„Зеленград“: градот ги одби нашите предлози за решенија на локални урбани и еколошки проблеми
Советот на Град Скопје вчера го отфрли и вториот сет предлози изгласани од корисниците на платформата за директна демократија „МојГрад“.
-Владејачкото мнозинство одби да заземе став во врска со предлогот за стопирање на плановите за топилница за опасен отпад во Гази Баба, кој на „МојГрад“ доби 545 гласови, одразувајќи го силниот револт на локалните жители, велат од коалицијата „Зелен град“.
Предлогот за изградба на компостари во секоја скопска општина е отфрлен со образложение дека најпрвин требало да се прават анализи, па дури потоа да се основа меѓуопштинска соработка за негова реализација. За овој проект добиени се 457 гласа на платформата и би можел да го намали отпадот во Скопје за цели 60 отсто.
Третиот одбиен предлог кој на платформата „МојГрад“, воедно доби поддршка од 4.699 граѓански гласа, е за затворање на Зоолошката градина во Битола и е испратен до градоначалничката на општината Наташа Петровска.
-Ако по првата рунда се уште постоеше надеж дека градските власти во Скопје пристапуваат искрено, а не тенденциозно кон предлозите од „МојГрад“, таа дилема сега е дефинитивно решена. Не постои никаков реален изговор за континуираното игнорирање на волјата на скопјани, освен отпорот на партискиот естаблишмент кон идејата дека на граѓаните треба да им се дозволи да учествуваат во процесот на носење одлуки за нивното место на живеење, велат активистите чии предлози во Советот на Скопје ги поднесе советничката Драгана Велковска.
Тие сепак велат дека напорите да се изгради мост меѓу граѓаните и институциите преку МојГрад ќе продолжат и понатаму со доставување на најпопуларните предлози, преку воспоставениот механизам на платформата. Но, сметаат дека кога од другата страна не постои никаква желба за соработка во изградбата на тој мост, тогаш потребна е поинаква стратегија.
Затоа коалицијата „Зелен хуман град“ наското ќе соопшти следни чекори во битката за институционална промена и подобро Скопје.
Субвенционирани стерилизации и кастрации на миленици со сопственици и маалски миленици, пристапна инфраструктура за лицата што се движат на тркала и пренамена на комплексот фабрики „Купрум“ во студентски град се трите предлози кои минатиот месец исто така не беа прифатени од Советот да се стават на дневен ред.
Платформата „МојГрад“ е алатка на проектот „Зелен Хуман Град“ во кој учествуваат дванаесет локални граѓански здруженија, чија цел е во следните месеци оваа алатка да прерасне во масовен виртуелен форум и сервис за решенија на локалните урбани и еколошки проблеми.
Целта на „МојГрад“ е да промовира поинаков начин на одлучување за градските политики, преку враќање на моќта директно во рацете на жителите на Скопје, наместо кај партиските функционери.