Доза вести

Жените во медиумите обединети во мрежата „Еднаква“

Жените во медиумите обединети во мрежата „Еднаква“
Време на читање: 2 минути

Новоформираната Женска медиумска мрежа „Еднаква“ беше промовирана денеска во Скопје. Станува збор за неформална мрежа, која функционира во рамките на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), во која ќе може да членува било која жена од медиумите. Мрежата ја формираат самите новинарки и жени од медиумите.

Ова здружување доаѓа по неколку средби, но, и откако беше утврдена потребата за ваков вид делување. Мрежата ќе делува против неправдите, дискриминацијата, кршењето на правата на новинарките и медиумските работнички, но исто така, ќе понуди поддршка, разбирање, солидарност и гласност за овие предизвици.

Претседателката на координативното тело на „Еднаква“, новинарката Марија Митевска, на денешната средба кажа дека во разговорите кои претходеа на оформувањето на Мрежата, сфатиле дека проблемите се заеднички.
– Жените сè уште ја немаат моќта на одлучување во медиумите, на носење на клучните одлуки. Со солидарност и со обединетост ќе можеме да го промениме тоа. Ќе понудиме солидарност, поддршка, почит и разбирање – рече Митевска.
Таа посочи и на неколку предзивици на кои ќе работи „Еднаква“: онлајн вознемирувањето, заканите, уцените, потоа, подобрување на работничките права на жените во медиумите, како и подигнување на свеста во медиумите за родово сензитивните теми.
– Како што ќе ги детектираме проблемите, фокусот ќе се менува. Се надеваме дека голем дел од жените во медиумите ќе дојдат и ќе ги споделуваат нивните проблеми со нас.
Новинарката Маја Јовановска сподели дека на изминатите состаноци, работни групи и работилници учествуваале над 70 жени од различни медиуми.
– Кога говорат поединки, јавноста и нашата фела не ги сфаќаат нашите проблеми како проблеми на заедницата. Не сфаќаат дека се работи за системски проблеми. Затоа, сакаме да дадеме гласност на сите жени во нашата професија. Заедно да делуваме и да ги издигнеме нашите проблеми како сериозни предизвици со коишто се соочуваат – рече таа.
Новинарката Тамара Грнчароска посочи дека односот на општеството кон жените се пресликува и во медиумите. Таа сподели податоци од истражување кое го спроведедоа ССНМ и РЕСИС минатата година.
– Се покажа дека институциите не одговорија навремено и соодветно за да го заштитат дигнитетот на новинарките. Во редакциите не се спречува дискриминацијата и сексизмот на начин како што би требало, дури и се нормализира. Јас искрено не знам колега кој е прашан зошто дошол денеска вака на работа, зошто е нашминкан или не е нашминкан. Особено помладите колешки се прашани дали ќе формираат семејство. Јас не знам маж што е прашан дали планира да формира семејство. Сето ова нè насочи и нè наведе да бидеме гласни. Единствено солидарно можеме да се спротивставиме и да се обидеме да ја смениме перцепцијата и односот, не само во медиумите, туку и во општеството – рече Грнчароска.

Во наредниот период, преку ССНМ „Еднаква“ ќе информира како сите заинтересирани ќе можат да станат членки на мрежата со цел зголемување на бројноста и поголема репрезентативност во натамошното дејствување.

Формирањето на мрежата е поддржано од Британскиот совет, а спроведено од ССНМ.

Напишете коментар