Доза вести, Лице в лице

Ученици во улога на уредници и новинари учеа за медиумска писменост

Време на читање: 2 минути

Со симулација на улога на „уредници“, ученици од гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје изминативе месеци имаа можност да дознаат како функционира една редакција во 21. век. Младите добија можност критички да размислуваат и расудуваат, да разликуваат факт од мислење и да препознаваат видови пропаганда.

Тие првично учествуваа на работилници и предавање наменети за развивање на медиумската писменост, што се одржаа во текот на месеците февруари, март, април и мај, организирани од Здружението Киматика. На нив, придржувани од истражувачки новинар, се запознаа со значењето на медиумската писменост, функционирањето на социјалните медиуми и улогата на медиумите воопшто.

„Во нашето медиумско-заситено општество, граѓаните постојано се судираат со напливот на информации, а се почесто дезинформации. Дигиталните медиуми, вклучувајќи ги тука мобилните технологии, веќе-распространетиот Интернет и екплозијата на социјалните мрежи, го трансформираа начинот на кој јавноста прима, процесира и создава вести. Медиумската писменост, а критичко-аналитичкото размислување особено претставува есенцијална вештина во новиот хипер-дигитален свет“, велат од Киматика.

Активностите се дел од проектот „Училница.ком“, со кои Мултиетничката организација „Мозаик -м“ и Здружението Киматика сакале да го зголемат интересот за медиумската писменост, да развијат критичко-аналитичко размислување и да ја подигнат свеста за влијанието на информациите врз целокупниот психо-социјален живот на младите.

„За време на работилниците учениците и анкетите од фокус групите ни потврдија дека ниската застапеност на темите од медиумската писменост во некои од наставните предмети понатаму се рефлектира како низок степен на отпорност кон феномените на „лажни-вести“, како што и потврдуваат и годишните анализи на Индексот за медиумска писменост во Европа рангирајќи ја нашата земја на ниско ниво“, сметаат од Киматика.

Покрај едукативните неформални содржини, учениците имаа шанса да добијат увид во работењето и функционирањето на еден истражувачки медиум – ПРИЗМА, интернет страница поддржана од БИРН Македонија.

„Она што претставува предизвик во иднина е подобрување на критичкото разбирање за медиумите преку неформални едукативни активности помеѓу граѓаните како би можеле да донесат информирана одлука за селекција и користење на содржините, препознавање на различни типови медиумски содржини и оценување на вистинитоста, веродостојноста и вредноста како и препознавање и справување со онлајн – безбедноста“, велат од Киматика.

Видео: Улогата на медиумската писменост

Напишете коментар