Доза вести

Започна теренската работа за Гаранција за млади: Поддршка за младите кон работа, обука или практикантство

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Коалиција СЕГА започнаа со теренската работа за програмата „Гаранција за млади 2025“. Оваа национална мерка има за цел да им овозможи на младите на возраст од 15 до 29 години, во рок од четири месеци по евидентирањето во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, да добијат конкретна понуда за работа, продолжување на образованието, обука или практикантство.

„Гаранција за млади“ е системски механизам наменет за поддршка на младите кои ја бараат својата прва работа или сакаат да ги унапредат своите вештини и конкурентност на пазарот на трудот.

Програмата е особено насочена кон младите кои не се вработени и не се вклучени во образование или обука (NEET), но е отворена за сите невработени млади лица кои се регистрирани во Агенцијата за вработување. Мерките што ги нуди програмата опфаќаат професионална ориентација и кариерно советување, обуки и поддршка при барање работа, субвенционирано вработување и самовработување, стимули за ангажман на лица со попреченост, обуки за стекнување квалификации и дигитални вештини, како и можности за домашни и меѓународни практикантски програми преку иницијативи како „Erasmus+“.

Преку овие активности, младите добиваат шанса да направат прв чекор во својата кариера, да се преквалификуваат или да изградат нови компетенции во согласност со потребите на пазарот на трудот.

Во рамките на теренската работа, НМСМ и СЕГА активно информираат и мотивираат млади лица да ги искористат можностите што ги нуди програмата, преку директни контакти, кампањи и соработка со организации и институции низ земјата.

Сите заинтересирани млади можат да го пополнат формуларот (достапен на овој линк) за вклучување и да направат прв чекор кон својата иднина. Лицата кои досега не се регистрирани во Агенцијата за вработување ќе бидат дополнително контактирани од теренските работници за детални насоки околу процесот на регистрација и приклучување кон „Гаранција за млади 2025“.

Напишете коментар