Актуелно, Лице в лице

СРЦЕ ПОЛНО ЉУБОВ, СЕКОЈ ДЕН – 10 ГОДИНИ #ЛИЦЕВЛИЦЕ ЗАЛОЖБИ ЗА ПОДОБАР СВЕТ!

Време на читање: 2 минути

Со новиот производ, #ДобриКартички, платформата за одржлив развој „Лице в лице“, во чии рамки излегува и истоименото улично списание, годинава ја одбележува десетгодишнина од својата работа и постоење, што е една од бројните активности што се планираат.

– Прославуваме деценија од делувањето на мисијата преку која го унапредуваме квалитетот на животот на ранливите сограѓани, но, и укажуваме на потребата од постоење систем во кој сите се еднакви. Со новите картички, пак, посочуваме дека женските прашања не се само предизвици за жените, туку за сите нас. И со списанието редовно укажуваме на промените кои ни е се неопходни, ако сакаме да чекориме по пат во кој сите имаат еднаков третман и можности. Силно веруваме дека пораките од #ДобритеКартички ќе донесат гласност во борбата против (не)видливата дискриминација, но, и ќе ја поттикнат грижата за себе кај жените – велат од тимот на „Лице в лице“.

Првата едиција на „Добрите картички“ ја креиравме во соработка со нашата позната дизајнерка, Ружица Мандичевска – Руки Чуки.

– Се радувам на оваа иницијатива, посебно затоа што е дел од „Лице в лице“. Првичната идеја на повеќето илустрации е да се укаже на еднаковст и на прифаќање на различностите, и затоа, посебно сум среќна што одлично се вклопија во производот #ДобриКартички. Како секој да си работел на веќе зададена мисија, па се најдовме на кратко да го „официјализираме“ производот. Од друга страна, многу сакам родендени и честа да прославам 10 години заедно со „Лице в лице“ е огромна. Пораката е јасна, плус прилично шарена, па затоа, да ги загрееме пенкалцата за пишување картички. Споделете љубов, грижете се за себе и уживајте во секоја минута, порача Руки Чуки.

[foogallery id=”12984″]

„Добрите картички“, како „Срце полно љубов. Секој ден“, „Корисникот е недостапен. Ужива во времето посветено на себе“, „Раванија или револуција? Може и двете!“  и уште шест други, за почеток, ќе бидат достапни во книжарниците на „Три“, а во одредени периоди и поводи, ќе ги има и кај продавачите на „Лице в лице“.

Инаку, десетгодишнината на платформата за одржлив развој „Лице в лице“, низ бројки, се одбележува со 48 изданија, 3100 инклузивни страници, 150 вредни продавачи низ улиците на осум градови во земјава, 235.000 испечатени примероци, и огромен број соработници и поддржувачи.

„Лице в лице“ е улично списание (социјално претпријатие за работна интеграција) кое излегува од септември 2012 година.

Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач на терен или преку неговата веб продавница), или се вложува во инклузивни програми како поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд.

Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, печатење на списанието, развој на платформата за одржлив развој.

Списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – одржлив развој, социјална вклученост, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на списанието.

Напишете коментар