Доза вести

Започнуваат активностите на проекти што ќе поддржат над 1000 млади низ Северна Македонија

Денес, во организација на тимот на проектот RAISE CSOs – Резилиентни и Инклузивни Патишта за Социјално Претприемништво за Младите со локални граѓански организации во Северна Македонија, се одржа првата официјална средба со грантистите кои беа избрани преку јавниот повик за финансирање локални иницијативи.

На средбата грантистите добија детални информации за нивните обврски, очекуваните активности и процесите на спроведување во рамки на проектот.

Од вкупно 36 пристигнати апликации, беа одбрани 10 подгрантисти чии проектни идеи демонстрираат силен потенцијал за унапредување на социјалното претприемништво и подобрување на условите за живот на младите во локалните заедници.

Целта на проектите е да се зголемат можностите за економска интеграција на ранливите групи како роми, жени, лица со посебни потреби, долгорочно невработените кои што се далеку од вработување, да се поттикнат иновативни локални решенија и да се подобри стапката на опстанок на 30 социјални претпријатија, кои ќе бидат дел од пошироката поддршка во рамки на проектот.

На настанот координаторката на проектот, Анелија Митровска истакна

„Знам дека грантистите ќе бидат успешни при имплементација на нивните проекти и активности. Вистинските предизвици се мапирани кај целните групи и во исчекување сме на резултатите кои заедно ќе ги постигнеме“

Со поддршката што ја добиваат, грантистите ќе работат на зајакнување на капацитетите на локалните граѓански организации во промовирањето на социјалното претприемништво како алатка за социо-економска интеграција на младите. Проектните идеи имаат за цел да создадат поттикнувачки локални екосистеми во кои младите ќе можат полесно да пристапат до знаење, ресурси и нови економски можности.

Во рамки на јавниот повик, беа избрани следните 10 организации: Здружение на Бизнис Жени – Скопје, АДИ – Асоцијација за Демократска Иницијатива – Гостивар, ЗРА АКВА – Струга, CEED Македонија – Скопје, ЛАГ Агро Лидер – Кривогаштани, Младински Културен Центар – Битола, Здружение за Креативна Одржливост КОМБО – Скопје, Исчекор – Општество за сите – Валандово, Надеж – Македонска Каменица, ПроАгро Фармери – Струмица.

* Средбата е организирана во рамки на проектот Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемaштво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Северна Македонија со поддршката на ЕУ за граѓанското општество и медиумските организации во Република Северна Македонија, ИПА програма за граѓанско општество 2022-2023.

Напишете коментар