Жено замолчи! И бркај си женски работи! Новинарки и активистки замолчувани преку онлајн насилство

Во Македонија, без разлика на возраста, да бидеш жена која се занимава со новинарство или активизам значи секојдневно да се соочуваш со предрасуди, омаловажувања и напади поради работата, но и поради тоа што си жена. Од „совети” – „да седиш дома и да готвиш“, до закани и организирани хајки, онлајн просторот овозможи говорот на омраза да стане сериозна алатка за замолчување на критичкиот женски глас кој го штити јавниот интерес.
Авторка на текст и дизајни: Бјанка Станковиќ
Фотографии: Freepik и Ирина Крстевска
„Тешко поднесувам поради моето семејство“
„Трауматично. Бев под голем стрес“
„Уште се борам со погледите на улица“
„Седи дома кувај ручек, појма немаш“
„Сум се советувала со колешки, но немам пријавено“
„Што ако пријавам, уште повеќе проблеми ќе си имам. Често се автоцензурирам и чекам да помине вревата“
„Собрав храброст и пријавив во Обвинителство. Имаше кривична постапка и пресуда против човекот кој јавно ме линчуваше“.
Вака новинарките во Македонија ги опишуваат дел од искуствата на дигитално насилство со кое се соочуваат.
Онлајн насилството не само што се нормализира, туку и еволуира со развојот на технологијата, оставајќи длабоки лични и општествени последици. Но ова не е нечиј став или мислење, ова е факт поткрепен со многуте домашни, регионални и светски истражувања кои потврдуваат дека дигиталниот линч е систематски обид да се задуши слободата на медиумите и демократијата.

Онлајн нападите на социјални мрежи, нарачани од различни центри на моќ и медиумските хајки од лица кои се претставуваат себеси како новинари, а всушност негуваат тесни релации со политички и економски моќните, станаа дел од нашето секојдневие – вака, Деница Чадиковска, уредничка за комуникации во Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), ја опишува ситуацијата.

Еден од најбруталните напади што ги доживеала Чадиковска се случил за време на истрага на ИРЛ која разоткриваше моќна медиумско-обвинителска мрежа чии членови, водени од лукративни интереси „гаселе“ судски случаи во кои државниот буџет бил оштетен за милионски суми. За само четири часа, поранешниот уредник на „Сител“ и сегашен менаџер на порталот „Вечер“, Драган Павловиќ Латас, објавил серија статуси на „Фејсбук“, таргетирајќи ги лично Чадиковска, уредничката Сашка Цветковска и тимот на ИРЛ.
Објавите поттикнаа бран од омраза и повици за линч и сексуално насилство. Тоа чувство беше, благо речено, згрозувачко. Возрасни мажи повикуваат на насилство врз две жени, а Латас, кој себеси се претставува како поборник за семејни вредности, активно го поттикнува тоа – сподели Чадиковска.
Но, зад навидум личниот напад, Чадиковска гледа јасна цел, а тоа е саботажа на новинарската истрага и обид да се замолчи критичкиот глас.
Целта е јасна: да нè заплашат, да нè дискредитираат и да спречат вистината да излезе на виделина – вели таа.
За случајот, ИРЛ реагираше јавно и истиот беше пријавен во домашни и во меѓународни новинарски организации: во ЗНМ, ССНМ и во Проектот за известување за организиран криминал и корупција, каде тие се членки.
Поради сериозноста на темата, оттаму ни беше доделено физичко обезбедување. Неизбежно е вакви настани да предизвикаат стрес, траума и страв, но тоа е цената што секој којшто сака да се бори за промени, се согласил да ја плати. Имам среќа што сум опкружена со храбри колеги и менторки, и со организации од земјава и странство кои прават сѐ за да ни помогнат, од психолошка поддршка до физичко обезбедување – посочува Чадиковска.
Како што вели таа, секој што ќе се замери со тие што имаат пари и моќ, станува мета. А кога жртвата е жена, ударот е уште попонижувачки, поемоционален и далеку побрутален.
Над 80% од новинарките во Македонија имале онлајн вознемирување
Од новинарките во Македонија, 81% се соочиле со некаква форма на онлајн вознемирување поради нивната работа, покажа истражувањето базирано на анкети со над 100 новинарки од домашната медиумска сцена кое го спроведе Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА) во 2022 година.
Ова истражување покажа дека постои системски проблем и негативен тренд на обиди за замолчување на новинарките преку разни форми на малтретирање преку Интернет.
Во моментот немаме толку опсежни податоци за сегашната состојба. Но со нашите активности со мрежата која ја опфаќа Програмата за жени новинари на ПИНА, имаме редовни контакти, средби и директна работа со значаен број на новинарки од цела Македонија, од каде и ги црпиме сознанијата за сите предизвици со кои се соочуваат новинарките и денес – вели Кристина Озимец, новинарка и претседателка на ПИНА, организација која со години ги актуелизира прашањата во јавноста кои ги засегаат жените во медиумите, нуди поддршка и поврзување на новинарките, како и да го подобрува нивниот напредок и позицијата во медиумите.
Ова го потврдуваат и податоците од платформата „Safe Journalists“. Од 2014 година наваму забележани се 26 примери на јавни закани, онлајн кампањи за дискредитација, неовластено објавување на лични податоци и оркестрирани напади преку социјалните мрежи врз новинарките во Македонија. Иако дел од инцидентите се пријавени до институциите, во најголем број случаи нема значајна реакција или санкција за сторителите.
Во Македонија, во текот на 2024 и 2025 година, поднесени се вкупно 5 случаи од новинарки до Секторот за компјутерски криминал, изјавија од Министерството за внатрешни работи за „Лице в лице“.
Од МВР појаснуваат:
– Секторот за компјутерски криминал, постапува по пријава само доколку се утврди кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ Член 394-г, и кривичното дело Член 144, ст.4, „Загрозување на сигурноста“, коишто спаѓаат во категорија на кривични дела што се гонат по службена должност.
Од друга страна, тие не постапуваат по пријави кои се однесуваат исклучиво на вознемирување, освен доколку при прегледот на пријавата не се утврдат елементи на друго кривично дело што се гони по службена должност. Ова значи дека пријавите за „вознемирување“ се гонат по приватна тужба, односно доколку оштетеното лице одлучи да поднесе тужба до надлежниот суд.
Но, истрагите поврзани со дигитално насилство кон новинарки, особено кога тоа се манифестира преку социјални мрежи, електронска пошта, и апликации за размена на пораки не одат така лесно. Една од најзначајните пречки е високото ниво на анонимност што го користат сторителите. Во пракса, тие често прибегнуваат кон креирање на лажни профили на социјални мрежи, користење на виртуелни приватни мрежи (VPN) или анонимизирачки сервиси како Tor, со цел прикривање на вистинската IP адреса и дигитален траг, користење на нерегистрирани SIM картички и платформи со енкриптирана комуникација.
Ваквите мерки значително го отежнуваат утврдувањето на вистинскиот идентитет на сторителот. Во голем број случаи се потребни меѓународна соработка и правна помош за да се добијат релевантни податоци од странски интернет-провајдери или социјални платформи.
Ова дополнително го нагласува и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од таму велат дека со развојот на новите технологии, дигиталните алатки и сѐ поголемата присутност на социјалните мрежи во секојдневниот живот, значајно се проширува просторот за можни повреди на човековите права.
– Сѐ уште постојат сериозни предизвици за навремено и ефикасно спроведување на истраги. Овие потешкотии најчесто произлегуваат од сложените и продолжени процедури за добивање меѓународна правна помош, особено кога се работи за кривични дела каде доказите се наоѓаат на дигитални платформи кои не се регистрирани во Македонија – велат од Хелсиншки за „Лице в лице“.

Од закани на Вибер до демнење на Инстаграм
Во медиумскиот и онлајн простор, најчестата форма на дигитално насилство врз новинарките и активистките се навреди и погрдни зборови за личниот изглед, а потоа и закани. Целта е да се наруши нивниот личен интегритет и да им се дискредитира работата. За жал, ваквите форми на дигитално насилство се нормализираа и со тоа станаа секојдневие.

Сум имала неколку искуства со онлајн вознемирување односно заканување, пишување и демнење по социјални мрежи, јавување по телефони со прашања зошто сум објавила нешто, со наредби да го избришам текстот на којшто работам итн. Поранешен министер преку порака на Вибер ми порача да го избришам текстот каде што се споменува тој. Би го издвоила случајот кога еден сведок во судски случај ми напиша „к***о, која си ти да ме пишуваш“ – споделува новинарката Фросина Факова Серафимовиќ.
Откако бил објавен нејзин текст за пресудата за судскиот процес за исчезнувањето и грабнувањето на младиот Самоил, во којшто беа напишани и имињата на дел од сведоците кои беа и јавно кажани при изрекување на пресудата, еден од сведоците ѝ се јавил на телефонот во редакцијата.
Почна да ми вика зошто сум го објавила неговото име, дека ќе ме тужи, а другиот сведок почна да пишува на Инстаграм и постојано ми праќаше барања за следење па ги повлекуваше, и така постојано. Нормално дека не ми беше сеедно. Не чувствував страв за себе, туку дека може моето семејство да го изложам на опасност – истакнува Факова Серафимовиќ.
Проблемот го споделила и во редакција „Фокус“ каде што работела и во Здружението на новинари, но не добила поддршка.
Потоа сама си напишав коментар во кој објавив кој се и зошто ме вознемируваа и аргументирав дека имам право да ги објавам тие имиња, кои пак ќе кажам, беа јавно кажани додека се изрекуваше пресудата. Но не престана демнењето на Инстаграм. Во координација со јавниот обвинител задолжен за комуникација со медиуми пријавив во полициската станица „Пролет“ каде има оддел за насилен криминал. Таму чекав, објаснував што ми се случило, пишував изјава, ми ги фотографираа вознемирувањата итн. И после пријавата, демнењето престана, иако не знам што конкретно се презело – споделува Факова Серафимовиќ.
Овој настан кај неа предизвикал автоцензура и престанала да пишува за темата, иако случајот сè уште не е расчистен.
– Ваквите закани без никаква заштита дефинитивно водат кон автоцензура. Новинарот се изложува на ризик, а институциите имаат ограничена можност да реагираат. За да реагираат, треба да имаш закани по живот или можеби да се реализираат заканите – вели таа.

Од септември 2023 до август 2024 година, БИРН евидентираше 366 случаи на повреда на дигитални права во Северна Македонија. Во поголемиот дел од случаите (298), жртви на нападите биле граѓани, додека државните институции биле цел во 51 случај. Во 200 случаи, самите граѓани биле наводни сторители на онлајн напади, додека во околу една третина од случаите (110) сторителите останале непознати.
Најчести категории на прекршувања се: друга манипулација во дигиталното опкружување (39.8%), говор на омраза и дискриминација (31.4%) и објавување лажни и непроверени информации со цел нарушување на углед (19.6%).
Кога приватниот живот станува мета на онлајн напади
Со вакви прекршувања се соочила и новинарката и активистка за родова еднаквост, Марта Стевковска. Таа работи во областа на родови дезинформации, што ја изложуваат на недолични коментари и навреди, како и откривање на лични информации и коментари на лична основа.
Во текот на моето новинарско искуство, по објавата на еден текст во „Либертас“ за анти-родовите движења и како дезинформациите кои ги пласираат влијаат на образованите процеси во Македонија, од основно до факултет, бев мета на навреди и недолични коментари. Мои лични информации, меѓу кои и дека имам ќерка беа објавени на страна на „Фејсбук“ на анти-родово движење. Бев опишана како „уште едно безвучно име, во обид да заработи титула `новинар` со текстови објавени на ЛГБТИ+ платформи и платени портали, со безочни лаги и манипулации”. Понатаму, во коментари преку линкови беше објавувана мојата досегашна работа, а беше и искоментирано и дека како мајка сум „срам и брука“ – изјави Стевковска за „Лице в лице“.
Кога се случил настанот, се почувствуала исплашено и непријатно. Сметала дека вознемирувањето и навредите ќе продолжат во нејзиното приватно онлајн сандаче.
– За среќа, не продолжија. Но, ме погодија коментарите на лична основа, неповрзани со работата или темата за која пишував. Особено ме вознемири коментарот за тоа каква мајка сум, некако го почувствував како голема навреда бидејќи веќе лично навлегуваше во мојот приватен живот – објаснува таа.

За настанот разговарала со колеги, колешки и пријатели, како и со други активистки кои биле мета на онлајн насилство на социјалните мрежи. Не пријавила поради лавиринтот во кој ќе се најде со институциите, но, вели дека сепак, не дозволува ваквите ситуации да ја обесхрабрат.
– Тешко е постојано да си на штрек дека што и да кажеш, напишеш, направиш, може да биде мета на навреди, говор на омраза, вознемирување… Бидејќи сум и новинарка и активистка за родова еднаквост, се наоѓам во ситуации како „меч со две острици“, особено на социјалните медиуми -вели Стевковска.

Жените кои јавно зборуваат (новинарки, активистки за човекови права, феминистки, ЛГБТИ+ поддржувачки и активистки за заштита на животната средина) често се мета на организирани дигитални кампањи. Во последните години, особено со зголемената употреба на социјалните мрежи, се забележува тренд на doxxing, манипулирање со лични податоци (вклучително и приватни фотографии), па дури и вербални закани со сексуално насилство.
– Кога се објавуваат адреси, телефонски броеви, информации за деца, роднини, па дури и рутини на движење, тоа отвора простор за физичко следење, вознемирување, а во некои случаи и реални напади. За новинарките и активистките, тоа значи компромитација на нивната работа, тишина наместо истрага, и изолација наместо јавен говор. Без соодветна заштита и институционален одговор, doxxing станува ефикасно оружје за загрозување на слободата на изразување – изјави м-р Лилјана Пецова Илиеска, експертка по дигитални права и претседателка на здружението ИМПЕТУС – Центар за интернет, развој и добро управување.

Според глобална анкета и податоци на Меѓународната федерација на новинари, дури 64% од новинарките се соочиле со онлајн насилство, од кои речиси половина (47%) не го пријавиле случајот. Истото истражување укажува на загрижувачки податоци за влијанието на онлајн насилството, предизвикувајќи сериозни психолошки последици, како стрес и анксиозност кај 63%, самоцензура кај 38% и губење на работното место кај 8% од новинарките.
Напади врз новинарките поради нивната работа, но и поради тоа што се жени
Онлајн нападите кон новинарките најчесто содржат родово мотивирани навреди и понижувања, со акцент на нивниот изглед или семејна состојба. Жените во медиумите се напаѓани не само поради нивната работа, туку и поради тоа што се жени.
Во последните три години Здружението на новинари на Македонија има евидентирано над 20 случаи на онлајн вознемирување и закани кон новинарки. Во најголем дел станува збор за сексистички коментари, говор на омраза и директни закани по безбедноста- велат од ЗНМ.
Онлајн вознемирувањето остава длабок психолошки товар кој често е невидлив за јавноста. Тој притисок не влијае само на нивното физичко и ментално здравје, туку и на професионалната самодоверба и желбата да продолжат со својата работа. Ваквите напади често доведуваат до автоцензура. Некои новинарки размислуваат и за напуштање на професијата поради постојан притисок и недоволна заштита, со цел да избегнат прелевање на вознемирувањето во физичката реалност.

Психотерапевтката Радмила Живановиќ потврдува дека новинарките и активистките на повеќе начини се изложени на секојдневната траума. Тие известуваат за истата и директно ги застапуваат гласовите на оние на кои не им е дозволено да зборуваат, што значи дека имаат значајна улога во однос на огласување на безгласните. Таа изложеност знае да биде доста оптоварувачка и да генерира огромен стрес, затоа што ја носат и немоќта на луѓето и нивните приказни и сопствената немоќ во општество кое не обезбедува никаква грижа ниту заинтересираност за значајните и битни проблеми.
Живановиќ потврдува дека новинарките и активистките на повеќе начини се изложени на секојдневната траума. Тие известуваат за истата и директно ги застапуваат гласовите на оние на кои не им е дозволено да зборуваат, што значи дека имаат значајна улога во однос на огласување на безгласните. Таа изложеност знае да биде доста оптоварувачка и да генерира огромен стрес, затоа што ја носат и немоќта на луѓето и нивните приказни и сопствената немоќ во општество кое не обезбедува никаква грижа ниту заинтересираност за значајните и битни проблеми.
Ова може да генерира и синдром на пострауматско стрес растројство доколку трае подолго време, без никаква можност за процесирање на изложеноста на траумата на другите. Од друга страна, да се биде гласен, отворен и не секогаш „послушен“ за одредени доминантни општествени структури, подразбира да се трпи дополнително системско насилство и загушување на значајните прашањата кои ги обелоденуваат новинарките и активистките. Изложеноста на социјалните медиуми и нерегулираноста на дигиталниот простор ги прави дополнително изложени на секаков говор на омраза, онлајн закани и навреди, сексистички коментари, омаловажувања и уште поголема девалвација на нивните капацитети и моќ за застапување и промена – вели Живановиќ.
Она што може да се појави, додава таа, се силна анксиозност и вознемиреност, психосоматски реакции на дистрес, огромна разочараност и повлекување од професијата, професионално согорување и депресивност, длабоко незадоволство и огорченост, нарушување на физичкото и психичкото здравје генерално, повлекување од значајните контакти и мрежи на поддршка, огромно чувство на страв и срам, себе-повредување, дирегулирање на односите со најблиските. И нивните семејства стануваат заложници на овие професионални кризи и злоупотреби.
Сето тоа поради непостоење на соодветна заштита и поддршка која е најзначајна во професијата, како и едно постојано убедување дека овие новинарки и активистки не си ја вршат добро работата, дека спинуваат и измислуваат ситуации, само за да го добијат медиумското влијание- истакнува Живановиќ.
На глобално ниво, истражувањата на Светската здравствена организација покажуваат дека секоја трета жена во текот на својот живот ќе доживее некаков облик на насилство. Се проценува дека секоја десетта жена веќе била жртва на сајбер насилство уште од 15-годишна возраст.
Женската солидарност како штит од онлајн омразата
Низ годините, обединувањетo и солидарноста се покажаа како најсилна одбрана кога поединецот е изложен на организирани брутални онлајн напади и насилство. Токму затоа кога новинарките и активистките се поддржуваат меѓусебно се создава безбеден простор за споделување на искуствата, јавен отпор и охрабрување да се побара одговорност од институциите. Неодамна, во оваа борба, се формираше женската медумска мрежа „Еднаква“, чија цел е да се обедини женската сила во медиумите.
– Една од целите на „Еднаква“ е да го регистрира секој вид на дигитално насилство и да биде простор каде секоја новинарка или жена вработена во медиумите најпрвин ќе има простор каде ќе биде ислушана и ќе добие поддршка, а потоа со помош на ССНМ кој е наш партнер ќе се пружи и поддршка во институционалната борба кога има потреба за такво нешто – изјави Марија Митевска, новинарка и претседателка на „Еднаква“.

Преку мрежата, новинарките се здружуваат за да делуваат посилно против секоја форма на дигитално насилство, но и да се справат со сите предизвици што ги носи професијата за жените во медиумите.
Дека се значајни заедниците на групна поддршка согласна е и Живановиќ, која вели дека ако случаите останат изолирани, тогаш се повеќе ќе има одлив на вакви капацитетни новинарки и храбри активистки.
За жал, повторно сето ова е оставено да се самоорганизира. Како општество не сме спремни да зборуваме и да работиме на професионалните ризици и оптоварувања, и повеќе сме свртени кон продуктивност и сензационализам. Првите чекори се секогаш многу порано отколку што можеме да видиме. Она што гледаме е најчесто веќе експлозија на набилданата тензија и фрустрација, несвесни дека сме можеле многу порано да се заштитиме. Генерално немаме искуство што значи да се грижиш за себе и да се заштитиш – оценува Живановиќ.
Новинарските редакции се првата линија на одбрана од онлајн напади и имаат клучна улога во поддршката и справувањето со дигиталното насилство. Навремената реакција, отпор, солидарност не само што ги прави овие редакции силни, туку и преку колективната заштита им нуди индивидуална безбедност на своите колеги.
Токму затоа, Живановиќ препорачува новинарките и активистките да се свртат кон професионалната заедница, барем кон оние членови кои имале слично искуство и да ги градат тие заедници на солидаризација со повредата, како и заедници на негување и поддршка на нивните капацитети. Исто така, советува таа, да лобираат за програми за поддршка за работа со секундарната трауматизација која ја создаваат поради тоа што ја носат приказната на обезгласените, да се вклучат во програми за професионални граници, како и освестување, препознавање и постапување во ситуација на силна трауматизација, програми за менаџирање на стрес, себе-помош и заштита, и грижа за сопственото ментално здравје.
Неопходни се институционални механизми за безбеден дигитален простор
За посигурен и поправеден медиумски простор потребни се промени во повеќе сектори. Дигиталните права сè уште не се системски и експлицитно дефинирани во македонското законодавство. Постои Закон за заштита на лични податоци, усогласен со GDPR (Општа регулатива за заштита на лични податоци). Сепак, неговата примена не е доволно проширена во секторските области што покриваат контекст на јавен говор и дигитална безбедност. Законот за медиуми и Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета не се прилагодени на дигиталната ера. Допрва ќе се имплементираат измените во Законот за медиуми, во делот на регулација на онлајн медиумите, со измените од април 2025 година, велат експертите.
Недостига стратегија за дигитални права со родова перспектива, бидејќи институциите слабо ги разбираат онлајн предизвиците на жените. Иако темата за онлајн вознемирување се отвора почесто во јавноста, реакциите на институциите се бавни и постапките долги и исцрпувачки, без ефективни казни за сторителите.
Од ЗНМ бараат измени во Кривичниот законик за родово-базирани напади, како и обуки за полицијата, обвинителството и судиите. Додека пак, Хелсиншкиот комитет препорачува засилување на капацитетите за прибирање дигитални докази и ратификација на меѓународни протоколи за побрза размена на информации.

Решението почнува од едукацијата
Дигиталното насилство врз жени, особено новинарки и активистки, не е нов проблем, токму затоа решавањето треба да започне од едукацијата. Потребно е поголемо разбирање на нападите во онлајн просторот, едукација за справување со родови дезинформации и превенција од дигитално родово базирано насилство.

Организации како ПИНА укажуваат на важноста од постојано, формално и неформално образование за медиумските работници, со цел да се следат трендовите и предизвиците во дигиталната сфера. Новинарството мора да се доближи до младите уште од рана возраст, за да се сфати неговата улога како чувар на демократијата.
Кога новинарките не се безбедни, ниту офлајн, ниту онлајн, јавноста останува без проверени информации, а тоа создава простор за пропаганда и дезинформации. Ова е директна закана за информирањето на граѓаните.
Потребни се поддржувачки механизми: психосоцијална и правна помош, заштита од секундарна виктимизација и доследна институционална акција. Заштитата на новинарките не е само прашање на родова еднаквост или работни услови, туку на заштита на демократијата. Без безбедни новинарки, нема слободни медиуми, а без слободни медиуми нема ниту слободно општество.

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.