Доза вести

Сите бебиња од Мајчиниот Дом во Битола се сместени во групни домови

Време на читање: 2 минути

Ова е историски ден затоа што повеќе немаме деца од нула до три години сместени во институција, и тоа е голем исчекор за почитувањето на детските права и човековите права во нашата држава, истакна министерката Мила Царовска денеска во Битола, каде претстави еден од петте групни домови за сместување деца.

Дваесет и седум деца се сместени во мали групни домови во Битола и во нив има простор и за интервентно сместување.

– Познатиот Мајчин Дом во Битола кој згрижуваше деца од нула до три години денес се трансформира и сите дечиња се преселени во мали групни домови во кои што сите вработени се прераспоредени и ниту еден вработен не остана без работа. Обезбедивме соодветни услови, топлина и семејна грижа во која децата може да се развиваат и да го постигнат својот максимален потенцијал, а притоа ги задржавме стандардите на институцијата. Со оваа активност направивме многу за нашата држава, поставен е нов стандард, ново ниво за заштита на децата во нашата држава и горди сме на тоа – нагласи Царовска.

Според амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј, поддршката на проектот на Министерството за труд и социјална политика е мотивирана од желбата децата да бидат сместени во подобри услови, односно во домови.

– Овој процес е систематски и со цел да им се даде поддршка на децата и на семејствата во цела држава да може да ги одгледуваат своите деца и во таа смисла Велика Британија со задоволство сака да биде дел од овој владин проект – истакна амбасадорката Галовеј.

На отворањето на еден од петте групни домови во Битола присуствуваа претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и градоначалничката Наташа Петровска.

– Дечињата ги згрижуваме во подобри услови и во домашен амбиент. Но, објектот на Мајчиниот дом во Битола и понатаму ќе биде функционален затоа што дел од сместувачкиот капацитет ќе биде адаптиран за деца кои се сместуваат во детски градинки со што и нив ќе им излеземе во пресрет – истакна Петровска.

Напишете коментар