавање на инкузивни локални заедници кои ќе имаат слух за потребите на младите и ќе ги вклучуваат младите во процесот на донесување одлуки.
– Подетално проектот се стреми да развие и имплементира политики соодветни за младите преку постоечките механизми за младинско учество, да ги зајакне капацитетите на младинските организации за социјална инклузија, човекови права и креирање на политики и да го поддржи дијалогот помеѓу младите и институциите за социјална кохезија. Како опипливи резултати од проектот во идните 30 месеци се очекува да се зајакнат капацитетите на најмалку 30 младински организации и најмалку осум локални младински совети, да се направи мониторинг на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, по што би се креирале осум мониторинг извештаи за секој од планските региони и еден национален кој ќе ги опфати и националните институции, велат претставниците од здруженијата кои ќе го имплементираат проектот.
Дополнително, во рамки на проектот ќе се развие методологија за мерење на младинската инклузија на единиците на локалната самоуправа и ќе се поддржат локални иницијативи на најмалку 15 младински организации и неформални групи на млади.
Проектот ќе го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија заедно со партнерите – Фондација за локален развој на заедницата – Штип, СФЕРА Интернешнал – Битола и Youth Empowerment Platform – Гостивар.