„Лице в лице“ е непрофитно, независно улично списание, посветено на одржливиот развој, на социјалната инклузија, на вредности кои упатуваат кон социјална правда, на принципите на еднаквост, демократија и на хуманост.

Претставува пионерски чекор на полето на социјалното претприемаштво во земјава и е единствено улично списание во Македонија. Се залагаме за човековите права, за правата на загрозените и на маргинализираните групи и поединци, за родова рамноправност, за соработка и за поврзување, за здраво физичко и ментално опкружување, за одржлив развој, за мир, против насилство, расизам и омраза од секој вид.

- Купувајќи „Лице в лице“ им помагате на многумина – повеќе луѓе ќе добијат можност да се тргнат од улицата, која засега им е единствената адреса.
- Читајќи „Лице в лице“ си помагате себеси – на единствен и инспиративен начин ќе сознаете дека светот може да се гледа и со други очи и дека состојбите зависат од нас.

„Лице в лице“ одвојува простор за содржина која опфаќа визионерски идеи, добри практики и искуства кои ги таргетираат Целите за одржлив развој, но, и соржини кои отвораат прашања од поинаков агол, кои нудат иновативни решенија на горливи предизвици на денешницата, како и приказни кои инспирираат и поттикнуваат на активност.

Повеќе на линкот

Нè интересираат, пред сè, добрите дела, новите корисни идеи и практики, активности што „работат“ во прилог на позитивните промени. Ќе ги афирмираме тие што се трудат да ги ублажат негативните ефекти, кои на нов начин ги разбираат проблемите и се обидуваат да ги објаснат, а особено тие што активно придонесуваат за нивното ублажување. Ќе ги охрабруваме сите напори (во сите области) што придонесуваат за социјална, културна и за економска вклученост, одржлив развој, за здравјето на планетата, ефикасна заштита на јавниот интерес.

Се залагаме за:
– Демаргинализација на групи, поединци, идеи;
– За вклучување, а против исклучување;
– Зачувување на здрава и одржлива животна (физичка и ментална) средина, а против загадувањето од секој вид;
– Афирмација на јавните простори, јавниот интерес, а против недостапност и узурпација.

Промовираме вклучувачки трендови, кои придонесуваат за ублажување на проблемите: добри резултати, успешни примери, нови идеи и програми во секојдневниот живот, уметност, култура, граѓански активизам, економија, теорија, спорт.

Нè интересираат луѓе, случувања, акции, уметнички дела, идеи, научни откритија, нови или стари теории, случувања од минатото, сето тоа на што му е заедничко активистичкото, инклузивното и напорите да се постигнат добри резултати.

Лице в лице како еколошко списание, се печати на рециклирана хартија, а е посветено на испитување на односот на поединецот и на неговото ментално и физичко опкружување.

Покрај физичкото загадување, изложени сме и на културна и на ментална вредносна контаминација. Се бориме за општество во кое економијата и екологијата ќе дејствуваат во хармонија.
Настојуваме да укажеме на облиците на системска ментална контаминација (медиуми, образование, јавно дејствување, пропаганда и сл.) на кои е изложено општеството и да поттикнеме некои акции што би можеле да ги ублажат последиците од тоа. 

Преку овие принципи  се трудиме да поттикнеме што повеќе луѓе и да ги помрднеме од фотелјите во акција, од набљудувачи кон учесници.

Кога пишуваме, известуваме, рецензираме, правиме интервјуа, фотографираме, дизајнираме, дебатираме и полемизираме, кога зборуваме за настани, акции, појави, успеси, последици, планови, резултати, уметност, правда и економија, технологија и земјоделство, здравство, историја, екологија, храна или спорт, секогаш ќе ни биде пресудно (секако, не и единствено важно) колку тоа случување, личност, организација, идеја, теорија или практика:
– придонесуваат за ублажување на кој било вид изолираност, исклученост или маргинализација или, за жал, влијаат за нејзиното настанување;
– колку се (искрено) во духот на концептот на одржливиот развој, колку влијаат на намалувањето на загадувањето или придонесуваат тоа да биде поголемо, колку придонесуваат за одржлива иднина;
– колку се во функција на јавниот интерес или колку го узурпираат.

Социјална инклузија, одржлив развој, родова рамноправност, демаргинализација, социјална економија, одржлив пазар на труд, активизам 

Сите оние што го гледаат светот со други очи, кои и нам ни помагаат во таа вештина. Тоа се тие што имаат што да кажат, но кои никој, или ретко кој ги прашува. Тоа се тие што секојдневно, вредно и покрај многуте тешкотии, работат за нашето општество да биде подобро. Тоа се  непознатите (или помалку познатите), кои се залагаат за слични работи секаде на светот.  Тоа се тие што на кој било начин се тргнати настрана, маргинализирани, тие што се малцинство, кои дејствуваат на маргините, како и тие што, борејќи се за основните вредности, имаат нови, добри идеи. Тоа се тие што нудат решенија.
Тоа се нашите продавачи, но и сите други со слични судбини. Тоа се луѓе и организации, институции, компании… кои се грижат. Тие што мислат дека има надеж и вреди да се потрудиш, тие што се трудат и покрај сè да им биде подобро ним и на другите. Тоа се тие што веќе здобиле име во својата професија, кои се борат за истите вредности како и ние, но и тие што сега почнуваат да ја градат својата репутација на исти принципи.

Лице в лице e простор и платформа за добри дела. Нема да се занимаваме со тие што го загадуваат и расипуваат, туку само со тие што се грижат да има подобар свет. Тој што го прави тоа, а не е споменат кај нас, ќе знае дека треба да се менува, да се активира, да се разбуди или само да се потруди повеќе.

Ние иницираме кампањи и акции, креираме содржини, но и практични совети, пласираме нови и различни мислења! 
Ја следиме активноста, поддржуваме и создаваме коалиции, шириме теориски, но и практични знаења и вештини, инспирираме акција.
Се обидуваме да воведеме нова, отворена, поинаква и поразновидна дискусија во јавниот дискурс. Дискусија што се однесува на темите во областите од неконвенционалното мислење, презентирајќи ја на нов, поинаков, провокативен и делотворен начин.


Во јануари 2025 година, „Лице в лице“ се придружи кон семејството на етички и професионални медиуми 

Како учесник на Journalism Trust Initiative (JTI), во јануари 2025 година, „Лице в лице“, го  објави својот извештај за транспарентност.

Поради растечката недоверба кон медиумите и новинарството како професија, „Лице в лице“ ја унапреди својата транспарентност со овој чекор. Со ова, како како непрофитен медиум и како единствено улично списание во земјава, „Лице в лице“ влијае на воспоставување и враќање на довербата која треба да ја имаат граѓаните во медиумите.

Извештајот за транспарентност е сертифициран меѓународен механизам кој ги наградува етичките новинарски и медиумски практики. Дизајниран како ISO стандард, инициран од „Репортери без граници“, беше развиен од 130 меѓународни експерти под покровителство на Европскиот комитет за стандардизација (CEN) и објавена како Договор за работилница CWA 17493, во декември 2019 година. Идејата е да се награди доверливото етичко новинарство и почитувањето на професионалните норми.
Повеќе од 1700 медиуми во над 100 земји се вклучени во овој механизам на JTI.

Извештајот на „Лице в лице“ е изработен врз основа овој мехазнизам од JTI. Одговорите се достапни на јавноста на овој линк. Извештајот, во овој момент, не е ревидиран од страна на независно, трето лице.

Повеќе информации за JTI има на овој линк.

 

ПОЧЕТОЦИ

Првиот број на „Лице в лице“  излезе на 15 септември 2012 година. Беше промовиран на Школка во скопскиот Градски парк. На настанот присуствуваа тие што застанаа зад списанието уште од првиот миг.

На промоцијата посетителите можеа да ја видат и изложбата на рачни изработки, оригами, накит од рециклиран материјал, и други предмети кои децата од Дневниот центар ги направија специјално за промоцијата на „Лице в лице“. Изложбата беше продажна, а собраните пари беа наменети токму за нив и за подобрување на условите на Центарот.
Гостин на промоцијата беше женското диџејско реге дуо Ели Раста Грл и Иренска, познати и како „Џам систаз“, кои беа меѓу првите јавни личности, покрај актерката Лабина Митевски и режисерот Дарко Митревски, Сергеј Андреевски и Дарко Панчев, кои дадоа силна поддршка за платформата „Лице в лице“.
На промоцијата на магазинот, Здружението за управување со пакување и со отпад од пакување „Пакомак“, кое е меѓу пријателите на „Лице в лице“ испрати и важни еко-пораки.
Им благодариме на сите тие што на кој било начин се придружуваат кон нашата иницијатива и кои помагаат оваа идеја да се шири и да добива нови поддржувачи.

Целата галерија од промотивниот настан за првиот број, ја има на следниов линк.