ЗЕНици

Запознајте го Сухамет, продавач на #Лицевлице

Време на читање: 2 минути
- банер -

Тивок, ненаметлив и насмеан. Таков е 22-годишниот Сухамет Мемиши, кој е меѓу поновите продавачи на „Лице в лице“.
Доаѓа од Дневниот центар за деца на улица, каде како дете учел и совладувал навики кои и ден денеска ги има како возрасен човек.
– Благодарен сум на она што го работи Центарот за мене и за другите како мене. „Лице в лице“ го знам многу одамна, благодарение на нив. Имав и обид да се вклучам во продажба, кога заедно со Тунан (поранешен продавач н.з.) бевме меѓу тимот продавачи. Тогаш немав доволно мотив, но сега имам, супер ми оди со новиот број и со картичките – вели Сухамет.

Неговото искуство во продажба со отпад, му донело информација дека сака да работи нешто поврзано со продажба, но поинаку.
– Таа работа е многу тешка и нечиста. Не можев да ја комбинирам со продажба на списанија, каде треба да си чист, насмеан, одморен, расположен. Затоа, се насочив само со списанијата и верувам дека ќе имам успех – раскажува тој.


Тој додава дека во секоја работа што е чесна, може да се има успех.
– Многу е важно кога гледам дека луѓето го ценат тоа што го работам. Јас со „Лице в лице“ чесно заработувам. На младите пак, кои не ја познаваат работата на продавачите, им порачувам да нè слушнат што им претставуваме. Знам дека ако слушнат, нема да потценуваат ниедна работа, па ни оваа. Јас имам и месарски занает, па некој може и за тоа да каже дека не е добра работа, но ете, јас велам дека чесната работа е добра и ништо не треба да потценуваме.

Голема поддршка за Сухамет е неговата тетка Зејнеп, која го исчувала и која се грижи за него.
– Благодарен сум ѝ, таа ми е како мајка!

Погледнете го видеото со Сухамет и поздравете го кога ќе го видите на улиците во Скопје

- банер -

Напишете коментар