Заклучени заедно
ЖЕНИТЕ КОИ ПРЕЖИВЕАЛЕ ЕКОНОМСКО НАСИЛСТВО – ПОТЕШКО ВЛЕГУВААТ НА ПАЗАРОТ НА ТРУД. ЕКОНОМСКОТО НАСИЛСТВО Е ЗАСТРАШУВАЧКО И НАЈЧЕСТО ДОВЕДУВА ДО ИЗОЛАЦИЈА НА ЖЕНИТЕ, ДО КОЛАПС НА БЕЗБЕДНОСТА И СОЗДАВАЊЕ ЧУВСТВО НА ЗАВИСНОСТ.
„Спречување на насилството врз жените и девојките: Спроведување норми, менување ставови”
Колку домот е најбезбедно место за сите?
Осумдесет отсто од убиствата на жените во земјава се злосторства од омраза кон личности од женскиот пол – фемициди и најчесто тоа се поранешни или сегашни партнери на жртвите, според „Анализа на случаи на фемициди“ од 2018 година.
Фемицид означува родово базирано убиство, односно убиство на жена затоа што е жена. Постојат повеќе видови на фемицид, но, најзастепен е интимниот и најчесто го извршил сегашен или поранешен партнер на жртвата. Фактите говорот дека во најголем број на случаи на фемицидот му претходело континуирано семејно насилство, и дека најчесто и фемицидот и семејното насилство се случува во домот, па оттука се наметнува прашањето – колку домот навистина е најбезбедно место за сите.
Пандемија во сенка
Да останеме безбедни!
Да останеме дома!
Ова беа најчестите апели во време на пандемија кај нас и во светот.
При донесување на кризните мерки не се зеде предвид дека за некои луѓе, останувањето дома значеше уште поголема опасност по нивниот живот. Изолирањето на жените жртви на насилство со насилникот, со други зборови беше, и принудно заложеништво со злоставувачот, но, и истовремено недостапност до ресурсите наменети да им дадат поддршка.
Овие мерки им одеа во прилог на насилниците, имајќи ги под контрола сите движења, контакти и постапки на жртвите. Оттука, може да се каже дека се родија и нови облици на насилство, а се зголеми и бројот на пријавени случаи, па затоа често се споменуваше дека покрај постоечката пандемија, се соочивме со уште една „пандемија во сенка“.
Податоците обезбедени од МВР, објавени во списанието на научни трудови „Меѓународен дијалог Исток-Запад“, посочуваат трендови на пораст нa пријавите на поплаки, кривични дела и прекршоци од областа на семејното насилство, со зголемување од по 10, 18 па и 25 проценти, во зависност од категоријата:
„Кога ќе се споредат податоците за периодот од јануари до јуни 2019 година со истиот временски период од 2020 година, најголем пораст од 25% бележи категоријата „поплаки“ за семејно насилство до МВР“, посочено е во научниот труд со наслов „Меѓународен дијалог Исток-Запад“.
Овие бројки укажуваат дека насилството врз жените ескалирало во време на пандемија.
Се смета дека бројките се многу поголеми, земајќи предвид дека процедурите за пријавување и процесирање на насилство не се променија, односно не се прилагодија на ситуацијата. Многу од жените не пријавувале насилство сметајќи дека така ќе се доведат себеси и своите деца во уште по ризична ситуација. Меѓутоа, ова е само една од причините за премолчување и непријавување на насилство. Друга, многу честа е економската зависност на жените жртви на насилство, проблем кој е секојдневние и на останатите лица од ранлива категорија.
Економското насилство тешко се препознава
За разлика од физичкото, психичкото и сексуалното, се добива впечаток дека економското насилство како облик на семејно насилство е феномен со кој не сме доволно запознаени преку медиумите и кој често не се препознава како облик на насилство.
Во традиционалните и патријархалните средини, како нашата, каде што преовладува ставот кои се женските, а кои машките улоги – дека мажот треба да заработува и да располага со пари, а жената да се грижи за семејниот живот, економското насилство тешко може да се препознае. Тоа е застрашувачко и најчесто доведува до изолација на жените, до колапс на безбедноста и создавање на чувство на зависност. Во многу случаи на овие жени им се ускратува и интелектуалната слобода, можноста за образование или пак за било каков напредок во својата професија.
Жените кои преживеале економско насилство многу често имаат потешкотии во управувањето и прераспределбата на парите, тешко им е да се вработат бидејќи долго време се надвор од пазарот на трудот, не веруваат во себе и се сомневаат дека се способни за водење бизнис. Некои од знаците на финансиска злоупотреба се: целосна контрола на финансиите, забрана за пристап до банкарски сметки, давање на недоволни суми на пари и следење на што жената ги троши, забрана на жената да се вработи, спречување на да оди на работа или притисок да ја напушти работата, правење разни проблеми на работното место кои водат до отпуштање на жена од работа (пристигнување и вознемирување на жена на работното место, вознемирување на колеги, клиенти, работодавач итн.), користење на кредитната картичка на жената без нејзина дозвола, убедување на жените да позајмуваат финансии од други луѓе, побарувања имотот што го стекнала да биде регистриран на негово име и многу други ситуации.
Економската стабилност – клуч за интеграција и зајакнување на жените жртви на насилство
Соочувајќи се со потребите од терен, Асоцијацијата за истражување, комуникација и равој ,,Паблик“ креираше методологија „Социјално менторство за работна интерација“, која пак, од неодамна, е адаптирана на потребите на целната група жени жртви на насилство. Овие активности „Паблик“ ги спроведува во склоп на проектот „Можности за економска реинтеграција преку социјално менторство за жени жрви на насилство“ кој пак е дел од регионалната програма
„Спречување на насилството врз жените и девојките: Спроведување норми, менување ставови”, поддржана од Европската унија, а имплементирана од страна на меѓународната организација UN Women.
Во моментов четири социјални менторки се насочуваат за обезбедување на оваа услуга кон 15 жени жртви на насилство, со кои ќе работат на економско зајакнување.
Економската стабилност е еден од клучните фактори за поголема независност и одлучност жените да се охрабрат и да ја напуштат насилната средина, да пријават и да стават крај на насилството.(Авторката е социјален ментор на жени жртви на семејно насилство)
Илустрации: Зоран Инадески
Асоцијацијата за истражување, комуникација и равој ,,Паблик“ и Платформата за одржлив развој, „Лице в лице“ се приклучуваат кон Глобалната годишна кампања „16 дена активизам за борба против насилство врз жените“, која завршува на 10-ти декември, на Меѓународниот ден на човековите права – со објава на содржини врзани за потребата од економско зајакнување на жените жртви на насилство.